Првата казна за пребрзо возење: Возел со 4 пати поголема брзина од дозволеното

Точка

12/05/2017

15:54

2.143

Големина на фонт

а а а

Волтер Арнолд ќе остане запаметен во историјата како првиот возач кој е казнет поради пребрзо возење, а овој прекршок е забележан во далечната 1896. година.

Кон крајот на 19. век, автомобилите биле егзотична и ретка појава на патиштата, со неизвесна иднина. Сепак, поединечни развиени земји почнале да воведуваат прописи кои ќе го регулираат сообраќајот на овој вид на возила. 

Така, во Британија било забрането да се вози со брзина поголема од 3 км/ч, а законот налагал дека во текот на возењето, пред автомобилот морало да пешачи лице кое ќе мавта со црвено знаменце и на тој начин ќе ги предупредува пешаците и останатите учесници во сообраќајот за доаѓањето на моторното возило. 

Споменатиот Волтер Арнолд добро бил запознаен со новите прописи, бидејќи тој е човекот кој е заслужен за експанзијата на автомобилизмот во Велика Британија. Арнолд бил еден од првите Британци кој добил лиценца за производство и продажба на автомобилите Benz. На тој начин настанал познатиот модел наречен “Arnold Benz”, кој потсетувал на тогашните кочии – но без коњи.

Токму овој модел е првиот автомобил чиј сопственик е казнет поради надминување на брзината. Имено, Волтер возејќи го овој автомобил во 1896. година, направил дури два сообраќајни прекршоци. Првиот бил тоа што немало човек со црвено знаменце пред него, а вториот, како што тврделе органите, возел со брзина од дури 13 км/ч, што е четири пати повеќе од дозволеното.

Не е познато како била утврдена брзината на возилото, но веројатно станува збор за приближна проценка. На Арнолд му била изречена казна во висина од еден шилинг и тој бил приморан да ги плати и судските трошоци.

Набрзо потоа, бил укинат прописот по кој морал да се движи пешак со црвено знаменце, а ограничувањето на брзината било зголемено на 23 км/ч.

Интересно е тоа што автомобилот со кој Арнолд возел во 1896. година е сочуван и потполно реставриран, а ќе биде изложен и на манифестацијата “Concours of Elegance 2017” (Конкурс на елеганцијата 2017), која се одржува во септември во Hampton Court Palace.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk