Чајот може да влијае врз епигенетските промени кај луѓето

Точка

17/06/2017

14:41

1.417

Големина на фонт

а а а

Веќе е познато дека многу надворешни фактори и начинот на живот можат да влијаат на епигенетските промени, а добар пример за тоа се изборот за начинот на исхрана, пушењето или изложеноста на штетните хемикалии.

Епигенетиката е наука која ги проучува модификациите во телото кои влијаат на тоа кои гени се исклучени, а кои вклучени. Новата студија која била спроведена на универзитетот во Упсала докажува дека пиењето чај кај жените може да биде поврзано со епигенетски промени во 28 различни генетски региони кои може да се поврзат со рак или метаболизмот на естрогени. 

Истите промени не биле воочени при консумирање на кафе, и општо истото не е забележано кај мажи кои редовно консумирале чај. Истражувањето опфатило примероци од ДНК кај повеќе од 3.000 возрасни лица кои учествувале во неколку различни истражувања во Европа. Анализата била прилагодена според возраста, полот и статусот на поединецот во однос на тоа дали тој е пушач или не. Притоа, не се достапни информации од тоа за каков вид на чај станува збор, но се претпоставува дека најверојатно се работи за црн чај, како најчесто консумиран.


“Не може да се каже колку долго и колку често некое лице треба да консумира чај за да доживее епигенетски промени, но се надеваме дека со тоа прашање ќе се соочиме во своите идни истражувања”, вели Вероника Ек, од одделот за имунологија, генетика и патологија на универзитетот во Упсала.

На кој начин овие промени се всушност поврзани со реалните резултати и понатаму останува неизвесно. Ек укажува на бројните истражувања кои покажале дека пиењето чај дефинитивно може да игра важна улога во сузбивање на напредокот на туморот, намалување на воспаленијата и намалување на нивото на естроген кај жените.

“Наведените епигенетски промени можат да бидат еден механизам позади забележаните здравствени ефекти”, објаснува Ек, додавајќи дека оваа теорија мора да се потврди и во поголеми истражувања.

Студијата е објавена во списанието Human Molecular Genetics.


Спонозорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk