Оливер Андонов го демантира Заев, не тужел само се жалел

Макфакс

14/09/2017

11:56

170

Големина на фонт

а а а

Оливер Андонов, поранешниот директор на Јавното претпријатие „Јасен“, реагираше на изјавата на премиерот Зоран Заев во интервјуто на 24 Вести дека тој покренал постапка за неговото разрешување, но го изгубил спорот пред суд.

„Во наведената емисија, во врска со поставеното прашање за незаконското разрешување од страна на владата на СДС на поголем број функционери или директори на институции и јавни претпријатија кои се случија во последниот период, а особено по распишувањето на локалните избори, господинот Заев изјави дека „…директорот на Јасен го изгуби спорот пред суд, тој беше меѓу првите, тужеше и го изгуби спорот пред суд . . .“ и со тоа се потврдило дека владата на СДС работела правилно, односно не направила прекршување на законите во врска со смената на функционерите и раководителите.

Со целосниот мој личен и професионален кредибилитет под целосна материјална и кривична одговорност, а особено морална пред граѓаните на Македонија, тврдам дека до денеска како поранешен в.д. директор на ЈП УЗПП „Јасен“ немам поведено ниту водено никаква судска постапка против ЈП УЗПП „Јасен“ или, пак, против Владата на Македонија, а не, пак, некаков судски спор кој наведно според него сум го изгубил. Едноставно кажано, не може да се изгуби судски спор кој не е ниту покренат.

На мислење сум дека господинот Заев, со цел да ги оправда противзаконските дејствија на владата на СДС во однос на смените што ги направи во институциите и јавните претпријатија, го зема директорот на ЈП „Јасен“ како пример за наводно законско работење на неговата влада во однос на видливите противзаконски разрешувања и еклатантното кршење на законите, статутите и деловниците за работа во институциите и јавните претпријатија.

Јас му препорачувам на господинот Заев пред да излезе во јавноста и отстапи од обид за јавна манипулација на граѓаните преку кажувања невистини, да побара од службите што му стојат на располагање (партиски на СДС или владини) појаснување за тоа што е судска постапка, а што приговор до Комисијата за спречување корупција и како и врз основа на што самата Комисија одлучува, а како се одлучува во судска постапка.

Не доликува господинот Заев, од позицијата од која настапува во јавноста и преку која се обидува да се идентификува и покаже „авторитет“ , да не им ја кажува вистината на граѓаните, туку при своите јавни настапи да покажува основно непознавање од областа на правната и административната и управна постапка и притоа да се служи со очигледни невистини, манипулации и дезинформации кон граѓаните.

Очекувам господинот Заев јавно да се извини на македонските граѓани затоа што ги манипулира и дезинформира и воедно да им појасни од кои причини тоа го прави, од неукост, немање административен капацитет или тенденциозно од лични или политички причини“, стои во реакцијата на Оливер Андонов.



Спонозорирани линкови

Маркетинг