СДСМ: Скапи екскурзии, лажни инвеститори и празни ливади се инвестициите на ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

14/09/2017

11:58

158

Големина на фонт

а а а

„Декласифицирањето на тајните договори на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ со странските инвеститори на виделина ја извади нејзината неспособност, немањето капацитет за отворање на нови работни места и расипничкото трошење на парите на граѓаните„, порача СДСМ преку соопштение реагирајќи на критиките од опозицијата околу странските инвеститори.

„За десет години владите на ВМРО-ДПМНЕ преку затворени, тајни договори, без никаков критериум потрошиле над 225 милиони евра пари на граѓаните, по основ на грантови и даночни олеснувања за 20.000 работни места, што во просек е по 11. 000 евра за едно работно место. Дури 70 отсто од вработувањата во директни странски инвестиции не се нови вработувања туку станува збор за преземање на веќе вработени лица. Со ова дополнително се потврдува дека владите на Никола Груевски воделе празни и погубни политики во привлекувањето странски инвестиции.

Во потрошените пари за странски инвестиции не се пресметани трошоците за рекламирање, скапите екскурзии наречени роуд шоуа на Груевски и соработнците, како и трошоците за лажните инвеститори како Субрата Рој и Моше Баум и празните ливади низ Македонија што со години изигруваат индустриски зони. Сето ова јасно докажува зошто Македонија со години е на последното место по странски инвестиции во регионот.

Владата предводена од СДСМ става крај на ваквото скапо политичкото шоу на ВМРО-ДПМНЕ. Со спроведување на новите економски реформи, Владата ќе отвори можности за реални странски и домашни инвестиции кои реално ќе ја намалат невработеноста и ќе влијаат на економскиот напредок. Домашните инвеститори ќе бидат израмнети со странските инвеститори. Секој инвеститор што планира нова инвестиција, без разлика дали е домашен или странски ќе добие од државата поволности и олеснувања. За таа цел, наскоро инвеститорите ќе имаат можност да се одлучат помеѓу неколку различи пакети што ќе нудат поволности во зависност од видот и големината на инвестицијата.

Владата предводена од СДСМ и парламентарното мнозинство продолжуваат да работат на намалување на невработеноста, зголемување на платите и пензиите, отворање нови работни места, зголемување на извозот и севкупен економски напредок„, порачуваат од СДСМ.



Спонозорирани линкови

Маркетинг