Отворено писмо на Илија Димовски до Талат Џафери

Макфакс

14/09/2017

12:30

441

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Илија Димовски упати отворено писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери во кое реагира на, според него, грубите прекршувања на процедурите поврзани со допнесувањето на Законот за употреба на јазиците.

„Недозволиво е во една демократска државата што претендира да биде дел од НАТО и ЕУ грубо да бидат погазени и прекршени сите процедури и регулативи што се наведени во Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија.Во вашата намера побрзо да го донесете Законот за употреба на јазиците се прекршени повеќе членови од Деловникот.

Го прекршивте член 118 став 4 од Деловникот кој јасно предвидува дека со одлука за основање на работни тела и анкетни комисии, се утврдува делокругот за работа и бројот на членови на комисиите.Во Одлуката за основање на постојани работни тела што ја има донесено Собранието на Македонија на 31.05.2017 јасно и прецизно е утврдена надлежноста на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.Во оваа одлука како надлежност на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е придвидено и правото на употреба на јазици и писма на заедниците. Според оваа одлука Законот за употреба на јазиците треба да се разгледува на оваа комисија како матично работно тело, а не на Комисијата за европски прашања.

Спротивно на оваа одлука и спротивно на Деловникот за работа на Собранието вие како матична комисија за разгледување на Законот за употреба на јазиците ја прогласивте Комисијата за европски прашања. Оваа Комисија никогаш досега не била прогласена за матична комисија за закон од ваков обем и ваква проблематика.

Го прекршивте член 135 став 4 во кој е наведено дека кога предлог на закон содржи одредби со кој се врши усогласување со правото на ЕУ во воведот на Законот се наведуваат и податоци за изворниот акт на ЕУ, со полн назив број и датум.Во воведот на Предлог законот за употреба на јазиците што е во собраниска процедура не постои и не е наведен никаков изворен акт на ЕУ со полн назив, број и датум, поради тоа што таков правен акт на ЕУ воопшто и не постои.Со ваквата постапка го злоупотребивте европското знаеме само со една единствена цел, во многу краток рок да се донесе Законот за употреба на јазиците спротивно на деловничките одредби, праксата и регулативите.

Го прекршивте и член 136 од Деловникот на Собранието. Овој член предвидува дека доколку предлог законот не е подготвен во согласно со одребите на овој деловник, а овој Закон не е подготвен согласно член 135 став 4, предлог законот не може да продолжи во понатамошна постапка.Бидејќи овој закон не е во согласност со одредбите од Деловникот, вие сте должен пред да го доставите до пратениците во рок од 15 дена да побарате од предлагачот да ги отстрани сите недостатоци и да го усогласи согласно деловникот, а доколку предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена се смета дека предлогот на законот не е поднесен. Во изминатите 15 дена нити е упатено писмо од ваша страна до предлагачот за отстранување на недостатокот, ниту пак недостатокот е отстранет.

Ги прекршивте и членовите 139 и 140 од Деловникот, каде што е регулирано дека и Законодавно-правната комсиија одржува општ претрес по предлог на законот во рамките на три дена. Законодавно-правната комсиија спротивно на овие членови по само еден ден дискусија наметна гласање.

Вакво грубо непочитување и кршење на процедурите не е видено досега во Собранието на Македонија. Да се прекршат сите процедури само за лични и партиски интереси е недозволиво.

Пратениците како претставници на граѓаните во Собранието, треба да се пример за почитување на законите, регулативите и прописите во Македонија. Поради овие причини бараме веднаш да се прекине процедурата и да се отстранат сите недостатоците како и неуставноста во законот.

Ве уверувам дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и колицијата „За подобра Македонија“ се спремни за дебата, но таа дебата мора да биде во рамки на процедурата и мора да е во рамки на Уставот.Со цел да запре процедурата, но да продолжи дебатата за овој предлог закон кој што е од поширок интерес, согласност со член 145 од Деловникот на Собранието на Македонија, бараме за овој предлог закон да се се спроведе јавна дискусија.На оваа јавна дискусија да ги поканиме сите засегнати субјети и стручни лица, како што се професори по македонски јазик, професори по албански јазик, професори по турски јазик, босански јазик, српски јазик, ромски јазик, влашки јазик, да поканиме професори од сите правни факултети во Македонија, професори по компаративно право, практичари и уште многу други кој што отворено ќе дебатираат за потребата од донесување на вака важен закон.

Уставот, Деловникот, законите и процедурите мора да се почитуваат“, стои во отвореното писмо на Илија Димовски упатено во име на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг