Михаела Норок во интервју за Точка: Ниту вирусите, ниту воените конфликти не ме спречија да ја доловам женската убавина

Точка

15/11/2017

23:37

6.162

Големина на фонт

а а а

Изминатите пет години домот на фотографката Михаела Норок (31) од Романија се 60-те земји кои ги посетила и пропатувала во потрага по убавината. Женската убавина. Со својот фотоапарат направила илјадници фотографии на жените кои ги среќавала низ градовите, селата, планините... кои ги сместила во проектот „Атлас на убавина“, од кој произлезе и истоимената книга. Тоа е дело за разновидната убавина на жените од целиот свет, за нивните животни приказни, нивните копнежи, сонови, секојдневие... кои се отсликуваат на нивните лица.

Разговорот со Михаела беше голем предизвик заради нејзиното патување. Сепак, неколкуте напори за остварување на ова интервју конечно се исплатеа. Таа е во Берлин и ја подготвува изложбата на фотографии која ќе биде отворена вечерва во Музејот на модерна фотографија. Во 30-те минути „Скајп“ муабет Михаела ни раскажа интересни доживувања од нејзиното петгодишно патување низ светот и работа на проектот „Атлас на убавината“.

Фотографирав над 2000 жени во 53 земји од светот. Дел од тие портрети се сместени во книгата насловена „Атлас на убавината: Жените од светот во 500 портрети“

Иако патот до остварувањето на проектот бил колку сладок и возбудлив, толку и трновит и полн предизвици, сепак финалното дело е мелем за очите.

Опкружени со убавина

Ова патешествие не било воошто лесно за неа, пропратено со многу опасни ситуации, напорна целодневна работа, истоштувачки патишта и разновидни вируси... И покрај се сподели дека би го поминала истото одново и одново.

Жена од племињата кои живеат во Долината Омо, Етиопија: заради високите температури, голотијата во оваа земја не е табу. Нејзиното племе се вика Даасанач и живеат во изолација од цивилизацијата со генерации

Во родната Романија доаѓа само на неколку недели за да се види со родителите и блиските пријатели и потоа одново му се враќа на светот, ставајќи нова географска локација на нејзината мапа. Го започнала патувањето во Етиопија, а потоа продолжила и низ другите земји во Африка, па Азија, Северна Америка... Австралија...


Сона. Катманду, Непал: Таа го славеше Холи, Хинду фестивалот на боите. Тоа е ден кога треба да простиме и да ни биде простено. Боите на нејзиното лице го симболизираат доаѓањето на пролетта кога доброто го победува злото

А, се' започнало како што вели таа искрено и спонтано. Испровоцирана од стеротипното мислење дека убавината ја има само во рекламите и модните списанија, одлучила да создаде дело со кое ќе докаже дека секоја жена на овој свет е убава. Дека носи своја автентична, единствена убавина. Ја вложила целата своја заштеда и започнала со создавањето на „Атлас на убавината“ - проект кој е многу повеќе од само женски лица. Тоа е доказ за животот на жената во различните делови од светот. Приказ на целиот нејзин свет. Тоа го препознале и сите оние кои ги виделе нејзините први фотографии кои ги објавила на социјалните мрежи и ја поддржале во остварувањето на проектот.


Катманду, Непал: Оваа прекрасна жена ја сретнав на улица. Не зборуваше англиски јазик, но нејзиниот син знаеше. Му кажав дека сакам да ја фотографирам неговата мајка. Ме праша зошто. Му одговорив: „Зашто е убава“. Се насмевна, ја погледна и ми рече: „Да, може“. 

„Сета убавина на жената е поврзана со маркетинг. Ако на „Гугл“ пребарувачот напишете „убава жена“, ќе се изнагледате манекенки и модели со совршени тела и лица. И тоа стана пример за убавина. За мене, убавината е да бидеме она што сме. Не треба да се менуваме, туку да бидеме она што сме и да се прифатиме себе си онакви какви што сме. Секој различно ќе ги гледа и доживува моите фотографии. И ќе донесуваат свои заклучови. Ова е искрен проект, кој се на девам ќе биде сфатен и како една лекција“ – ни кажа Михаела.

Книгата содржи портрети од жени во различни ситуации, различна возраст, боја на кожа, форма на тело, религија, националност...

Амал. Рамалахан, Палестинска територија: нејзиното име на арапски јазик значи „надеж“. Таа е палестинка која живеела во Саудиска Арабија уште од својата петта година. Ми раскажа: ‘Пред една година се вратив во Палестина за да студирам. Се почувствував како дома. Тука можам да бидам жена каква што сакам да бидам’

Започнала да патува пред речиси шест години со акцент само на неколку земји. Ги фотографирала луѓето кои ги среќавала и по една година, откако проектот станал многу популарен, сфатила дека реакциите се огромни и дека во пристапот треба да биде уште поодговорна и посветена.


„Целиот процес е особено интуитивен. Тоа е хемија што се случува во моментот меѓу мене и личноста која ја фотографирам. Толку природно и спонтано. Ако го планирав немаше да биде толку убаво“ – додаде таа.



Чичикастенандо, Гватемала: Многу жени од светот секојдневно носат големи животни товари: буквално и фигуративно. И носат со тоа достоинствено

Настојува да ги фотографира сите жени без шминка, но откри дека не секоја од нив се согласила на тоа. Некогаш за еден портрет и се доволни неколку секунди, а некогаш часови. Тогаш го минува денот со нив интервјуирајќи ги за нивниот живот. И тоа се моментите, како што сподели Михаела, за кои вреди да се истрпи секоја препрека, па ни раскажа:



„Жената која ја краси насловната страница на мојата книга ја фотографирав за само неколку минути. Бев во Индија и едно утро излегов да се прошетам покрај реката каде има Хинду аџии. Таа беше една од нив. Беше седната покрај реката. Ја прашав дали смеам да ја фотографирам. Се согласи. Направив неколку фотографии и се заблагодарив и продолжив понатаму. Беше магичен момент. А, имав уште многу такви во моето патување. Само треба да сме отворени за да ги видиме. Овој проект и фотографијата како израз ми даваат можност да ги „отворам“ очите пошироко и да ја видам убавината што не опкружува.“

Анаис. Берлин, Германија: Нејзината мајка е од Мали, а татко и од Франција. Кога патува во Мали луѓето ја сметаат за бела, а кога е во Европа ја сметаат за црна. Но, таа вели дека се чувствува и како Африканка и како Европејка

Научив да се сакам

Бомбардирани сме со „убавината“ од модните писти и списанија, кампањи кои имаат за цел да го поттикнат потрошувачкиот апетит и кои имаат големо негативно влијание на сфаќањето на здравиот концепт за убавина.

Михаела Норок

Книгата на Михаела и нејзините фотографии се потсетување и инспирација за различноста и разновидноста на убавината. Дека не постојат правила како треба една жена да изгледа за што Михаела сподели:


„Останатите култури се под големо влијание на западниот начин на перцепција на убавината. Во Азија и Африка се продаваат средства за белеење на кожата, што е многу лошо. Треба да се почитуваат и сакаат такви какви што се. Тоа е она што и јас го научив од овие патувања и од работата на „Атлас на убавината“. Имам многу повеќе самодоверба, имам разбирање за многу жени во светот и низ што се поминуваат. Го почитувам она што го имам. И токму тоа ме прави убава.“


Самира. Адис Абеба, Етиопија: Додека ја шетав оваа прекрасна земја видов многу пријателства недопрени од религиските разлики. Самира е муслиманка. Ја сретнав во кафуле каде седеше со нејзината пријателка христијанка. Самира за мене значи надеж, зашто е личност која го прави светот подобро место за живеење.

Од 2013 година патува постојано, со куси паузи кога нејзиниот буџет е речиси испразнет. И во ниту еден момент на искушение кога се соочувала со сложени формулари за апликација за визи, со вооружени банди, чудни вируси... не се откажала зашто смета дека жената е чуварот на светот и на традицијата. Како мајка, но и социолошки жената е поврзаната со домот и нејзиното место на раѓање. Затоа и и било предизвик да ги фотографира жените и нивните различни светови на постоење.


„Бев пријатно изненадена од емотивната топлина и отвореност на луѓето во Иран, кои многу ми помогнаа во реализирањето на фотографиите таму. И токму оттаму, по Романија, имам најмногу следбеници на социјалните мрежи. Ме воодушеви дарежливоста на народот во Мјанмар. Сето она што го имаат го споделуваат со другите. Ќе ја издвојам и искреноста на рускиот народ и страста кон животот на бразилците, како и традиционоста, но и во исто време модернизацијата на Јапонија. Од негативните аспекти ми пречење загаденоста во Кина, сиромаштијата во Чиле (земја која во медиумите се презентира како една од најразвиените во светот?!) и колебливоста на јапонците да ми помогнат во проектот...“

Вакан коридорот, Афганистан: таа работеше на поле во еден од најпрекрасните делови од земјата. Природата е чудесна, но животот е тежок. Заради воените конфликти во Афганистан таа не излегла никогаш од селото и затоа нема можност да го подобри нејзиниот живот

Секоја нејзина фотографија е поткрепена со животната приказна на жената пред нејзиниот објектив. Запознала многу интересни личности меѓу кои: поп пејачката од Исланд, продавачката на зеленчук во Гватемала, пилотката на хеликоптер која работи за мексиканската полиција, поетесата која преживеала рак, медицински сестри, фотографки, докторки... Жени од Берлин па се' до Токио, муслиманки, христијанки, хиндуистки...

Хавана, Куба: Не е ниту актерка, ниту моделка. Ниту пак има таков сон. Сака да го заврши училиштето и да биде медицинска сестра


„Убавината е во разновидноста. Во уметноста да се биде природен и автентичен, а не во расата или социјалниот статус.“

Махса, Техеран, Иран: нејзиното име на персиски значи „месечина“. Како адлолесцентка татко и инсистирал таа да ги избере студиите по медицина и да биде доктор, но Махса била повеќе заинтересирана за графичкиот дизајн. Горда е што од 18-тата година е независна финансиски, а во иднина планира да отвори нејзина фирма


„Додека ги фотографирав жените немаа цврста самодоверба во однос на својот изглед. Но, откако ги видоа нивните портрети и коментарите под нив сфатија колку е уникатна нивната убавина. Ние, жените сме убедени дека треба да изгледаме некако, без да бидеме свесни дека го поседуваме се' она што ни треба. Затоа уште од мали нозе треба да ги воспитуваме девојчињата дека треба да се самоуверени во својата убавина.“






Пишува: Гордана Настевска Манасиевска

Фото: Михаела Норок (Атлас на убавина)



Спонзорирани линкови

Маркетинг