Едина Муса за Точка: Убавината ми е предност затоа што правилно ги играм картите

Точка

18/12/2017

13:09

37.504

Големина на фонт

а а а

Едина Муса (26) јавноста ја знае како една од најдобрите и најубавите кошаркарки, која игра во дресот на КК „Вардар“. Но, во последниве месеци приоритетот го има фитнесот - нејзина втора љубов и страст.

Веќе неколку години таа е професионален фитнес модел и тренер во фитнес центарот на хотел „Park Hotel & Spa“ во Скопје.

Таму ги правеше и подготовките за Светското првенство во фитнес (2017 IFBB World Fitness Championships), кое се одржа од 1 до 4 Декември во Бијаритс, Франција. Оттаму Едина се врати со освоено 12-то место, успех на кој е многу горда зашто фитнесот е спортска дисциплина која бара повеќе годишна посветеност, а таа успеа да се подготви за само неколку месеци и да влезе во полу-финалето.


Ова учество вели Едина ќе го памети како исклучително убаво искуство од кое многу научила. Како јавна личност и особено атрактивна девојка, постојано е фокусот на медиумите за случувањата во нејзиниот професионален, но и приватен живот. Поучена од досегашните грешки, токму тој, интимниот дел од животот силно го чува од очите на јавноста без желба да сподели повеќе детаљи. Сепак, ни откри дека во последниве неколку месеци е слободна и потполно посветена на професијата.

Дисциплинирана до перфекција

Фитнесот е спортска дисциплина која навидум изгледа лесна, но во суштина е многу макотрпна и бара голема дисциплина. Како течеа подготовките за ова натпреварување и физички (вежбање, исхрана) и психолошки?

Ова е сосема нов спорт за мене (многу поразличен од кошарката и рекреативното вежбање фитнес) и затоа морав да вложам многу труд и да бидам максимално дисциплинирана и тоа не само во вежбањето, туку и во исхраната, која игра важна улога во постигнувањето совршена форма. Секој ден беше посебна борба. Во тие шест месеци подготовка наутро и навечер правев кардио тренинзи помеѓу кои имав редовен и тежински тренинг. Тоа значи дека тренирав 2 до 3 пати на ден. За одмор го имав само последниот ден од седмицата.

Како спортистка тренинзите физички и психички ме исполнуваат и не ми се проблем. Исхраната во подготвителниот процес е најголемиот предизвик, но во тој аспект бев особено фокусирана и дисциплинирана. Затоа и успеав да го доведам телото до форма за која отсекогаш посакував. Психолошкиот дел е всушност најтешкиот. Максимумот лесно може да го дадам кога телото прима храна и ги внесува потребните хранливи материи. Но, кога ќе бидат елиминирани изворите на енергија и тоа на подолг временски период, телото почнува да троши од вишокот. Кога и тоа се потроши, јас продолжив со исто темпо на тренирање, но секојдневните животни функции стануваа се потешки. Чувствував константен умор, пад на концентрацијата... Енергијата ми беше на ниско ниво.


Се соочивте ли таму со сериозна конкуренција?

Критериумите беа високи. Сепак се работи за Светско Првенство во кое учествуваа професионалци. Девојките беа преубави и физички особено подготвени. Зад себе имаа сериозни тимови од фитнес тренери, тренери за позирање, нутриционисти и се што е потребно за успех на едно вакво првенство.

Што научивте од ова патување?

Ова учество е преголемо искуство за мене. Увидов дека со максимален труд и дисициплина можам да постигнам се. Но, треба трпение и истрајност. За се треба и време.

Како се вљубивте во фитнесот и како тоа премина во професија?

Отсекогаш го сакав фитнесот. Покрај кошарката, таа дисциплина ми беше втора љубов. Во Америка завршив факултет по Кинезиологија, играв колеџ кошарка и работев како кондиционен тренер на Тенискиот тим на самиот универзитет. Кога се вратив тука аплицирав за работа како фитнес тренер и еве веќе три години го работам тоа во кое најмногу уживам во фитнес центарот на хотел „Park Hotel & Spa“.

Кошарката е сега во втор план или?

Во последниве неколку месеци кошарката „ја тргнав“ на страна поради подготовките за Светското првенство во фитнес. Како и да е од јануари повторно ќе ме гледате во црвено-црниот дрес на КК „Вардар“.

Кошарката и фитнесот се два различни спорта. Кошарката е колективен и бара многу енергија на терен и недисцилината во исхраната не е пресудна, додека кај фитнесот токму нутритивните вредности имаат најважна улога и секој мал прекршок влијае на формата на тело на која напорно се работи.


Значи професионалниот фитнес бара и одредени жртви во начинот на живеење?

Да. Многу посветеност, пожртвуваност, дисциплина и работа. Особено во периодот на подготовки пред некој натпревар живеам во мој свет. Секој ден е борба да не се откажам, да го дадам максимумот на секој тренинг, а при тоа да останам дисциплинирана во исхраната.

Како изгледа Вашето мени тогаш?

Варира во зависност од целта и од тоа колку седмици има до натпреварот. Како што се наближува датумот исхраната станува се поригорозна. Воглавно се фокусирам на протеинска храна, а јагле-хидратите и здравите масти ги „држам“ на минимала. Секојдневно трошам многу повеќе калории отколку што внесувам. Храната ми е варена без никакви зачини. Колку почисто јадам, толку подобри резултати имам.

Вљубена во животот

Влијае ли сето ова и на приватниот живот?

Секако. Затоа и немам многу слободно време. Кога ќе го „начекам“ го користам за одмор.

Имате ли момче, партнер кој Ве подржува во сето ова и Ве бодри?

Не, немам момче. Но затоа се тука семејството и пријателите, кои беа моја поддршка и мотивација во текот на целиот период на подготовки и воопшто во животот. Нивната позитивна енергија и љубов имаат голема улога во секој мој животен успех.


Значи не сте заљубена како што се „шепоти“ низ градот?

Сум, ама во животот што го живеам и луѓето со кои секојдневно сум опкружена (моите најблиски). Едноставно уживам во непредвидливоста на деновите и можностите што ми се пружаат.

Како го поминувате секојдневието кога не сте на тренинг? Во кои нешта уживате? Што ве прави среќна?

Кога не сум на тренинг сакам да се дружам со луѓето кои ми значат. Си го почитувам сопственото време и настојувам да го минам квалитетно. Ноќниот живот во последно време не ми е толку атрактивен, ама го обожувам театарот и горда сум на тоа што можам да кажам дека нема претстава што не сум ја изгледала, а да била на репертоар во некој од нашите театри.

А, што ме прави среќна?! Малите секојдневни нешта. Знам да уживам во сѐ, па затоа и постојано сум насмеана. Освен кога сум на диета. Но, тоа е сосема друга приказна (се смее)


Сакам да бидам мајка

Кои моменти од животот досега ги паметите како особено убави и зошто? А, кои најтешки и полни предизвици?

Најубавите моменти ми се моите лични успеси. Секогаш си поставувам цел и секојдневно работам за нејзино достигнување. Кога имам цел се посветувам на тоа, напорно работам, имам самодоверба и максимална мотивација и затоа постигнувам успеси, кои ми ја хранат душата и умот. Радост ми се сите достигнувања, како на спортско, така и на едукативно поле. Во однос на тешките моменти, во животот можам да пребродам сѐ со лесно срце но загубата на драга личност не. Смртта на мојот најдобар другар е нешто со кое сеуште не можам да се соочам и прифатам.

Како би се опишале себеси како карактер? Кои се вашите доблести и маани?

Многу енергична и позитивна личност која го сака и ужива во животот. Спортски тип кој сака предизвици и секогаш наклонета кон успех. Личност која сака да патува и да запознава нови луѓе и култури.

Какви се вашите мечти за во иднина, професионално што би сакале да постигнете, а што би сакале приватно да остварите? Каков живот посакувате?

Професионално отсекогаш сакав да имам ординација за физикална кинезитерапија. Тоа е нешто што сакам да го работам на подолг период. Приватно ми е многу важно да станам мајка. Премногу сакам деца и тоа ми е најголемата желба во животот. Сакам авантуристички семеен живот. Многу сакам да патувам и да посетам колку што можам повеќе места во светот.


Како особено убава жена и многу шармантна, го сметате ли тоа за предност или пак понекогаш знае да биде и проблем, особено во комуникација со мажите?

Секогаш е предност ако знаете правилно да ги одиграте тие карти (се смее).

Ми споменавте дека во минатото повеќе сте сакале да носите фустани и високи потпетици, а дека сега најудобно се чуствувате во џинс, па дури и за вечерни излегувања. Како би го опишале вашиот стил?

Да, како помлада повеќе уживав да облечам по некое фустанче или здолниште. Сега пред сѐ сакам да се чуствувам пријатно. Мојот стил би го опишала како Мodern Casual.

Освен спортската облека, имате ли во плакарот други интересни модни парчиња во плакарот?

Да, 80 отсто од облеката ми е спортска ама имам и по некој елегантен фустан или корсет за посебни прилики. А, тука се и восоките потпетици и чизми кои ги комбинирам и со џинс.


Едина досега учествувала на два фитнес натпревари. Првиот во октомври годинава, на државно ниво каде го освои првото место во нејзината категорија, а била прогласена и за Апсолутен победник во Фитнес Бикини категоријата. Овој успех и овозможи учество на Светското првенство во Франција овој месец, каде го освои 12-тото место

И покрај силната конкуренција, Едина од Светското првенство во фитнес, се врати дома со освоено 12-то место успех на кој е особено горда


Сигурна во себе, спортската модна облека на неа изгледа особено секси


Денес Едина е една од најпознатите и најатрактивни македонски професионални фитнес модели, која е голем интерес на медиумите


Подготовки за Светското првенство во фитнес центарот на хотел „Park Hotel & Spa“, Скопје

Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Бојан Стоилковски
Шминка: Фросина Фран Ангеловска
Локација: Fitness Park & Park Hotel & Spa“, Скопје



Спонзорирани линкови

Маркетинг