Збогум на Старата, добредојде на Новата година: Со возбуда кон иднината

Точка

03/01/2018

14:55

6.359

Големина на фонт

а а а

Ниту една година не е совршено позитивна и убава, ниту пак крајно непријатна и трауматична. Во 365-те дена доживуваме најразлични ситуации, еден микс на разновидни, пријатни и непријатни искуства кои го сочинуваат и животот и го прават богат и интересен.

Кога не би било така, не би ни можеле да стекнеме сознанија за тоа што сакаме, а што не сакаме. Не би ни можеле да се откриеме себе си. Така и 2017-та ја испраќаме со благодарност за се што ни подарила и за се што не поучила и ѝ се отвораме на Новата 2018-та со силна надеж за нови предизвици, остварувања и успеси.

Токму во тој контекст ја создадовме и оваа фотосесија за Точка, со двете прекрасни девојки, ТВ водителката Ведрана Ѓорѓевиќ (30) и асистентката на Филозофскиот факултет Олга Оровчанец (26), кои ги симболизираат Старата и Новата година и двата сегмента, јинот и јангот, од кои е сочинет животот. Тие споделија многу нешта за доживеаните моменти во изминатата и очекувања и желби во претстојната 2018-та година.


Ведрана Ѓорѓевиќ: Ја сакам вистината колку и да боли

Не случајно го носи името Ведрана. Зашто е токму таква ведра, насмеана со несекојдневна духовитост и шарм. Личност која со својата отворена енергија и емотивна мекост може да го разубави сечиј ден. Ја помниме како манекенка, а најмногу како ТВ водителка на неколку проекти, особено во ТВ емисијата „Тротоар“ каде остави и најсилен печат. Веќе две години е повлечена од јавноста и е посветена на остварување на сопствените желби и сонови, а секако и на блиското семејство од кое е поддржана за секоја одлука и потфат.


Помагам без очекувања 

Пред само неколку дена се врати од Холандија и Германија, едно од неколкуте патувања во 2017-та година. Тие се се нејзина страст и ја прават среќна. Сака да истражува нови места, култури, традиции, храна... и затоа секое место за неа носи нова магија. Се надева дека и Новата 2018-та година ќе ѝ донесе нови авантури. Од годината што одминува вели дека ќе се сеќава на новите нешта што ги научила, убавите луѓе кои ги запознала и новите искуства.

Како и за сите и за неа секоја година е полна искушенија од кои учиме важни животни лекции. Од она што го доживеала во 2017-тата сфатила дека најдоброто што може да го направи за себе е да се прифати таква каква што е. Да биде среќна и задоволна и секогаш на врвот на нејзините приоритети. Од досегашните искуства научила како да ги чува и негува вистинските пријателства. Да ги избира внимателно и да се потруди да внесе позитивна енергија во нивниот живот, ако не може да направи нешто повеќе за нив. Со тие размисли ќе влезе во Новата 2018-та година.


- Најубаво е чувството кога за некого правам нешто без очекување да добијам за возврат. Тоа е “win – win” ситуација – ни кажа Ведрана, и откри дека секој момент настојува да го поминае колку што може поквалитетно, да научи нови работи и да ужива.

- Научив дека иднината не треба да е планира. Знаете за изреката која вели дека Бог им се смее на нашите планови. Најчесто кога нешто планирам и имам големи очекувања, следува и големи разочарувања. Што значи; помалку планирајте и дозволете си повеќе спонтани доживувања.


Има многу желби и мечти за во Новата година и ни откри неколку... Оваа година се надева дека ќе диши почист воздух и ќе има околу себе луѓе со убава енергија. Посакува да има помалку гнев и омраза, а повеќе љубов и разбирање.

Само квалитетна емисија може да ме врати

Во однос на професијата од водителството паузирала зашто за неа телевизијата станала медиум на на кој младите се помалку посветувале внимание. И не ги обвинува заради тоа, туку појаснува дека се е последица на слабиот квалитет на програмската шема, која не нудела интересни и урбани содржини, кои можат да го задржат вниманието на гледачите. 


- Забележувам дека во последно време се променети многу нешта во програмите на телевизиите. И ако се случи некој интересен проект би се согласила да се вратам на екраните, зашто сепак телевизијата е мојата прва љубов – сподели Ведрана на која понекогаш популарноста ѝ годи откривајќи дека почесто луѓето ѝ го препознавале гласот, отколку ликот, иако никогаш не работела во радио.

Талентот треба да се открие уште од мали нозе, смета Ведрана и верува дека секој човек има талент за нешто. Себе си си остава отворен простор за истражување нови таленти. На пример, последната работа што ја открила за себе е уживањето во процесот на шминкање.

- Да ми кажеше некој дека ќе ме привлече токму оваа работа, немаше да му верувам, зашто сите кои ме познаваат знаат дека не користам шминка и дека сакам природен изглед. Но, шминкањето е уметност со која секоја жена ќе се чувствува поубава.


- Но, не запираат тука нејзините интереси. Голема мечта уште од малечка ѝ е да има хотел и ресторан покрај море. Верува дека соништата се остваруваат, но за да се случи тоа треба многу работа и упорност.

Поучена од многу нешта, сега сосема поинаку реагира и во приватните и професионалните конфликтни ситуации. Вели дека како и секој човек има одреден праг на толеранција, но дека кога ќе се премине границата практикува да игнорира. 

- Тоа боли повеќе отколку кавга – додаде.


Ѝ пречи што на одредени луѓе им дава можност, иако не го заслужуваат тоа. Ама не почитува лицемерни личности. Ја сака вистината, колку и да е болна, па ни кажа: - Знаете како велат, вистината боли во моментот, а лагата заекогаш. Сами ја создаваме среќата. А, јас сум среќна што секој ден се будам жива и здрава. Моето куче ме прави среќна, исто како и убавото сончево време, пријатните луѓе и патувањата...

Наскоро во февруари ќе го слави 30-тиот роденден кој планира да го одбележи со незаборавна забава на која ќе ги покани сите луѓе кои ги сака и почитува.

- Одреден период паузирав од ноќниот живот во Скопје. Повеќе шетав во странство отколку тука. Но, еве сега планирам да се вратам на голема врата. Не знам што нуди сега нашиот град во однос на забава, ама другарките ми се доволно љубезни и ми направија агенда каде се ќе шетаме оваа зима – додаде со насмевка.


Се трудам мојот љубовен живот да остане во рамките на потесниот круг пријатели и семејството. Кога ќе се случи нешто важно, ќе дознаете 

- Семејството ми е најважно, а потоа се друго. Од 2013-та па до денес има еден датум кој е најважен за мене. Роденденот на внук ми Дамјан, 27 ноември, кога станав тетка и така ја добив најубавата улога во животот

- Највредните нешта не се купуваат со пари. Внатрешната убавина е секогаш примарна. Ако сме исполнети емотивно тоа ќе се одрази и на нашата убавина. Се друго може да се среди со шминка.


- Последните неколку новогодишни вечери ги прославила надвор од Македонија и затоа овој пат одлучила да остане во Скопје и да прослави со најблиските другарки

Олга Оровчанец: Допрва ќе правам луди нешта за љубовта

Животот и студиите во Берлин ѝ се големо животно искуство, каде ѝ се отвориле нови хоризонти и ѝ откриле еден сосема нов свет и начин на живот, со кој била задоволна. Сепак, останувањето во Берлин не била амбицијата на Олга Оровчанец, асистентка на Филозофскиот факултет во Скопје и голема вљубеничка во модата. Образованието таму било експанзија на дотогашната едукација, која сакала и се уште сака да ја искористи тука во Скопје. Паралелно студирала филозофија на Филозофски Факултет во Скопје и економија на SEEU – Скопје, а потоа ги запишала и мастер студиите по филозофија на политика на УКИМ и дополнителните предмети ги слушала и полагала во Берлин (на „Freie Uni Berlin“).  


Помирна за разлика од 2016-та

Филозофија ѝ била голема љубов. Фасцинирана од големите умови низ историјата, филозофијата ја смета за изворот на сето знаење и целата наука. Таа ги поставува клучните прашања за прогресивниот развој на човештвото.

- Да бидам искрена, на некој чуден начин сè потекува од филозофијата и секаде е имплицитно или експлицитно присутна. А, Економскиот факултет го студирав заради семејниот бизнис. Сакам да бидам поуспешна во раководството и растот на компанијата – додаде, а за враќањето во Скопје ни кажа:

- Многу нешта ме враќаат назад, дома. Пред сè, навиките и начинот на живот во Скопје. Моето семејство и пријателите се нешто што не може да ми го замени животот во странство.


Како и Ведрана, која за оваа фотосесија беше во улогата на Старата Година 2017-та која полека ја испраќаме, така и Олга која ја претставува Новата Година 2018-та, патувањата се омилената активност. А, патувала многу... Од најпознатите метрополи па се до најскриени и непознати дестинации: Камбоџа, Виетнам, островот Пу Кок, Мароко, Грција, Хрватска, Италија, Австрија...

Старата 2017-та ѝ поминала „помирно“ во споредба со 2016-тата, кога имала повеќе активности, настани и патувања. Приоритетно во оваа година ѝ е завршувањето мастер и запишување докторски студии.

- На времето што одминува гледам поучно, а на иднината многу амбициозно! – ни откри Олга која во годината што доаѓа има многу планови, како учењето уште еден јазик.


- Сакам уште поинтензивно да се посветам на работата на факултет, да запишам докторски студии, да посетам нови егзотични дестинации (како на пример: Занзибар, Кејп Таун - Африка или можеби Јапонија, Јужна Кореа или Кина) и да откријам нови нешта. Имам една мала, нова желба, да се насочам можеби малку и кон новинарството – ни откри.

Естетика од секој аспект

Светот секогаш го перцепира од позитивната страна. Темпераментна по природа, сака секој ден да ѝ е максимално исполнет. Ги почитува луѓето и не суди мникому и за ништо зашто сметам дека секој си го живее животот уникатно, на свој начин и тоа е право на избор.


- Нештата што ги негувам се грижата за себе си, убавината и здравјето, обврските кон блиските. Како и постојаната едукативна и работна навика и просперитетот. А, кога доживувам некоја непријатна ситуација и кога некој ќе ме повреди, знам целосно да се повлечам, не се расправам, но едноставно ги оттргнувам целосно од себе – ни откри Олга, која е критична и кон себе си, па додаде со насмевка: - Ми пречи тоа што секогаш доцнам. Но, работам на тоа да се поправам. Кај другите пак не ми се допаѓа кога не си го одржуваат зборот, кога нѐ почитуваат, ако не се заложуваат за сопствената едукација и кога не внимаваат на себе си.


Културата, основните секојдневни навики, амбициите, посветеноста, искреноста, но и силниот карактер се многу значајни за секого е нејзиното мислење.

Среќна ја прават блиските луѓе и секој миг поминат со нив. Успесите во животот. Убавите дестинации и патувањата. Некоја добра и поучна книга. Паметен совет. Вкусна храна и добро вино. Уметноста и естетиката особено. Сака добра претстава, ужива во добра изложба, во посетата на култните музеи низ светот. А, тука се и музиката, модата и добриот шопинг.

- Литературата ми е огромна пасија. Читам искрено сè, од наука, па се до романи и белетристика. Секоја книга ми е добредојдена во одреден период. Читам секојдневно. Читам и на македонски, на србски и хрватски, на ангилски и на германски јазик.. Би ги издвоила особено делата на пост-модерната филозофија како Керкегор, Ниче, Фуко, Сартр, Дерира, Ками, но и современиците. Сакам да бидам во тек со настаните, со новитетите во светот: во литературата, во уметноста, во политиката, можеби затоа читам сè! 


- Да, вљубена сум. И допрва ќе го направам најлудото нешто за љубов

- Духовита и ведра, се труди секогаш да внесе позитивна енергија секаде


Убавината ја гледам со очи широко отворени. Верувам во убавото, верувам дека постои, дека е сè присутно и треба само да се потрудиме да го пронајдеме 

Пишува: Гордана Настевска-Манасијеска
Фото: Бојан Стоилковски
Стајлинг и шминка: Фросина Фран Ангеловска
Локација: ноќен клуб „Минус Еден“, Скопје 



Спонзорирани линкови

Маркетинг