Мицкоски до Вучиќ: Законот за јазиците и лошите економски резултати ја влечат Македонија назад

Макфакс

14/02/2018

11:56

250

Големина на фонт

а а а

Регионалните предизвици, начините за интензивирање на соработката и стратешките интереси на Македонија и Србија биле во фокусот на разговорите што денеска ги оствариле претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ информираат дека Мицкоски ги посочил водењето на добрососедска политика и меѓусебното разбирање и почитување како трајна добивка за регионот. Мицкоски истакнал и дека Македонија и Србија споделуваат повеќе заеднички вредности, но и предизвици поврзани со членството во НАТО и Европската Унија, па, според него, потребни се соработка и размена на искуствата, како и отворен и транспарентен пристап од двете страни.

„Мицкоски го информира својот соговорник и за состојбата во Република Македонија, при што изрази загриженост за недостигот на демократски капацитет на Владата за издржан дијалог, опасноста од политичкиот терор што се спроведува врз политичките неистомисленици, како и немањето сериозен концепт за важните прашања од сферата на надворешната политика, каде што клучна е заштитата на државните и национални интереси. Мицкоски додаде дека наметнувањето теми, како законот за јазици, немањето концепт за економски развој, немањето реформски правец и поразителните економски резултати придонесуваат за слабеење на стандардот на граѓаните, нешто што ја влече државата наназад и ја оддалечува од стратешките интереси за членство во НАТО и ЕУ“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Соговорниците постигнале согласност дека Македонија и Србија треба да ја интензивираат соработката и дека тоа е единствениот начин на напредок на регионот кој треба да ги надмине ретроградните процеси од минатото за што се потребни визија и капацитет.

Ова е трета средба од балканската агенда на претседателот Мицкоски и потпретседателот Николоски, каде што, освен со претседателот на Србија, Вучиќ, беше остварена средба и со хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ, Пленковиќ, и словенечкиот лидер на СДС и поранешен премиер, Јанез Јанша.



Спонзорирани линкови

Маркетинг