Податоците на корисниците загрозени со месеци: Гугл ја гаси својата социјална мрежа

Точка

09/10/2018

16:33

800

Големина на фонт

а а а

Угледниот американски весник "Wall Street Journal" во понеделникот објави приказна за можно големо протекување на приватни кориснички податоци на социјалната мрежа Google+. Од компанијата соопштуваат дека потенцијално се загрозени околу 500 илјади корисници.

И покрај тоа што оваа мрежа никогаш во целост не заживеа, Гугл од само за нив позната причина, во последните седум години ја одржуваше во живот. 

Меѓутоа, оваа пролет поточно во март, е откриен проблем со безбедноста на приватните податоци на корисниците на оваа социјална мрежа. Како што наведува "BBC", компанијата знаела за оваа информација, но одлучила да ја задржи во тајност.

Протекувањето на корисничките податоци, како што е познато по примерот на Фејсбук, не е невообичаено, но тоа им носи многу лош публицитет на компаниите поради што Гугл одлучи да го скрие целиот случај. Овој безбедносен пропуст наводно се појавил од 2015 и траел се' до март оваа година, кога конечно бил решен. Од компанијата тврдат дека немаат информации за тоа дали некој бил свесен за ваквиот пропуст но и дали некој го искористил за собирање на податоци.

Помеѓу податоците кои завршиле или можеле да завршат во сопственост на некоја трета страна се наоѓаат и имињата на корисниците, нивните e-mail адреси како и податоци за нивните занимања, пол и старост. Тоа се инаку податоците кои самите корисници ги внеле при пополнување на профилите.

Google+ беше покренат во 2011 година како социјална мрежа која требаше да стане главна конкуренција на Фејсбук, но за релативно кратко време можеше да се види дека тој обид е осуден на неуспех.



Спонзорирани линкови

Маркетинг