Заев по повод 11 Октомври: Патриотизам значи да го почитуваме минатото, но и да изградиме стабилна иднина

Макфакс

11/10/2018

13:51

393

Големина на фонт

а а а

Премиерот, Зоран Заев присуствуваше на заедничката прослава во организација на општините Прилеп и Куманово на големиот државен празник 11 Октомври, Денот на народното востание, којашто се одржа во централното градско подрачје во Прилеп.

„Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Република Македонија, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато. Но, патриотизмот не завршува тука. Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го почитуваат само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Патриотизам е да ја осигураме иднината на нашата земја и нашите деца. Tука да создадеме можности за нашите синови и ќерки, во Македонија. Тоа e патриотизам. И затоа и денеска можеме да кажеме дека сме повторно пред историски избор. Оваа генерација треба одлучно и храбро да го направи исчекорот за остварување на нашата стратешка цел во оваа фаза од нашата историја – Егзистенција за секого. Европски животен стандард. Осигурани граници. Безбедност. Стабилност. Признаен идентитет. Сето ова преку членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија“, истакна премиерот во своето обраќање на свеченоста.

Пред присутните граѓани се обратија и градоначалниците на општините Прилеп и Куманово, Илија Јовановски и Максим Димитриевски кои ја пренесоа пораката дека за прв пат се случува ваков тип на заедничко прославување и дека треба да се продолжи и во иднина во европски дух да се слави овој голем државен празник.

По завршувањето на официјалниот дел од настанот, Заев и градоначалниците ја посетија зградата Участакот во којашто пукнала првата пушка која го означила почетокот на Народно ослободителната борба на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија од фашистичката окупација.

Во рамки на прославата се одржа и виртуелна графичка презентација на востаничката епопеја на градот Прилеп, и импровизиран напад на три локации во градот.

Премиерот, покрај од градоначалниците на општините Прилеп и Куманово, беше придружуван и од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и пратеници од Собранието на Република Македонија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг