Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет: Ништо не е помоќно од силата на народот!

Точка

19/04/2016

10:55

12.239

Големина на фонт

а а а

Прочитајте го интервјуто со Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Жена со цврсти ставови, која се залага постојано за правата на македонскиот народ, жена која докажува со години наназад дека не само мажите можат да бидат успешни, силни, издржливи.

За себе вели дека никогаш не можела да издржи неправда, никогаш не можела да толерира притисок, угнетување и исклучување. Нејзината мотивација произлегува од нејзиниот порив да се бори против неправдите и угнетувачите.

За нејзе најголема мотивација е слободата за која сите ние се бориме.

Неколку денови наназад во Скопје се спроведуваат протести против одлуката на Иванов, кое е вашето мислење за моменталната ситуација и како мислите дека истите ќе резултираат?

Уранија Пировска: Протестите претставуваат кулминација на незадоволството на граѓаните од целокупната состојба во земјата години наназад. Одлуките на Иванов за аболиција претставуваа иницијална каписла за разгорување на револтот на граѓаните и нивната борба за подобра иднина во Македонија. Очекувам дека токму ваквиот порив на граѓаните може да предизвикаат промени.

Да тргнеме од гледна точка на тоа дека на самите протести беа приведувани и повредувани протестанти, од каде таа сила да се нападне некој кој го искористува своето право на протестирање?

Уранија Пировска: Ваквото однесување претставува многу пати применувана пракса за време на протестите, со цел да се репресира гневот и да се прати пораката како ќе поминат сите кои што се спротивставуват на власта. Мислам дека тоа веќе нема ефект. Граѓаните се детерминирани да си ја вратат одземената слобода во земјата и да си ги вратат институциите кои им припаѓаат.

На што се резултат контра протестите според вас?Уранија Пировска:

Секако дека се резултат на притисоци и страв. Ова особено е изразено кај државните службеници и другите вработени во државните институциите и јавните установи. Сепак, имам чувство дека се помалку овие методи успеваат и дека се помалку се успева да се огранизираат јаки контра протести.

Дали мислите дека во блиска иднина ќе има можност да се спроведат демократски избори, ДИК велат дка списокот е пречистен и дека има услови за демократски избори... дали е навистина така? Дали власта и опозицијата се подготвени за демократски избори?

Уранија Пировска: Апсолутно нема услови за фер и демократски избори. Не станува збор само за избирачкиот список кој не е пречистен туку и за сите други реформи кои требаше да се спроведат, а не се спроведоа. Извештајот на Прибе беше основа за зацртување на реформските приоритети. Речиси ништо од тоа не е имплементирано. Тука особено се важни реформите во судството, медиумите и секако одвоеноста на партијата од државата. За избори не смее да стане збор сè додека овие реформи не се спроведат.

Сакаме да влеземе во ЕУ, сакаме да напредуваме како држава, но што е тоа што нè кочи?Уранија Пировска:

Укината е правната држава и владеењето на правото. Институциите, судството и медиумите се под потполна контрола на власта. Потребно е повторно да ги воспоставиме темелите на пправната држава за да можеме во иднина да размислуваме за нашето членство во ЕУ.

Протестите ги нарекуваат сдсмовски, но бројот на граѓаните кажува многу повеќе, дали според вас протестите имаат партиска позадина или се севкупност на незадоволството на граѓаните?

Уранија Пировска: Нормално е опозициските партии да бидат вклучени во протестите ако се има предвид дека се бориме за иста цел. Меѓутоа, во моментот воопшто не станува збор за тоа дека луѓето кои протестираат се приврзаници на СДСМ. Во моментов протестираат сите граѓани што сакаат промени, слобода и правда! Протестите се пред сè израз на граѓанството во Македонија.

Дали вие како Хелсиншки комитет превземате мерки за заштита на граѓаните чии права се прекршени во текот на протестите? Каде можат да се обратат оние чии права се загрозени?

Уранија Пировска: Ние вообичаено ги набљудуваме протестите и постапуваме по сите прекршувања кои што ни ги пријавуваат граѓаните. Уште на почетокот објавивме апел граѓаните да пријавуваат и при првите приведувања пружавме бесплатна правна помош и заштита. Продолжуваме тоа да го правиме.

Кон какви идеали се стремите преку Хелсиншкиот комитет?

Уранија Пировска: Заштитата на човековите права е мандат на Хелсиншкиот комитет и секако дека идеалот кон кој се стремиме е обезбедување на услови во земјата за доследно почитување на слободите и правата на луѓето, правда и достоинствен живот.

Се залагате за мир и коректно однесување на граѓаните за време на протестите, но еден дел не успева да се придржува кон доброто однесување... како се справувате со тоа?

Уранија Пировска: Во услови на висока мобилизација на протестите, ммногу тешко можат да се контролираат и изблиците на насилство. Сепак, граѓаните конечно јасно и гласно се противат на криминалите и неправдите што оваа власт ги предизвика. Не можеме да гарантираме дека во секоја ситуација можеме да спречиме насилство или друго насилно однесување.

Кое е според вас најлошото можно сценарио што може да следи?Уранија Пировска:

Јас не размислувам за лошите сценарија затоа што овој пат народот е тој што излезе на улица за да си ја врати одземената слобода и правда. Ништо не е помоќно од силата на народот. Тој ја дава, но и ја одзема власта. Мислам дека овој пат навистина народот ќе одлучи!

Какво е мислењето на вашите европски колеги во однос на одлуката на Иванов и моменталната ситуација?

Уранија Пировска: Мислам дека чинот на Иванов можеби е уникатен ако се има предвид дека тој донесе одлука за колективна амнестија со што се постави над собранието кое го има тоа ексклузивно пправо. Во повеќе сегменти изврши противправен удар со овој чин особено што дел од амнестираните се осомничени за кривични дела во постапките што ги покрена СЈО. Јас деновиве добивам пораки од своие колеги во регионот и пошироко во кои што се изразува загриженост но и чудење од степено на бескрупулозност во незаконитоста на овој чин.

Кое е вистинското решение за подобра иднина на РМ?Уранија Пировска:

Промена на власта но на избори само кога ќе бидат имплементирани реформите, кривична одговорност за сите кои што ја злоупотребиле својата функција и сториле кривични дела, што секако значи СЈО да функционира без попречувања. Само доколу тоа се исполни можеме да разговараме за повторно воспоставување на темелите на правната држава.

Која е најмоќната порака која ја гледате во последно време кај младината на РМ?

Уранија Пировска: Младите се дел од протестите и тие уште со окупацијата на Универзитетот ни ја дадоа лекцијата како треба да се опстојува на ставовите и да не се потклекне на притисоците. Младите луѓе покажаа неверојатна храброст и инвентивност во пораките до власта како и во акциите што ги спроведуваат. Тие се неизоставен дел од борбата. Тие се оние што мотивираат и инспирираат.




Спонзорирани линкови

Маркетинг