Познатиот англиски теоретски физичар, космолог и еден од најголемите научни умови на денешницата, чие дело влијаеше на современата теорија на општата релативност и квантната механика, уште од 1963 година боледува од амиотрофична латерална склероза (AЛС).
Кога на Стивен Хокинг му била дијагностицирана таа тешка прогресивна невромоторичка болест, докторите му давале најмногу уште две години живот. Меѓутоа, тој овој понеделник го прослави својот 76-ти роденден.
AЛС е тешка болест, од чии последици заболените најчесто умираат во првите пет години. Меѓутоа, Хокинг се бори со неа повеќе од пет децении. Сепак, поради болеста тој поминувал низ различни тешки состојби.
Кога во 1985 година страдал од сериозни последици поради воспаление на белите дробови, тогашната сопруга на Хокинг го одбила предлогот на докторите да се разгледа неговото исклучување од апаратите за одржување во живот. Тој тогаш се наоѓал во кома, која била предизвикана од лекови во една болница во Женева.
“Докторите мислеа дека нема да се разбудам од кома, па ѝ предложија на Џејн да ме исклучат од апарати. Таа тоа го одби. Инсистираше да ме врати во Кембриџ. Следните две недели под интензивна нега беа најтешкиот период од мојот живот”, раскажа Хокинг во документарниот филм за себе во 2013 година.
Судејќи по сè, случајот на Хокинг е редок исклучок, кога станува збор за неговата болест. Стивен бил дијагностициран со АЛС кога имал само 21 година. Докторите не му давале шанси дека ќе го дочека својот 25-ти роденден, но тој вчера наполни 76.
“Токму поради тоа што секој ден може да ми биде последен, јас постојано имам желба максимално да ја искористам секоја минута”, истакна Стивен Хокинг во документарниот филм “Hawking: Brief History of Mine”.