Мартин Видоевски за месец Март: Јас сум сè во едно - тренер, издувен вентил и психијатар

Точка

28/02/2018

15:19

10.514

Големина на фонт

а а а

Март ќе го одбележи Мартин Видоевски, професионален фитнес тренер, виновник за добриот изглед на многу урбани момци и девојки во Скопје. Ова е и месецот кога тој ќе го прослави својот 32-ри роденден.

Сосема типично за родените во хороскопскиот знак Риби, кои ги краси длабока емотивност и тој со нежност зборува за неговата ќерка која се роди пред само неколку месеци, без да открива повеќе детали за приватниот живот. Но, со одговорите на овие прашања ни откри по нешто за карактерот и начинот на размислување и живеење.   


Која е Вашата најголема доблест и маана?

Најголема доблест е мојата точност и педантност, но тоа често пати ме доведува до нервоза заради животниот стил на повеќето Македонци. Се обидувам да го почитувам моето и туѓото време и затоа секогаш сакам да сум точен. Кај нас, за жал, тоа не функционира! А, сакам и кога сè е на свое место.

Дали персонален фитнес тренер значи и личен психолог? 

Во странство, персонален фитнес тренер е оној кој врши надзор во однос на правилно изведување на вежбите и нивна правилна комбинација, со цел добивање на саканата цел на клиентот. Кај нас персонален тренер значи: тренер, психолог, другар, издувен вентил, психијатар... ?


Како дете што сакавте да бидете кога ќе пораснете?

Да бидам пензионер.

Што друго умеете да направите, а малкумина знаат за тоа?

Умеам да готвам добро, ама не го споделувам тоа со сите.


Дали сте романтичен и како го искажувате тоа?

Романтика и љубов и изразувам само на мојата сопруга Загорка. Тоа ѝ припаѓа само неа и не е за споделување.

Пред неколку месеци се роди Вашата ќерка. Колку и како таа го промени Вашиот живот? Уживате ли во татковството?

Да. Сега сето внимание е насочено кон неа, што е и очекувано. Моите приоритети се сменија и велам дека таа е најдоброто нешто што ми се има случено!


Која е Вашата животна цел, професионално и приватно?

Сон ми е да го правам тоа што го сакам. Го живеам мојот сон секојдневно. Сакам да го обезбедам најдоброто за ќерка ми (планирам тоа да биде надвор од Македонија, или како и да се вика земјава - не пратам политика). Професионално мечтаам да направам фитнес центар сосема различен од понудава што сега ја има во градот. Стремам натаму.

Прекар по кој сте познат меѓу пријателите?

Ме знаат како Мартин Мускул. Тоа е прекарот што си го носам уште од средно школо.

Дали сте зависник од видео игри?

Не играм видео игри. Не сакам таков вид “активност” која се извршува седејќи.


Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Бојан Стоилковски
Стајлинг и шминка: Фросина Фран Ангеловска
Локација: Хотел „Парк“, Скопје



Спонзорирани линкови

Маркетинг