Пролетта наскоро пристигнува, што значи крај за дебелите зимски јакни и нивна замена со потенки и полесни јакни.
Тексас јакните се дефинитивно еден од најпопуларните избори бидејќи се лесни за комбинирање, а изгледаат многу атрактивно.
Меѓутоа, многу мажи не знаат како правилно да ја вклопат тексас јакната со својата гардероба, па затоа одлучивме да ви дадеме неколку совети:
Тексас јакна и црни фармерки или панталони
Избегнувајте да носите тексас јакна со класични фармерки – потрудете се бојата на вашите фармерки да биде неутрална. Црната боја најдобро се вклопува со тексас јакните бидејќи прави добар контраст.
Белата маица под тексас јакната е едноставна но ефектна комбинација која ќе направи да изгледате привлечно. Ако на ваквата комбинација додадете и црни панталони, тогаш ќе добиете одлична комбинација на која ниту една дама нема да може да одолее.
Тексас јакна со дуксер или тренерки
Многумина од вас не би помислиле да носат тексас јакна со тренерки, но ваквиот тренд се носи веќе неколку сезони. Пожелно е да носите дуксер со качулка, бидејќи со тоа ќе го комплетирате спортскиот изглед во кој јакната одлично ќе се вклопи.
Тексас јакната одлично одговара со сите модели на патики така што не мора да размислувате кои патики да ги одберете. Тексасот најдобро се вклопува со патики во неутрални бои како што се црни или бели, но и другите бои можат одлично да му парираат на ова парче облека.