Саудијците охрабрени од изјавите на Доналд Трамп, испратија ултиматум до властите во Доха, барајќи Катар да се вклучи во копнената инвазија на Сирија - во спротивно, нивната власт ќе падне за неколку дена.
Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, Адел Џубеир порача дека во една операција со копнена инвазија на Сирија, со своите сили ќе мора да учествува и Катар, а доколку властите од Доха го одбијат тоа, тогаш Саудиска Арабија им се заканува со „промена на режимот“.
„Катар мора да ги испрати своите вооружени сили во Сирија пред американскиот претседател да им ја укине воената заштита која што вклучува и присутност на американска воена база на нивна територија“, порача Џубеир, пренесуваат саудиските државни медиуми.
„Ако Американците ги повлечат своите, околу 10 илјади војници кои што се наоѓаат на просторот на воздушната база Ал-Удеид во близина на Доха, тогаш катарските власти ќе паднат за помалку од една седмица“, порача саудискиот министер за надворешни работи.
Саудискиот министер очигледно е охрабрен од неодамнешната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп кој што порача дека богатите заливски земји нема да преживеат ниту еден ден, доколку Соединетите Американски Држави им ја укинат воената заштита.
Саудиска Арабија е земјата која што најмногу се залага во иднина да биде спроведен план во кој што неколку регионални сили ќе извршат воена инвазија на територијата на Сирија.
Станува збор за план во кој што заливските земји предводени од Саудиска Арабија, ќе упаднат на територијата на Сирија, по што сириската армија нема да може да продолжи со операциите против бунтовничките сили. Едно такво сценарио, само уште повеќе ќе ја продлабочи кризата во Сирија која што трае веќе седум години.