Стечајниот управник на „Фени“ бара од „Транспаренси“ да користи веродостојни податоци

Макфакс

25/04/2018

20:05

994

Големина на фонт

а а а

Стечајниот управник на „Фени индустри“, Мирослав Анастасиевски, остро реагира по објавата на претседателката на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева, дека против него и стечајната судијка Валентина Ѓорѓиевска е поднесена кривична пријава поради нетранспарентност и други многубројни забележани неправилности кои ја карактеризираат стечајната постапка на „Фени индустри“.

Анастасиевски нагласува дека наводите изнесени на прес-конференцијата од страна на Слаѓана Тасева во целост се неосновани. Тој порача дека стечајната постапка на „Фени индустри“ е во согласност со законските прописи.

„Во однос на транспарентноста целата македонска јавност редовно е информирана и го следи процесот постојано. Транспарентноста во стечајната постапка се огледува во редовното информирање на доверителите во согласност со законските одредби. Сакам да потенцирам дека во целост е заштитен имотот на должникот, а со тоа и правата на доверителите во стечајната постапка“, вели Анастасиевски.

Во однос на наводите за огласот и склучениот договор, како што вели Анастасиевски, тој е објавен најтранспарентно во меѓународниот „Фајненшл тајмс“ и во домашни медиуми.

Тој ги повика од „Транспаренси интернешнл – Македонија“ да користат веродостојни податоци и, како што рече, да посветат внимание на причините за отворање стечајна постапка на „Фени индустри“ АД Кавадарци.



Спонзорирани линкови

Маркетинг