Нова странска инвестиција, компанијата „Волостоун“, влегува во Прилеп

Макфакс

25/04/2018

20:07

2.002

Големина на фонт

а а а

Министерот за економија, Крешник Бектеши, и сопственикот на македонско-турската компанија „Волостоун“, Муталип Буши, денеска во просториите на Општина Долнени го потпишаа договорот за концесија за детаљни геолошки истражувања на минерални суровини. Станува збор за инвестиција од 7,3 милиони евра, што ќе бидат распределени помеѓу Владата и двете општини, Прилеп и Долнени.

Во согласност со Законот за минералните суровини, 78 отсто од парите ќе им припаднат на општините. На сметката на Општина Прилеп веќе се легнати 2 милиона евра, а на сметката на Општина Долнени 3,7 милиони евра.

„Имајќи го предвид Законот за минералните суровини, 78 отсто од надоместокот им припаѓа на општините и средствата веќе се префрлени на нивните сметки. Очекуваме дека овие средства двете општини ќе ги искористат за инфраструктурни проекти, водоводи, канализации и, генерално, за локален економски развој. Со инвестицијата ќе бидат креирани нови работни места, а ќе биде зголемен и извозот. Веруваме дека жителите на двете општини на терен ќе видат конкретни проекти кои ќе бидат реализирани како резултат на оваа инвестиција“, истакна министерот Бектеши по потпишувањето на договорот.

Според плановите на сопствениците на „Волостоун“, следните 4 години компанијата ќе инвестира дополнителни 22 милиона евра, а ќе биде изградена фабрика во која ќе работат 500 работници.

„Ние досега вложивме околу 7,3 милиони евра, планираме во рок од 4 години да инвестираме плус 22 милиона евра. Ќе изградиме голема фабрика во која ќе има уште 500 вработувања најмалку. А за почеток, веднаш штом почнеме со работа, ќе имаме 100 вработувања. Со работа ќе започнеме веднаш штом ги обезбедиме потребните документи“, изјави Муталип Буши, сопственик на „Волостоун“.

Прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски, го потенцира значењето за општините Прилеп и Долнени.

„Ако денот по утрото се познава, општините Прилеп и Долнени имаат светла иднина затоа што овие средства што пристигнаа во нашите општини ќе бидат искористени за подобрување на инфраструктурата, за подобрување на проектите што ги имаме планирано и зацртано“, рече градоначалникот Јованоски.

Градоначалникот на Долнени, Џемил Ќамили, истакна дека повеќето од парите ќе бидат потрошени на изградба на водоводи, канализации и училишта во населените места, но и за враќање на наследениот долг од 2 милиона евра.



Спонзорирани линкови

Маркетинг