Макрон во американскиот Конгрес: Живееме во време на бес и страв

Макфакс

25/04/2018

20:19

1.351

Големина на фонт

а а а

Францускиот претседател Емануел Макрон ги осуди национализмот и изолационизмот за време на неговиот говор во американскиот Конгрес. Тој нагласи дека ваквите политики се закана за глобалниот просперитет.

Макрон рече дека САД го измислиле мултилатерализмот и сега треба да го повторат изумот за да создадат нов светски поредок од 21 век. Тој рече дека сега сите живееме во време на бес и страв.

„Изолацијата, повлекувањето и национализмот може да бидат примамливи како привремен одговор, но тие нема да го угаснат, само ќе го разгорат стравот кај нашите граѓани. Мораме да ги држиме очите широко отворени кон ризиците поставени пред нас. Ако ги отвориме очите пошироко, ќе станеме посилни“, рече Макрон.

Макрон предупреди дека ОН и НАТО можеби нема да може да ги исполнат своите мандати и да обезбедат стабилност доколку Западот ги игнорира новите опасности што се појавуваат во светот. Во однос на трговијата тој рече дека комерцијалната војна не е вистинскиот одговор бидејќи, како што објасни, ќе уништи работни места и ќе ги зголеми цените.

„Треба да преговараме преку Светската трговска организација. Ги напишавме овие правила, треба да ги следиме“, порача Макрон.

По говорот, францускиот претседател доби триминутен аплауз од присутните во Конгресот.

Говорот на Макрон во салата го слeдеа американскиот потпретседател, Мајк Пенс, и министрите од кабинетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој во пресрет на обраќањето на францускиот претседател на „Твитер“ напиша дека едвај чека да го гледа и дека тоа е голема чест и нешто што ретко се случува, како и дека тој ќе биде прекрасен мислејќи на Макрон.



Спонзорирани линкови

Маркетинг