Кевин Дјук избрал автомобил за својата ќерка, која за неколку дена требала да наполни 16 години. Како и секој татко, на Дјук му било најважно автомобилот да е безбеден за возење.
Но, кога ја отворил преградата на совозачкото место, тој пронашол писмо. Писмото било адресирано до “новиот сопственик на автомобилот”. Кевин го отворил писмото и прочитал нешто потполно неочекувано.
Текстот бил напишан од жена која неодамна ги изгубила своите три најважни личности во својот живот: својата шестгодишна ќерка, мајка и тетка. Тие загинале во пожар кој ја зафатил нивната куќа, а за да може да плати три погреби, таа морала да го продаде автомобилот.
“Инаку, нејзиното име е Силвија. Првиот ден кога го возевме автомобилот, на радио свиреше песната “Sylvia's Mother”. Името ми остана во глава, па затоа така го нарековме автомобилот. Ве молам, задржете го ова име. Доколку некогаш посакате да ја продадете Силвија, ве молам контактирајте ме. Платив три погреби, па моментално немам пари за автомобил, меѓутоа се надевам дека наскоро ќе бидам во подобра финансиска состојба и ќе можам да го откупам”, напишала претходната сопственичка.
Кевин останал погоден од овие зборови. Тој разговарал со својата ќерка Џејда и одлучиле да заштедат пари за друг автомобил, а Силвија да ја вратат на несреќната жена, како спомен за фамилијата која ја изгубила.