Во саботата во Англија, но и во поголемиот дел од светот, во центар на вниманието беше кралската венчавка, а овој настан не можел да пројде без уникатните автомобили.
Во “главната улога” се појавил Rolls-Royce Phantom IV од 1950 година, во кој новата војвотка од Сасекс, Меган Маркл, пристигнала на венчавката со принцот Хари.
Ваквиот автомобил бил специјално изработен за сегашната кралица Елизабет Втора кога таа била принцеза. Ова е првиот Rolls-Royce кој е во сопственост на кралицата и нејзиниот сопруг – принцот Филип.
Пред новата принцеза, автомобилот го користела и војвотката од Кембриџ – Кејт Мидлтон, на венчавката со принцот Вилијам во 2011 година.
Phantom IV е само еден од 18-те автомобили кои се произведени од 1950 до 1956 година, а сите 18 се изработени само за оние за кои сопствениците на компанијата сметале дека се достојни.
Моментално е познато дека постојат уште 16 Phantom IV, вклучувајќи го и оној кој имал “главна улога” на венчавката.
Преостанатите 15 можат да се пронајдат во музеи и други јавни или приватни колекции.
Со оглед на тоа што автомобилот е стар речиси 70 години, не е сигурно дали сите се во возна состојба како овој. Освен овој Rolls-Royce, кралската венчавка ја одбележале уште неколку луксузни автомобили.
Принцезата Кејт Мидлтон, војвотката од Кембриџ, пристигнала во замокот Виндзор во класичниот Daimler DS 420s со двете постари деца, принцот Џорџ и принцезата Шарлота.
Оваа државна лимузина е во кралска употреба од 1992 година, а станува збор за еден од само три произведени примероци.
Откако го кажале судбоносното “да”, принцот Хари и војвотката Меган заминале во електричен Jaguar E-Type Concept Zero.
Автомобилот е произведен во 1968 година, а во меѓувреме му е променет погонот на електрична енергија. Овој Jaguar има посебна регистрација E190518, бидејќи тие се венчаа на 19-ти мај 2018 година.