Седрик Анриот: Џез ѕвезда со „Греми“ на 01 јуни ќе гостува во Барбакан

Точка

31/05/2018

11:56

7.512

Големина на фонт

а а а

Еден од најпознатите француски џез пијанисти Седрик Анриот, кој во својата биографија има соработки со светски музички имиња како: Херби Хенкок, Тери Лин Керингтон, Џон Патитучи, Дони МекКаслин, со своето трио „Френч Сторис“ ќе гостува и во Скопје.

На 1-ви јуни во бистро барот „Барбакан“ тој ќе биде главна ѕвезда на викенд џез маратонот. Иако скромен кога ќе се спомене оваа тема, во своето професионално портфолио има и Греми награда за изведбата во албумот “Beautiful Life” на Дајан Ривс, наспроти Џорџ Дјук, Роберт Гласпер и Есперанца Спалдинг... 

Ексклузивно за Точка, додека патуваше на линија Подгорица – Белград, Седрик ги сподели искуствата од настапите на овие простори, а и оние низ другите земји во светот...


По Грција и Италија, каде настапувавте пред неколку недели, повторно сте на Балканот... регион кој го посетивте и минатата година и каде одржавте 12-дневна турнеја. Какви се Вашите импресии од овој дел на Европа?

Имам чувство дека луѓето тука во Југоисточна Европа не се толку изложени на џез музика во животот, односно немаат толку честа можност да слушнат добри џез свирки, како што е случај на пример во Франција или Белгија или Германија. Секогаш сум возбуден кога треба да ја споделам мојата музика со нова публика и ги гледам нивните реакции. Забележав дека им се допаѓа особено, а тоа ме прави многу среќен.

На 1-ви јуни ќе настапите пред скопската публика во популарниот ресторан/бистро бар „Барбакан“. Што ќе свирите таму?

Подготвив нов сет реаранжмани на познати песни и неколку оригинални композиции. Во текот на настапот освен класичната џез изведба, користам и електронски звуци како еден вид „украс“ на звукот на акустичните инструменти. Мојата цел е да понудам еден вид филмско искуство со моето „џез“ трио, затоа што во мојата музика има многу различни влијанија како: електро, џез, грув... Во секој случај ќе слушнат свежа музика! (се смее)


Минатата година кога настапувавте тука, стекнавте многу фанови и пријателства...

Во Македонија прв пат дојдов пред 15 години и си поминав прекрасно! Добро е да се биде повторно тука и да се стекнуваат уште повеќе пријателства и обожаватели. Чувствувам дека публиката е жедна за ваков тип музика, каков што ние создаваме.

Постојано сте на пат, односно на турнеи и тоа со сите Ваши три музички проекти. Па, како изгледаат тие денови кога секој ден сте во различен хотел, во различен град, во различна држава? Каде е убавината во тоа, а каде тежината?

Интересно прашање (се смее). Да, тешко е да се менуваат градовите секој ден, но она што не тера да го правиме тоа е МУЗИКАТА и моментот кога ги правиме луѓето со неа среќни. Пред и по настапите секогаш се дружам со публиката и се обидувам да запознаам што повеќе локални луѓе и да видам што е можно повеќе нешта од тој град или таа земја. Мислам дека оваа можност да патувам и да споделувам музика е благослов и затоа уживам сто отсто во сето тоа!


Откријте повеќе за Вашите три проекти, кои жанровски се сосема различни еден од друг...

Со триото наречено „Френч Сторис“ ќе настапувам во Скопје, и тоа содржи: тапани, пијано, бас и лаптоп. Свириме аранжмани на поп песни и секако мои оригинални композиции. Идејата е да се инкорпорираат повеќе текстури отколку да се свири „регуларен“ џез. Користам многу електронски звуци кои ги дизајнирам самиот, како и ритмички лупови. Овој концепт навистина не предизвикува како музичари да ги „скршиме“ поставените кодови за регуларно џез трио. На сцената ја користам електрониката на интуитивен и креативен начин како да е еден сосема нов инструмент.

Дуоро „КС2“ е со тапанарот Френ Агулон. Свирам синт-бас, клавијатури и пијано и музички е едно патување низ типичниот работен ден, од секоја фаза на денот: од утринскиот аларм, до заспивањето навечер, сообраќајната гужва за време на пладневниот ручек... Секое парче музика доловува одреден сегмент од денот.

Сега заедно со басистот Бертранд Бедуар започнувам нов проект наречен „Полароид Сонгс“, каде ќе свириме на бас, тапани, пијано и 3 жичани инструменти (алто, чело и виолина). Ќе имаме исто и видео проекции. Идејата е да се раскажат приказните од нашите патувања низ светот, на пример веќе имаме подготвено парче музика базирано на индонезискиот гамелан звук, потоа друго за зборувањето на јапонците во метрото... Повторно, идејата е да ја натераме публиката да патува со музиката, а сега и со видеото.

И уште нешто... работам на уште еден проект заеедно со Тереон Гали тапанатор на Дајан Ривс, како и проект со оперската певица Кендис Хојс.

Но, за сите мои проекти може да видите на веб страната: www.cedrichanriot.com


А, може ли да откриете како започна се...? Вашиот допир со музиката и како таа прерасна во страст и Ваша професионална и животна определба? 

Се почна со мојот ангажман во еден рок бенд со кој веднаш почнавме да настапуваме. Отсекогаш ме инспирираше звукот, мелодијата... Уште кога бев дете. Не можам да објаснам зошто, но се сеќавам дека на некоја музика плачев, а некоја ме правеше многу среќен. Претпоставувам дека на звукот сум суперсензитивен. По дипломирањето на Електро-Техничкиот факултет одлучив да се посветам целосно на музиката и да станам професионален музичар. Свирев во рок бендови, потоа во салса бенд, а потоа започнав да свирам џез на Хамон оргули. Добив стипендија да студирам на „Беркли“ во Бостон, каде ментор ми беше легендарниот Теру Лин Керингтон. Оттогаш патувам многу често на релација Америка-Франција (каде и живеам).

Музиката е универзален јазик и најдобра „алатка“ за изразување како и за откривање на нови места и запознавање нови луѓе. Што ќе споделите со читателите на Точка од досегашните Ваши патувања?

Да, се согласувам со тоа. Има толку многу за раскажување. Ќе ми треба цела книга (се смее). Се уште ги паметам концертните сали во Кина каде настапував со триото. Тие беа најлошите места каде имам настапувано, во однос на музичка опрема, инструменти... Но, таа ноќ, публиката плачеше на нашата музика и тој момент никогаш не се заборава! Според мене свирењето пред публика не смее да биде себично. Еднаш свирев во еден клуб во Шкотска и по настапот ми пристапи еден човек од публиката и ми рече: „Она што го свиреше ти ми го препиша докторот како лек“.


Каква е Вашата агенда за следниве месеци?

Во јули повторно се враќаме во Југоисточна Европа со триото, потоа во септември ќе го објавам албумот со дуото „КС2“, потоа имам резиденција со музичарите од проектот „Полароид Сонгс“ со цел создавање репертоар за септември/октомври, потоа ме очекува турнеја во Мексико со триото, во ноември ќе работам на проект со еден полски артист и ќе имам турнеја со музичарот на хармоника Грегори Марет. И во декември ќе снимаме албум со триото... Ме чека многу многу работа (се смее).

Би сакал да изразам благодарност до мојата букинг агентка Гордана Настевска Манасијеска („Акаша букинг“) која ги организира моите турнеи низ Југоисточна Европа и која ми овозможи да ги пропатувам и запознаам овие земји и да ја споделам музиката со луѓето тука.

Кои се Вашите соништа?

Да продолжам да свирам на големи фестивали. Да продолжам да создавам музика...


Што Ви е најважно во животот?

Да сакам и да бидам сакан.

(А.П.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг