Ања Ветерова: На „Беркли“ цел ми е да настапам со бендот на Бијонсе

Точка

01/06/2018

17:19

24.466

Големина на фонт

а а а

По седум години поминати во меѓународното училиште „Нова“ во Скопје, некогашната детска музичка ѕвезда која ја претставуваше Македонија на детската Евровизија сега ја планира својата преселба во САД, каде ќе се школува на еден од најпознатите светски факултети за музика.

Големата желба за напредок во музиката и амбицијата ја однесоа македонската музичарка Ања Ветерова на еден од најпознатите светски музички факултети во светот, бостонскиот колеџ „Беркли“. По седум години поминати во меѓународното училиште „Нова“ во Скопје, некогашната детска музичка ѕвезда која ја претставуваше Македонија на детската Евровизија сега ја планира својата преселба во САД. На „Беркли“ Ветерова првенствено ќе го школува својот вокал, но планира да зема и часови по пијано и да учи продукција. Со Ања Ветерова разговаравме за начинот на кој стигна до престижниот музички факултет, за очекувањата од школувањето во САД, но и за идните планови кои се поврзани со музиката.   


Ања, процесот да се влезе во Berklee College of Music е исклучително долг и напорен. Можеш ли подетално да ни откриеш низ какви аудиции и тестирања помина за да влезеш на овој престижен колеџ и со што се претстави пред комисијата?

Беркли е еден од најпознатите факултети во Америка и најдобриот факултет за музика во светот. Желбата и амбицијата која ја имав за да студирам на тој факултет беше преголема бидејќи бев свесна дека тоа е местото кое може да ми ја пружи најдобрата музичка едукација за она што сакам да го работам во иднина. Не само процесот да се влезе во Беркли, туку и процесот да се дојде до аудиција не е лесен. Јас успеав да се изборам на 16 години да имам аудиција кога бев дел од нивниот летен камп во Валенсија, каде само 20 деца имаа можност да се појават пред комисијата од Бостон. Настапив со песната Piece by piece од Kelly Clarkson, каде покрај вокалните способности ги покажав и инструменталните. Во март 2017, ја добив одлуката дека сум примена на Беркли, а за стипендијата чекав до крајот на јануари 2018.

Колку образовниот процес во „Нова“ те подготви за целиот пат кој мораше да го изодиш за да бидеш примена на Berklee College of Music?

„Нова“ е гимназија која покрај тоа што им овозможува на учениците да го научат англискиот јазик на повисоко ниво, исто така ги подготвува за процесот на аплицирање и процесот да се дојде до факултетот. Но исто така, „Нова“ ги негува и науките за уметност, како часови по глума, музика, танц и оркестар, кои се задолжителни во образовниот процес. Јас во „Нова“ се школував седум години и можам да кажам дека англискиот јазик го сметам исто како и мајчиниот јазик. За мене голема улога одиграа и есеите кои ги пишував на македонски и англиски јазик кои беа дел од наставниот процес и се добра база да се реализирам како текстописец во иднина.


На кој инструмент ќе се фокусираш за време на студиите?

Во Беркли првенствено ќе го школувам вокалот (гласот). Ќе земам часови по пијано, но истовремено ќе учам продукција и создавање на музика.

На Berklee имаат дипломирано долга листа на музичари кои со децении наназад придонесуваат за светската музичка сцена како Квинси Џонс, Дијана Крол, Стивен Тајлер и многу други. Може ли да ни откриеш кој би сакала да биде дел од твојот бенд од соништата составен од дипломци на Berklee College of Music?

Сметам дека на ова прашање конкретно би можела да Ви одговорам по две-три години, но сега можам да кажам дека би била пресреќна што ќе настапувам со веќе основаните бендови на Беркли како Tower of Power Band, Motown Ensemble, Beyonce Ensemble, Michael Jackson и Bruno Mars Ensemble.


Кој дел од студирањето на Berklee College of Music најмногу те воодушевува односно на што најмногу се радуваш?

Она што за мене е голема привилегија на тој факултет е тоа што ќе имам шанса да се школувам од музичари кои свират за светските ѕвезди и исто така ќе имам можност секој месец да го покажам она што сум го научила на концертите кои се одржуваат во концертната сала на Беркли. Едно од најголемите воодушевувања за мене е бендот на Бијонсе, со кој не може секој да настапи, а засега тоа е мојата цел.

Имаш богата музичка кариера зад себе меѓу кои и учеството на детска Евровизија. Колку тоа искуство беше пресудно за да бидеш примена на Berklee College of Music?

Сите мои учества на фестивали, песни, основното музичко образование и воедно сите мои достигнувања во светот на музиката, допринесоа јас музички да се изградам и да стекнам самодоверба за да верувам во љубовта кон музиката и да се појавам на таа аудиција која за мене беше остварување на мојот сон.


Каде се гледаш по дипломирањето на Berklee? Дали би сакала да ја градиш музичката кариера во Македонија или сепак сакаш да се пробиеш на музичката сцена во САД?

Јас многу сонувам и верувам во своите соништа. Досега дел од нив ми се остварија и Беркли е еден од нив. Ќе бидам искрена и ќе откријам дека би сакала да ги остварам соништата за светска кариера, но нема да ја заборавам и мојата верна публика во Македонија, на која пред заминувањето за Америка ќе ѝ подарам неколку песни.



Спонзорирани линкови

Маркетинг