Ѓорѓи Нешкоски: „Летам“ стрмоглаво во новите предизвици

Точка

14/06/2018

15:03

11.638

Големина на фонт

а а а

Само еден ден по завршувањето на театарската сезона, актерските ангажмани во театрите во Гостивар и Тетово ги стави во хибернација и дојде во Скопје за да го оствариме договореното интервју и фотосесија. За да земеме оддишка од скопските летни горештини, одлучивме муабетот да го направиме на високо на чист и свеж воздух...

Секако нашата локација беше Водно. Убавината на планината ја искористивме и за фотографирање... Несекојдневно за него да биде ставен во таков амбиент за време на интервју, но очигледно уживаше...  

За Точка, актерот Ѓорѓи Нешкоски (32) на јавноста најпознат по улогата на новинарот Александар во хит ТВ серијата „Инсајдер“ сподели делови од неговото професионално и приватно секојдневие, кое веќе неколку години се одвива на релација Гостивар (неговиот роден град) - Тетово и Скопје.  


Роден е во февруари, во хороскопскиот знак Водолија што му ги дава особините на силна љубопитност и желба за истражување на нови простори (внатрешни, интимни и надворешни) и го прави истраен во реализирањето на сонот. Неговата висина е поткрепена со вита става и меко и елегантно движење, што ја оддава смиреноста на карактерот. А, така и зборува... Смирено, со јасна мисла и со длабок, свиленкаст глас.

Децата создаваат вистинска уметност 

Како актер е препознатлив од многуте рекламни кампањи, и од ТВ серијата „Инсајдер“ која се уште оди во етер. Но, во неговото актерско портфолио се запишани уште неколку театарски и филмски улоги остварени во соработка со странски продукции. Со епизодна улога беше дел од познатата холивудска ТВ серија „12-те мајмуни“. Една од епизодите се снимаше токму на Скопско Водно. Ѓорѓи таму го играше ликот кој има клучна улога во пренесување на биолошкото оружје, на која е особено горд.

- Ме убија на крај, но беше забавно да се биде дел од продукцијата – со насмевка ни кажа.


Тој играше и во руската ТВ серија „Кум“, за него сосема поинакво искуство од она со американската продукција.

Професионално засега Ѓорѓи е „врзан“ за Тетовскиот театар, паралелно водејќи го неговиот приватен во Гостивар наречен „Дунек“ по вид на гулаби за кои тој ни појасни: „Тоа се оние гулаби кои летаат високо и потоа со „залепени“ крилја до телото стрмоглаво се спуштаат надоле за да ја доживеат катарзата на летањето. И во тоа не се пресметливи и често страдаат, но затоа ја чувствуваат слободата.

Иако неразбран и неподдржан целосно од средината во однос на изборот на актерството, сепак во ниту еден момент не се поколебал ниту откажал од изборот на оваа професија, па дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Владимир Милчин. За тоа зошто сакал да биде актер вели дека нема конкретно објаснување, освен дека го сакал тоа отсекогаш. Но, тоа е само надоградба на страста за актерството што ја негувал од малечок, растејќи во Домот за култура во Гостивар, каде работи неговиот татко како режисер и актер аматер и каде уште од малечок ги гледал сите тетарски претстави кои се играле. Токму затоа пред неколку години го создал и театарот „Дунек“ каде членуваат деца од различни возрасти, кои се изразуваат преку актерството.


- Јас бев единствениот Гостиварец, актер од мојата генерација, но сега ќе не има повеќе (се смее). Во мојот театар има прекрасни и преталентирани деца со кои работам уште кога имаа по 5 годинки, а сега се веќе во 18-тата година. Некои од нив допрва ќе го покажат она што го умеат... глумат, играат, цртаат на што сум особено горд. Немавме средина која ќе го поттикне тоа во нив. Имаше некои деца кои сами дојдоа во мојот театар со барање да станат дел од него. Тие неколку се исклучително талентирани и знам дека ќе бидат многу познати актери“ – емотивно ни раскажа тој.

Работата со овие деца, додаде тој, го исполнува до максимум затоа што тогаш и таму се случува вистински театар. - Кај децата постои чиста љубов кон она што го создаваат и тоа го нема во ниту еден друг театар. Работиме со емоции и со енергија и тоа е скапоцено. Излегуваат на сцена и играат цели два часа и публиката ја оставаат без здив.

Само работа како и сите други 

Таа првична страст кон актерството, вели Ѓорѓи, не е променета, иако одредени случувања на театарската и филмската сцена кај нас може да го намалат ентузијазмот, па додаде: - Баш пред некој ден го читав интервјуто со славниот италијански режисер Паоло Маџели кој по 30 години дојде да режира во Македонија. Тој ги објаснуваше времињава во кои работиме и живееме денес и за Балканот изјави дека му е жал што им се случува на талентираните актери, кои немаат можност за да го изразат она што го поседуваат во себе... Затоа што нема проекти и за да преживеат мора да водат одредени настани или да прифаќаат разно-разни ангажмани.


Се уште глумата за него е начин на израз и можност да се пренесат одредени вредности, кои вели дека тука не може да ги сподели целосно. Засега тоа го остварува во Тетовскиот театар, но наскоро вели дека ќе има големи промени.

Влегувањето во еден лик во друг не е едноставен процес. И тоа остава одредени последици... па сподели:

- Ако еден лик го играте, живеете, чувствувате и разбирате сериозно на пример 3 или 4 месеци, тогаш е подразбирливо дека нема лесно да излезете од него. Нема психолошки механизам за одбрана. Се создава емпатија кон ликот... И тоа ми се случува постојано. Но, добрата страна е што се открива нов свет и ме учи за одредени нешта.


Кога е љубовта во прашање Ѓорѓи вели дека партнерот мора да ја сфати специфичноста на актерството како професија, па ни кажа: - Таа мора точно да разбере што значи актерството и да биде отворена да го прифати тоа. Ликот што го играм и таа состојба неретко ја живеам и кога ќе се вратам дома. Не сакам никој да трпи и да глуми дека ме прифаќа, туку сакам некој што навистина ќе ме прифати.

Иако живее бурен професионален живот, неговото секојдневие е едноставно затоа што сака да ужива во едноставните нешта. Се уште се дружи со другарите со кои пораснал, се уште утринското или попладневното кафе (оти призна дека е голем спанко) го пие во дворот од семејната куќа во Гостивар... Тие обични нешта вели го одмараат и во исто време му даваат инспирација.

Експериментирањето, истражувањето нови „територии“ ме тера уште повеќе да ја сакам оваа професија. Секоја друга работа е пребезбедна, пресигурна... а тоа може да биде здодевно 


Ангажманот во ТВ серијата „Инсајдер“ ми промени одредени погледи кон нештата. Тогаш сфатив дека имам уште многу да учам за актерството. Прв пат работев на толку сериозен проект кој се снимаше интензивно во само 26 дена. Ова ме освести и ми покажа како вистински изгледа оваа... Спиевме по 5 часа, снимавме по 15 часа затворени во студио... ден немавме видено (се смее). Но, вредеше. Серијата е вистински хит и меѓу редови праќа одредена порака...


Никогаш не сакав никој да ми помага, ниту особено да ме поддржува. Сакам во се да успеам потполно сам, како и досега




Спонзорирани линкови

Маркетинг