Официјално: Зависноста од играње видео игри е прогласена за ментална болест

Супермен

19/06/2018

11:58

1.726

Големина на фонт

а а а

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека компулсивното играње видео игри е класифицирано како ментално пореметување. Критичарите на одлуката на СЗО наведуваат дека со ова се ризикува да дојде до стигматизација на младите играчи.

Во најновото, изменето издание на меѓународниот прирачник за класификација на болести, СЗО соопшти дека класификацијата на „пореметувањето од играње игри“ како посебна состојба ќе им послужи на земјите да бидат спремни да го идентификуваат тој проблем. 

Д-р Шехар Сексан, директор на одделението на СЗО за ментално здравје изјавил дека "пореметувањето од играње игри" треба да се третира како ново заболување, врз основа на научни докази и во многу делови во светот веќе се забележува потребата од лечење на ова пореметување.


Д-р Џоун Харви, портпаролка на Британското друштво на психолози, предупредува дека новата одредница би можела да опфати само мал број деца кои играат игри додека родителите ширум светот непотребно би се загрижиле.

Други пак го поздравиле потегот на СЗО, наведувајќи дека е критично брзо да се идентификуваат зависниците од видео игри, бидејќи тоа обично се тинејџери или млади луѓе кои сами не бараат помош.

"Сретнуваме родители кои се растроени не само затоа што детето го напушта училиштето, туку и затоа што им се распаѓа целата семејна структура" – вели д-р Хенријета Боуден Џонс, од британскиот кралски психијатриски колеџ.


Д-р Марк Грифитс, кој 30 години го истражувал концептот на "пореметување од играње видео игри" изјавил дека новата класификација ќе придонесе овој проблем да се легитимизира, а со тоа ќе се зајакнат стратегиите за лечење.

"Играње видео игри, од психолошка гледна точка е некој вид на коцкање без пари. Коцкарите користат пари за да го мерат успехот, додека во игрите се користат поени" – изјави тој.

Тој додал дека процентот на играчи на видео игри кои имаат проблем со компулсивно играње е веројатно многу мал, помал и од еден отсто и дека многу од нив веројатно имаат други проблеми како што се депресија, биполарно однесување или аутизам.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk