Индискиот Tata Nano беше помпезно најавен во 2008 година како најевтиниот автомобил на светот, со цена од само 2.000 долари. Десет години подоцна, моделот кој требаше да стане бестселер во таа земја не ги оправда очекувањата.
Кога беше претставен пред една деценија, произведувачите на Tata Nano верувале дека овој мал градски автомобил, благодарение на неговата пристапна цена, ќе се продава како алва, посебно во една држава како што е Индија.
Како брзорастечки пазар и втора најбројна земја на светот, во која безбедносните стандарди не се толку високи, се чинеше дека Индија е идеално тло за евтин мал модел со 4 врати.
Nano е наменет пред се за луѓето со скромен буџет кој го купуваат својот прв автомобил, како и за сите оние кои своите мопеди и скутери со мала дополнителна инвестиција би ги замениле за возило со 4 тркала и затворена патничка кабина.
Но, сите овие калкулации, во реалноста паднале во вода бидејќи продажбата се одвивала далеку од планираното, а токму поради тоа Tata Nano ќе престане да се произведува во овој облик најдоцна до 2020 година.
Автомобилот се појави на пазарот во 2008 година, а резултатите од неговата продажба покажуваат зошто овој модел ќе престане со производство - во јуни 2017 година се произведени само 275 автомобили, додека во истиот месец годинава, од производните фабрички ленти излезе само еден примерок. Во истиот месец опаднал и извозот, од 25 автомобили на 0 во јуни оваа година.
Неминовниот прекин на производството на овој модел кој, по се изгледа имал запечатена судбина уште од самиот почеток, покажува дека оваа замисла доживеала фијаско во својата реализација.