Канцијани: Промовирајте ја Македонија како земја со поголем родов баланс, по тоа се издвојува од другите

Точка

19/07/2018

14:09

2.834

Големина на фонт

а а а

Централно Европската Иницијатива (ЦЕИ) по вторпат годинава ја поддржа регионалната конференција Жени во Енергетиката 2018 (WIN 2018), која се одржа минатиот месец во Скопје.

Според претставникот на ЦЕИ Петер Канциани потребата да се отвори темата за родовиот баланс во енергетскиот сектор и да се подигне свеста за ова прашање се наметнува не само во Македонија, туку и во европските држави каде традиционалните бариери за вклучување на жените во енергетиката се понагласени отколку во земјите од Западниот Балкан.

Во Македонија присуството на жените на техничките студии е значително, но нивното отсуство на високи менаџерски позиции во компаниите потврдува дека родовиот баланс е актуелна тема и во земјава.

ЦЕИ е голем поддржател на WIN конференцијата веќе втора година по ред. Што ја мотивираше вашата организација да поддржи дискусија за родовата еднаквост во енергетскиот сектор?

„Мотивацијата да се поддржи конференцијата по вторпат е токму родовиот баланс, која како тема се поклопува со нашата агенда. Родовата еднаквост како тема е преплетена во сите наши главни активности и потребата да се зголеми свесноста за неа е присутна во сите сектори, како и во енергетскиот сектор. Интересно искуство е што конференцијата се одржува во држава од Западниот Балкан зашто историски гледано на овие простори имаме поголем родов баланс отколку во останатите европски држави.

Односно, се стартува од посилна основа, но сепак има перцепција дека родовиот баланс е важна тема и за овие простори. Одлично ги познаваме организаторите со кои имаме долгогодишна позитивна соработка, Универзитетот и Кристина Спасовска. Таа е долгогодишен пријател на ЦЕИ и тоа дополнително ја зголемува довербата во организаторот дека ќе организираат успешен настан. Ги поканивме да аплицираат за нашата поддршка, и во многу силна конкуренција победија на натпреварот.“

Во 2017 година за првпат во регионов се одржа конференцијата Жени во енергетиката со цел да се подигне свеста за важноста на родовиот баланс во енергетскиот сектор. Колку конференцијата ги даде очекуваните резултати и дали ќе ја подржите и по третпат?

„Конференцијата овозможи важни дебати и следната година повторно ќе го поканиме организаторот да поднесе апликација, која ќе ја поддржам зашто ова е многу добра тема и целата организација е одлична. Иако се одржува по само вторпат, конференцијата веќе израсна во регионална и успешно ја промовира идејата за родова еднаквост.

Многу важно е да се обидеме да го подобриме родовиот баланс во регионот, а и надвор од него, да нагласиме дека постои силна потреба од ова прашање и ќе биде интересно ако од тука тоа го успееме. Регионот е се уште малку запоставен, а има многу знаење и се надевам дека оваа платформа ќе биде од корист да се промовира овој човечки капитал, составен и од мажи и од жени. Двојна корист, и за оние кои работат во областа, а и зашто се испраќа силна порака.“

Какво е учеството на жените во енергетскиот сектор во Македонија во споредба со останатите земји членки на ЦЕИ?

„Македонија, како и многу други држави од Западниот Балкан, на некој начин имаат придобивка од силната традиција да жените одбираат технички студии, што не е случај во други европски држави. Сепак, тоа не значи и дека жените имаат пристап во професионалниот живот да напредуваат до високи менаџерски позиции. И токму ова може да биде и причина за поголеми фрустрации, зашто кога не ги одбирате техничките студии не може да очекувате жените да бидат на високите позиции, но она што треба да се разгледа е зошто таа можност е скратена во услови кога жените во голем број студираат на технички факултети. Ова отсуство на жените не е случај само во енергетскиот сектор. Генерално жените ги нема на високи места и во корпорациите, како и во политиката, односно ретки се случаите кога жена ќе стане премиер или лидер на политички партии.

Важно е да се подигне свеста дека мора да постои родова еднаквост во сите сектори. А Македонија, како земја во која жените се многу присутни на техничките факултети треба на ова да гледа како на можност за промоција. Поканете ги инвеститорите да инвестираат во земјата со најголема родова еднаквост зашто тоа ја издвојува Македонија од другите делови од светот. Особено што ова тврдење е вистинито, имате повисок степен на родова еднаквост отколку во други држави.“

Имате богато искуство во областите на унапредување на Биоекономијата и промоцијата на изворите за обновлива енергија во земјите членки на ЦЕИ. Дали и во овие земјите мажите се доминантен пол во енергетскиот сектор?

„Би рекол дека мажите сѐ уште доминираат во енергетскиот сектор и во земјите членки на ЦЕИ, особено во добро етаблираните структури во компаниите, освен во секторот со обновлива енергија, како и во научно истражувачките сектори. Во овие делови има многу жени, што не се отсликува во делот на бизнисот. Иако секогаш има и по некој исклучок.

Факт е дека жените се недоволно присутни на највисоките позиции. Причините се различни, а неколку од нив ги посочивме на оваа и минатогодишната конференција, и повеќето коренот го влечат од традицијата дека овие професии се машки.“

Улогата на жените во енергетскиот сектор станува сѐ поактивна, но сѐ уште има уште многу да се постигне родов баланс. Кои промени сметате дека се потребни?

„Битно е дека постои свесност за родовиот баланс. Иако свеста не е решението, не е доволно, но е почеток. Оваа конференција треба да иницира промени во оваа насока и да го скрши клишето. Да помогне да се отворат работните места за сите. Честопати жените мора да се однесуваат како мажи за да напредуваат. Тоа не е коректно. Тоа ги ограничува и не можете тоа да го барате од нив. Се доведуваме во неразбирливи ситуации да од едната страна бараме од жените да се однесуваат како мажи на работните места, а од друга страна бараме од мажите да бидат поприсутни во семејството.

Мора да одбереме што е коректно и да се скрши клишето дека за да имате ефикасен топ менаџмент мора да работат до 22 часот! Недозволиво е жената да ја исклучат од конкуренција за работна позиција зашто е на возраст кога од неа се очекува дека може да забремени, иако има и вакви случаи во светот. Нашата цел е преку дебатата да постигнеме промена.“



Спонзорирани линкови

Маркетинг