Татјана Стојановска: Пливавме со ајкули во Индискиот океан

Точка

23/08/2018

21:33

17.753

Големина на фонт

а а а

„Малдивите се рајот на земјата и се различни и специфични по многу нешта. Нема такво место на земјината топка. Тие се едни и единствени. Ние бевме на островот Налагуариху кој е долг само два и пол километри, а широк еден километар“ раскажува нашата позната презентерка и некогаш Мис на Македонија, Татјана Стојановска, за Cheking.

На ова прво патување ве носи токму таа, а вам ви преостанува само да уживате во оваа посакувана и атрактивна егзотична дестинација. Секој од нас има спомени од некое место кое посебно го воодушевило и секогаш се навраќа во друштво на пријатели, роднини...Зошто Тања се одлучи токму за Мадивите, ќе дознаете од самото интервју. 

Во кој период од годината е најдобро да се посетат Малдивите?

ТС: Малдивите или Малдивските острови се островска земја која се состои од 26 атоли во Индискиот океан , а тие 26 атоли во себе содржат 1190 островчиња од кои околу 280 се населени, и сите тие го сочинуваат Малдивскиот архипелаг. Малдиви со површина од 298 квадратни километри и 328500 жители е најмалата и најмалубројната држава во Азија.

[Малдивите од птичја перспектива низ објективот на Тања]

Колку е просечната температура и во кој дел од годината е најдобро да се посетат?

ТС: Климата е тропска и во текот на целата година е лето со просечна температура од 30 степени, што значи кога и да ги посетите Малдивите е сезона за летување. Секако најголема концентрација на туристи можеби има во летните месеци и во декември поради Божик и Нова Година. Ние бевме во Август и температурата не преминуваше повеќе од 32 степени.

Можеби е најмала Азиска земја, но може многу да понуди. Што?

ТС: Малдивите се рајот на земјата и се различни и специфични по многу нешта. Нема такво место на земјината топка. Тие се едни и единствени. Ние бевме на островот Налагуариху, кој е долг само два и пол километри, а широк еден километар. Целиот остров е ресорт Sun Island Resort &Spa и можеш да се движиш низ островот единствено пешки и со велосипед, секако нема автомобили. Слетавме на соседниот, исто така помал, остров и со мал брод не донесоа на островот. Флората и фауната се неверојатни. Целиот остров е покриен со палми високи по 20 метри и вегетација типична за тропските предели.


[Островот Налагуариху со својата богата вегетација]

Со каков подводен свет располога Индискиот океан?

ТС: Бојата на водата во океанот е тиркизна, песокот бел, а околу тебе во вода има илјадници видови риби со кои пливаш на секој дел од островот, секаде има јата риби со различни бои и форми. На почетокот мене ми беше и помалку непријатно тоа чувство но се спојуваш со природата , но потоа не ти пречи тоа. Дури имаше и мали ајкули со бела боја кои поминуваат покрај тебе, но не се опасни и не напаѓаат. Она што за нас беше необично и досега исто така невидено е што на палмите живееа лилјаци со распон на крилја од два метри и глава колку човек. Тоа е таа различна природа која те фасцинира, можеби и помалку те плаши, но во секој случај е нешто што на друго место можеби и нема да го сретнеш. Ресортот е така организиран што туристите се сместени во бунгалови на вода и бунгалови на плажа. Насекаде имаш ресторани и барови, голф терен, терен за други спортови, а на островот има и плантажи со банани, и друг зеленчук и овошје така што можеш сам да си набереш на пример зеленчук и да ти го подготват на лице место во ресторан на отворено. Се за туристот да се чувствува удобно и убаво. Плажите се растеретени од метеж. Постојано е мирно , вистински спој со природата,иако на островот во моментот има илјада туриста и околу 300 вработени кои исто така се сместени на островот и тука живеат во заеднички бунгалови и посебни ресторани за персоналот.


Кои се најчести туристи?

ТС: Најбројни туристи се Русите, како и впрочем насекаде во туристичките места во светот и најчесто тоа се млади брачни парови кои доаѓаат на меден месец, па затоа и деца и скоро да немаше, можеби десетина на цел остров. Познати се организирањата на традиционални церемониии за венчавање со традиционална музика. Насекаде околу тебе имаш фотосесии на невести и младоженци кои сакаат да направат фотографии со нивните венчални облеки покрај океан и во таков амбиент, така што задолжително си ја носат облеката што ја носеле на нивната вистинска свадба. Она што е важно да се знае дека на Малдивите не смеете да внесете алкохол. Интересно е што ние летавме од Москва и секако цел авион беа Руси и како љубители на алкохолот секој од патниците во авионот влезе со по неколку шишиња алкохол од Free shop. Но кога дојдовме на аеродромот во Мале, главниот град на Малдиви сите беа упатени да го остават алкохолот во одредена просторија и им беа давани потврди со кои на враќање можеа да си го земат. Но, во ресортите секако се служи алкохол.


[Татјана Стојановска со нејзиниот партнер Михаил Китановски]

Колку си задоволна од услугата на персоналот?

ТС: Вработените на островот се претежно од Бангладеш, Индија и од Малдиви. Она што не фасцинира е врвната организираност на персоналот и гостопримството. На островот има и центар за обука на персоналот каде секој пред да почне да работи ја поминува обуката. Има систем на наградување и истакнување на вработените со избор на најдобар работник на неделата, месецот по работни места, што укажува на врвниот професионализам.

Каква е нивната кујна?

ТС: Храната беше прекрасна и пробавме некои работи што дотогаш не сме ги пробале. Морска храна која нам ни е омилена имаш во изобилство, но и некои видови тропско овошје кои прв пат ги пробавме. Секако има и интернационални јадења така што има храна за сечиј вкус и за оние кои не се отворени многу за да пробаат нешто специфично. Секако ние сакаме различни вкусови и таквата храна ни беше предизвик.


[Татјана ужива на прекрасните песочни плажи на Малдивските острови]

Имаше ли екскурзии со кои ги анимираа туристите или пасивен одмор?

ТС: Има и понуда на екскурзии за посета на други острови, пливање со делфини итн., но тоа е на неколку километри од островот.

Колку чини целото тоа задоволство?

ТС: Цената за 10 ноќевања полупансион во бунгалов на плажа(бунгаловите на вода се поскапи) со авински превоз и трансфер од Мале до островот со авион и брод, со авион од Мале до соседниот остров на Налагуариху каде што бевме сместени патувавме час и половина, чинеше околу 1700 евра по лице. Но тоа што ќе се види и доживее таму е незаборавно и препорачувам дека секој кој има можност барем еднаш треба да ги посети Малдиви.



Спонзорирани линкови

Маркетинг