Ненад Секирарски: "Историјата на Бали се раскажува преку танц"

Точка

10/09/2018

10:42

4.549

Големина на фонт

а а а

„Ако одите на Бали заборавете се што знаете - тука важат други правила“ раскажува модниот дизајнер, Ненад Секирарски за Бали. Тој живее и работи токму таму, па и покрај многуте обврските одвои време да ги сподели свои искуства и впечатоци со вас, читателите на Чекинг, Точка, бидејќи ретки се они кои се чекирале на Бали (имале можност да го запознаат островот).

Бали е остров каде се случувал епот за Махабхарата, каде правило е да се пие од шише, каде живее најкреативниот народ и каде е привилегија да се биде поради специфичната природа. Вие ја имате таа привилегија преку ова интервју да отпатувате ни повеќе, ни помалку, туку директно на најубавиот индонезиски остров. Уживајте во ова незаборавно патување. 


[Природата на Бали е исклучителна, а креативноста на мештаните го надополнува амбиентот]

Што „дизајнирала“ природата на Бали?

Бали е една прекрасна творба на природата која дала многу во вегатација, а за среќа малку од животинскиот свет. Тоа го прави овој остров помалку опасен за слободно движење. Можностите за истражување се навистина големи. Од бројните оризови тераси до високите дождовни шуми.


[Оризови полиња]

Што те спои со овој индонезиски остров?  

Индонезија е земја на острови, ги има повеќе од 18 000 така да многу е лесно да се споиш со некој остров. Но, јас пред се тука дојдов на покана на модниот дизајнер со македонско потекло Марјан Пејоски, чие креативно студио е на Бали. До пред некое време и јас бев дел од тој тим. Од оваа сезона на покана на друг бренд продолжив со работа задолжен за развој на производите.

Зошто е предизвик да се работи таму?

Бали е многу креативно место. Верувам дека после Кина најголемиот дел од предметите во гифт шоповите низ светот се изработуваат тука. Балијците се многу креативни и секогаш расположени за изработки. Тоа го прави рај за работа скоро во сите креативни индустрии, па и во модната индустрија.


[Недопрената природа, инспирација за секој уметник] 

Каква е климата?

Во моментов е зима, температурите се често под 30 степени постојано дува и некогаш знае и да залади и да се спушти до 22-23Ц. За мештаните тоа е многу ладно и носат јакни и долги пантолони, присутни се настинки и сл. За мене постојано е лето. Инаку официјално има две сезони - дождлива од ноември до март и сува од март до ноември. Иако има дождлив период, тоа не е со монсуни така да е пријатно иако доста влажно.

Лесно ли беше да се адаптираш?

Не е лесно да се прилагодиш кога имаш 46-47 години, ако немаш мисла дека треба да се прилагодиш. Кога дојдов тука најдобриот совет што го добив е да заборавам се што знам, бидејќи тука се други правила. Тоа ми помогна секое искуство да ми биде лекција и со самото тоа полесно да се прилагодам. Најтешката лекција ми беше дека треба да пијам вода од шише, но така е веќе на многу места во светот.

Каков е односот на мештаните со странците?

70 проценти од населението е Хинду, а тоа во голема мера го прави Бали пријатно место за живеење. Гостопримството е на највисоко ниво и тоа токму поради нивната природа. Многу се љубезни кон сите, успеваат да го разберат секој карактер и скоро секој успева да се чувствува пријатно.


[Бали го прославува најголемиот празник за Хинду верниците-Галунган и Кунинган]

Со што се занимава населението, од што егзистира?  

Иако земјоделието им било од секогаш извор на егзистенција со самото тоа што Бали има скоро 7 милиони посетители секоја година, повеќе од сигурно е дека туризмот е огромен извор на заработка. Индонежаните од другите острови често наоѓаат работа на Бали.

Кои се туристичките атракции на Бали?

Секако плажите околу Бали се едни од најбитните атракции, но тука се огромниот број на храмови. Нешто што мора да се знае е дека Бали бил монархија до Втората светска војна. Потомците на кралското семејство се уште живеат тука, а тој начин на живот допринесува многу од нивните објекти да се интересни да се посетат.

Што треба да се има предвид пред да се тргне воопшто таму, а нема да ни го кажат во туристичка агенција?

За жал, многу од македонските агенции информациите за Бали ги добиваат само од Гугл и слични пребарувачи. Бали е богатство на култура, природа и задоволства. Епот за Махабхарата се случувал на Бали. Тие својата историја ја раскажуваат низ танц кој го учат од мали нозе. Бали треба да се истражува преку сместување во вили и слични објекти. Мислам дека одењето во ресорт е како и во било кој ресорт во светот не мора да се патува волку далеку за вакви доживувања.


[За да го почувствувате Бали не ви треба ресорт] 

Каква е храната, што е нивен специјалитет, пијалок?

Храната пред се е лута, но богата е се зачини и се базира пред се на ориз со додатоци од зеленчук и многу малку месо. Некои од јадењата се Наси Горенг (пржен ориз) Ми Горенг ( пржени тестенини), Мартабак (нешто ко пита со зеленчук или со чоколадо во блага варијанта) Многу се конзумира овошје, свежо готвено или како сок.



[Луѓето на Бали покрај што сакаат да јадат овошје, обожуваат да прават овошни декорации]

Кои се најчести посетители на островот? 

Најчести посетители се Австралијанците и Кинезите.


[Плантажа за кафе] 

Има ли правила што треба да се почитуваат?

Бали е прилично релаксиран остров, но правило е дека не смее да се влегува во светиот дел на храмот ако не си од Бали.


[Гоа гаџа храм на слонот]

Колку ги интересира модата? 

Сакаат убаво да се облекуваат и многу внимаат на деталите, како и сите жители на Пацификот. Сакаат многу накит што некогаш за европскот вкус е премногу. Љубители се на тетовирањето и го има многу и кај мажите и кај жените. Секако сакаат мода, но се жртви на истата. Ќе облечат нешто само ако им се допаѓа колку год да е модерно. Тие живеат за себе, а не за другите.




Спонзорирани линкови

Маркетинг