Договорот со Грција е диво месо вметнато во здрав организам, порача Мицкоски од Охрид

Макфакс

23/09/2018

17:15

2.738

Големина на фонт

а а а

Овие месеци се пишува историја, а јас Христијан Мицкоски, заедно со огромното мнозинство од народот, со разум, мудрост, но и со срце, не сум на страната на оние кои работат на обезличување на сопствената држава, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето на денешниот протестен марш кој се одржа во Охрид.

Тој, алудирајќи на договорот со Грција, истакна дека не би можел да се погледне во огледало доколку прифати нешто во што не верува, нешто што не го чуствува и спознава за исправно.

„Ја сакам Македонија онаква каква што е, каква што ја наследивме од нашите предци и сакам да им ја оставиме на нашите потомци онаква каква што ја заслужуваат, исправена, горда и подобра од таа што ние ја наследивме. Тоа е нашето мото и тоа е нашиот мотив“, рече Мицкоски, додавајќи дека договорот е против македонските национални интереси и против македонската држава, бидејќи е диво месо вметнато во здрав организам, кое, како што кажа, допрва ќе не влече надоле ако не се спротивставиме.

„Македонија со овие луѓе на власт, многу лесно и понатаму ќе остане во чекалницата и никогаш нема да биде дел од за Европската Унија, затоа што вредностите европски за овие луѓе се име именка и атрибут кој што не го познаваат. Ќе останеме приказна без крај, затоа што немаат визија и не знаат како. Тоа е суштинскиот проблем“, посочи лидерот на најголемата опозициска партија.

Во обраќањето, Мицкоски цитираше изјави дадени од грчки политичари, кои, како што кажа се директен, непремослив доказ дека со договорот се губи нашиот идентитет и воедно се дава кочница во рацете на Грција да го блокира европскиот пат на Македонија кога сака и како сака.

„Ципрас јуни 2018 година изјави: Не признаваме со договорот македонска националност, нема да ги нарекуваме Македонци, тие се славјани. Марија Спираки, пратеничката од соседна Грција во Европскиот парламент овој месец кажа: Не го прифаќаме постоењето на македонскиот народ, не ги исполнувате критериумите за членство во Европската унија, a Коѕијас во една прилика рече: Вашата армија нема никогаш повеќе да биде македонска“, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа тој зборуваше за критериумите кои треба да се исполнат за да може да се нарече референдумот успешен.

„Нека не гаат излуции од власта што значел успешен или помалку успешен референдум и да отвораат дебата без аргументи. Законот е јасен – над 900 илјади гласачи кои треба да излезат и најмалку половината да гласаат потврдно за овој договор. Тоа по закон претставува успешен референдум. Ништо друго, ниту повеќе, ниту помалку. И доколку излезат помалку, тоа ќе значи дека овој договор не поминал, затоа што не го вели тоа Мицкоски, тоа го вели законот, а државата мора да почива на ред, поредок и закони“, кажа тој пред присутните.

Мицкоски воедно ги охрабри сите граѓани да не потклекнат и да не се плашат да го демонстрираат својот став на денот на референдумот, иако како што кажа, во последно време слушал сведоштва за притисоци, закани и уцени кои доаѓаат од структури на власта, по секоја цена да се излезе и поддржи договорот.

„Тоа ја покажува сета немоќ на власта и сета штетност на договорот кој сакаат на сила да го истуркаат. Така само создаваат уште поголем револт кај народот и пркост“, додаде тој и повика следната недела, на денот на референдумот, сите граѓани да станат и да размислат дали живеат подобро со СДСМ на власт и дали договорот ќе ја донесе иднината која ја посакуваат.

„Ние Македонците друга татковина немаме, ја имаме само оваа – Република Македонија. Слушајте го вашето срце, и расудете со разум и мудрост и јас знам, сигурен сум дека ќе донесете правилна одлука. Нашата визија за Македонија е земја на интегрирано општество, со силна пазарна економија. Потребен е рапиден развој сега, не утре, не задутре или по една година. Потребни се веднаш големи чекори напред за да се надокнади, надополни пропуштеното. Ни треба економија која ќе создава додадени вредности и која ќе вработува и овозможува иднина, за невработените, за стечајците, за младите“, рече во своето обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг