Билјана Дебарлиева: Милионски град кој функционира беспрекорно

Точка

22/10/2018

10:19

8.531

Големина на фонт

а а а

„Познатиот плоштад Тјен Ан Мен, забранетиот град за кој знаевме само од она што сме го читале и од филмот Последниот Кинески цар, вистинско чудо кое можеш да го доживееш само ако навистина бидеш таму“-раскажува водителката Билјана Дебарлиева за Чекинг и не носи во посета на една од најголемите земји во светот.

Кога човек оди во четвртата по големи земја во свет, сигурно е во дилема што попрво да види?

- Во 2004-та година со сопругот бевме на 15-дневен престој во Кина. Престојувавме во Пекинг, Шангај и Вукси, милионски градови во кои се функционираше беспрекорно. За така далечна и голема земја, веројатно е потребен многу подолг период за убаво да се доживее буквално СЕ. Ама секогаш си велиме добро е да оставиш нешто за повторно да ја посетиш. Направивме одличен спој на работните и приватните обврски, за да можеме да ги видиме барем најинтересните места кои не смеат да се пропуштат.

Кои беа најголемите изненадувања?

Една од пет личности во светот е Кинез

- Мојот личен впечаток за една толку голема земја со милионски градови беше дека ќе наидеме на вистински хаос, но го видов и доживеав сосема спротивното. Пријателски, љубезни, насмеани лица на секој чекор. На прв поглед ви се интересни, чудни, сите се шетаат само со едно дете, ги загледувате вие , ама и тие вас. Знаеја да го покажат своето изненадување кон нас, луѓето од белата раса и така наивно да се насмеат дека имаш чудна, руса коса. Како пример само ќе ја спомнам ситуацијата кога од Пекинг одевме во другиот град Вукси. Човекот што беше задолжен да не пречека и да не однесе до следната дестинација, прво што ни рече беше извинување од негова страна што ќе бидеме сместени во еден мал град со два милиони жители. Ние само си премолчивме и се насмеавме во себе, а комплексот во кој бевме сместени беше како рајска градина.

Геополитичките експерти Кина ја нарекуваат „успиен змеј“ поради растот на економијата и се` поголемото влијание во светот

И најтешкиот дел кога требаше да изберете што ќе посетите „сега“, а што ќе оставите за „другпат“?

Забранетиот град е најголема плаата во светот.Се наоѓа во центарот на стариот град Пекинг, бил царски дворец за време на династиите Минг и Чинг

- Многу места, многу знаменитости, ама морате да направите вистински избор за да го видите она најинтересното. Во Пекинг бевме на познатиот плоштад Тјен Ан Мен. Забранетиот град за кој знаевме само од она што сме го читале, и од филмот Последниот Кинески цар, вистинско чудо кое можеш да го доживееш само ако навистина бидеш таму. Преполно и со туристи и со локални жители, ама нема турканици, галама, хигиена на највисоко ниво, секој дојден да ужива во вековната традиција. Во Шангај бевме на највисоката кула, во познатата Ботаничка градина, се шетавме на најпрометната улица која навечер изгледа како да сте во Лас Вегас. Кинескиот ѕид го оставивме за некоја следна посета на Кина.

Колку е безбедна Кина?


- Е тоа е нешто што не се опишува, туку само се доживува. Не можам да најдам соодветен збор за илјадниците автомобили на огромните булевари, река од пешаци и луѓе на велосипеди. И си велите, сега ќе се возиме со часови за да стигнеме од едно до друго место. Но, беше сосема спротивно. Немаше никаков застој, долги чекања или нервози, една лента за велосипедисти и сообраќаец кој го регулира сообраќајот само за нив. Седите во такси возилото и не ви се верува дека тоа навистина можело така да функционира. И веднаш правите споредба со тоа како е кај нас, ама сфаќате дека таква споредба е сосема излишна. Максимално безбедно, без оглед дали се шеташ на улица, дали си во продавница, во кафуле, ресторан или пак се возиш со такси. Интересно беше што сите таксисти беа облечени во одела, со бели шапки и бели ракавици, со говорен фискален апарат во возилото и едно шише со чај од билки до нив.

Ако може лесно да и се одолеа на кинеската храна нема да има мрежа од кинески ресторани низ цел свет. Се согласувате?


- Изобилство од храна, многу специјалитети, ракчиња, ориз подготвен на милиони начини, храна прилагодена на европските вкусови. Пробавме буквално од се. Но, имавме можност да вкусиме и од нивната традиционална храна која е малку поспецифична и за мој личен вкус малку и чудна. Но, кога одиш во земја која и според традицијата и храната е многу поразлична од нашата, добро е да пробаш се.

Зошто би одела повторно?


По 1949 година па до денес, кинеските жени не го прифаќаат презимето на своите мажи по венчањето

- Многу работи се сменети од пред 14 години до денес, и во поглед на платите и занимањата. Но, кога пред толку години Шангај изгледаше како град од научно-фантастичните филмови, не можам ни да претпоставам како сето тоа изгледа денес. Беспрекорниот ред и дисциплина, хигиена на највисоко ниво, цвеќиња на секоја педа на тревните површини, тоа е она што ми остави убав впечаток и желба повторно да ја посетам Кина.




Спонзорирани линкови

Маркетинг