Огнен Јанески: Во Санкт Петербург веднаш би живеел и работел

Точка

08/11/2018

11:43

5.177

Големина на фонт

а а а

Многу работи кои сте ги знаеле за Москва, а не сте имале прилика да ја посетите, не важат. Ќе се збогувате со многу предрасуди за овој град после ова интервју. А ќе дознаете и зошто познатиот водител Огнен Јанески, му дава приоритет на Санкт Петербург во однос на Москва.

- Се радувам што со вашите читатели можам да ги споделам своите впечатоци од патувањето Руската Федерација, кое го доживеав и од професионален, но и од приватен аспект.  

1. Кој е првиот впечаток кога стапнуваш на руско тло? 

- Можеби на многумина првиот впечаток им е дека се’ е премногу големо, прешироко и по малку создава чувство на збунетост и изгубеност, но, јас таквите искуства ги надминав преку живеењето во Њујорк, САД.  

Тие што мене како впечатоци ми останаа се чистотата на градот, на улиците и насекаде, како и фактот дека во Москва не зборуваат странски јазици, освен рускиот, па дури и таму каде што работат со странци. Тоа е сериозен проблем, а особено доколку не го познавате кириличното писмо, што за среќа за нас не е проблем, но сепак, е за многумина странци кои немаат никаква врска со Источна Европа.


[Од официјалниот пречек на странски новинари во традиционалниот руски ресторан „Иља Муромец“ во Москва / фото: Валентин Мирошников, „Россотрудничество“]

2. Москва или Санкт Петербург и зошто? 

- Санкт Петербург одма, сега и веднаш. Дури и би се преселил да живеам и работам таму. Тоа е град којшто има совршена комбинација на словенски дух, со европеизирани погледи, а без скандинавско-балтичката студеност. Тоа е Европа – спакувана во 5 милионски град кој ви ја гали душата со уметноста (музика, сликарство, вајарство), книжевноста пред се’, архитектурата која во најголем дел не е повисока од 4-5 ката, смиреноста на жителите, а сепак радосно и пријателски настроени кон туристите (што не е случај со Москва). Таму историјата е на секое ќоше. Таму книжарниците се на врвот. Таму книгата е на пиедесталот. За викенд, каде и да се движите низ централното градско подрачје слушате музика во живо од млади уметници – рок, поп, руска музика, класика, комбинаторики на стилови... Одите насекаде и потскокнувате од убавина. Канали, река, вода, кеј-прошетки, воздух и ветер, зеленило... Санкт Петербург не е Русија. Барем според мојата споредба со Москва.  

 

[Поглед кон северозападниот ѕид на Кремљ (Арсеналната Кула) и шопинг-центарот „Охотни Рјад“ (долу) во Москва, Русија / фото: Валентин Мирошников, „Россотрудничество“]

3. Што не смееме да пропуштиме да видиме во Москва, а што во Санкт Петербург? 

- Во Москва не смеете да го пропуштите погледот кој го нуди видиковецот на Воробјовите Гори (особено навечер) каде што се наоѓа и Московскиот државен универзитет „М. Ломоносов“, кој е дел од сталинистичко-готската облакодерска архитектура позната како „Седумте сестри“, и впрочем универзитетот е „највисоката сестра“ од сите, која со своите 240 метри била и највисоката градба во Европа, се’ до 1990-та година. Оваа област топло ја препорачувам за пешачење. Но, еве и како од моето искуство.  

На Црвениот Плоштад, каде што ќе видите турлитава од архитектура, поради што и не ми се допаѓа Москва, ќе ги видите историскиот музеј, дел од светски познатиот Кремљ, храмот според којшто сите ја препознаваме Москва насекаде – посветена на Св. Василиј. Оттука ќе си отидете кон театарот „Бољшој“, каде во близина на „Плоштадот на Револуцијата“ ќе ја најдете и метро-станицата „Театралнаја“, каде ќе влезете во зелената линија „2“ и потоа во метро-градот ќе се прекачите во црвената линија „1“, која ќе ве однесе до станицата „Воробјови Гори“. Тоа што е интересно да се знае дека метро-станиците сами по себе се туристички атракции. Но, не поради тоа што ние немаме метро, туку затоа што шетањето низ станиците во Москва е како да шетате низ мини-музеи, поради што и московската метро-мрежа е посочена како една од позначајните. Станицата „Воробјови Гори“ е специфична, зашто е првата метромост-станица во светот, пуштена во употреба во далечната 1958 година. Метромостот се наоѓа над московската река и е веднаш до познатиот стадион „Лужники“. Оттаму, штом ќе завршите со уживањето гледајќи низ застаклениот видик, продолжете пешки низ парк-шумата на Воробјовите Гори, од каде што се гледа главниот дел на Москва, преку одлична панорама, додека уживате во уличната забава со гласно музичко озвучување на моторџиите кои се собираат таму. Кога сме кај забавата, препорачувам да отидете на една авантура, барајќи еден од многуте барови, кои се скриени низ разни градби од историјата во Москва, чии влезни врати може да се наоѓаат од тоалет на виетнамски ресторан за брза храна и слично. Ќе потрошите време, но, ќе бидете задоволни штом го најдете.

Што се однесува до Санкт Петербург, бидејќи го опишав поемотивно во претходното прашање, ќе ви кажам само дека ви треба сериозно време за да му посветите внимание на градот. Наспроти обврзните туристички атракции како Ермитажот, Катедралата на Св. Исак, мостовите, булеварот „Невски“, рускиот музеј, првиот музеј (1727г.) воопшто во Русија - Кунсткамера, Петро-Павловата тврдина, турите со брод низ реката Нева и каналите на градот, јас ќе ви препорачам да го шетате градот низ духот на книжевноста. Посетете ја последната куќа (една од над 20) каде што живеел и починал Достоевски, која денес е музеј, па музејот на Пушкин, спомен-обележјето каде што смртно бил ранет Пушкин при двобојот, што е вон централното градско подрачје, во Приморската Област, па оттаму отидете и до „Паркот на 300-та годишнина на Санкт Петербург“. Со метро и со јавниот транспорт сето ова е полесно. Не пропуштајте да влезете во која било од книжарниците. И кога сме кај книгите, доколку сте во можност, зашто е малку поскапа опција, резервирајте маса за вечера, за време на викенд во „Литераторное Кафе“, каде што оделе Пушкин (последно место пред да загине), Достоевски, Лермонтов, Чајковски и многу други општествени дејци. Или отидете до ресторанот каде што вечерал Сергеј Есенин, пред да почине, во хотелот „Англетер“.


[Групна фотографија на новинарите-учесници од 19 земји на програмата „Нова Генерација 2018“ на федералната агенција „Россотрудничество“ во руското МНР, пред Историскиот Музеј и споменикот на маршалот Жуков во Москва / фото: Валентин Мирошников, „Россотрудничество“]

4. Какво е чувството макар да се биде пред Бољшој дури и да не се влезе? 

- Јас созреав во театорот во Прилеп. Мене таа сцена ми е во душата. За мене театрите се првите нешта кои ги посетувам, секаде каде што одам. Желбата да изгледам претстава на Бродвеј во Њујорк си ја исполнив. Следна ми е да изгледам претстава во Бољшој. Овојпат не успеав прво поради обврските кои ги имав со руското МНР, а второ поради тоа што се’ беше резервирано, а „тапкарошите“ не успеав да ги најдам за толку кратко време. Но, Бољшој е нештото што ќе ме врати во Москва. И нема да го пропуштам следниот пат. Ете – толку длабоко е чувството на таа театарската грандиозност. 


[Театарот „Бољшој“ на плоштадот „Театралнаја“ во Москва, Русија / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]

5. Заблуди за Русија и Русите? 

- Дека се сите „плавуши“, односно бели во тенот. Одма ги забележувате сите миграциски процеси коишто се случувале во Русија и диверзитетот кој е многу поразличен отколку на Запад. И тоа и и’ дава душа на Русија, преку овие два најголеми града. Заблуда е дека се’ уште ја користат меѓу нашиот народ позната како „руска школа“ за организација и протокол. Од моето лично искуство, наидов на организациски непрофесионализам кој доаѓа токму од федерални агенции на Русија. И трето – никаде во Русија не се пуши! Ако мислевте дека по улици „врие“ од цигари и од водки, само да знаете дека на јавен простор се забранети за консумирање, исто како што е и пцуењето во јавност забрането.  

И најголемата заблуда која порано била вистинита, но, после санкциите од САД и ЕУ поради Украина, веќе не е, е тоа што Русија (конкретно Москва и Санкт Петербург) не се меѓу најскапите градови во светот. Особено не Москва. Сведени се на ниво на Загреб или некаде можеби и на Белград.


[Поглед од шопинг-центарот „Охотни Рјад“ кон Историскиот Музеј и Арсеналната Кула (северозападен ѕид на Кремљ) / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]

6. Имаат ли некои специфични навики необични за нас? 

- Да. Имаат навика ѓубрето што го создаваат да си го носат со себе и да го фрлаат таму каде што му е местото. Нешто што е нормално за цивилизираниот свет. Специфично е тоа што многу ретко ќе наидете на корпи за отпадоци по улица. Ќе се напешачите со отпушокот в рака, додека да наидете на корпа, која е на 20 минути пешки од местото каде што сте сакале да фрлите нешто. Просто е неверојатно како имаат толку малку места за фрлање ѓубре, а градовите се пречисти! Нема животни-скитници по улиците. Дури и бездомници ретко ќе видите. Многу ретко. Просење скоро и да нема. Фонтани за пиење вода не најдов. Тоа ми беше малку проблем. Водата за купување е доста поскапа отколку кај нас. Но, затоа ќе наидете на многу јавни тоалети кои се чисти. Дел од нив се и туристичка атракција според својот изглед.  


[Поглед од Црвениот Плоштад кон храмот на Св. Василиј и споменикот посветен на Минин и Пожарски во Москва, Русија / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]

И тоа е сосема нормално, штом имате на ум дека за во Русија треба да сте свесни за различното поимање на далечината. Штом ќе прашате некого за некоја локација и ќе ви речат: „Ах, па тоа е таму, зад аголот, баш е блиску.“, прашајте ги колку километри е тоа, зашто јас бев сместен во центарот на градот, но за руски стандарди тоа е на 9 километри од самото централно градско подрачје. За нив 1.000 километри се како за нас Скопје – Тетово. Впрочем, Москва – Санкт Петербург се на растојание од 705 километри преку најбрзата рута (околу 7 часа) со автомобил. Затоа ќе си патувате со возот „Сапсан“ (возот „куршум“) за помалку од 4 часа, или со редовните авионски летови кои се околу 1 час. 

7. Што не ти се допадна? 

- Не ми се допадна храната, за што можат да ви раскажат целата организација и колегите од 18 земји од светот со кои бев таму. Иако сакам разни комбинации на вкусови, сепак, да ви носат да јадете риба во се’ и сешто е нешто кое не можам да го издржам, особено што не сум љубител на риба. Дополнително и нивната навика да ставаат мармалади врз се’ и сешто, што во одредени ситуации е сосема вкусно, но, за нас не е за постојана исхрана. Така што, се изнасркав чорби и супи, кои се турлитава од сезонски зеленчуци и некаде плус и овошје. Добив впечаток дека во Москва немаат сензитивност за тоа дека постојат вегетаријанци, вегани и луѓе кои се алергични на храна. 

Има неколку работи што не ми се допаднаа, како московската архитектура која собрала се’ што може да собере од светот, невоспитаноста на угостителските работници, незнаењето никаков странски јазик, но и московскиот пристап кон странците, кои ги гледаат како непријатели најчесто.


[Панорамски поглед на Москва, Русија (в десно - стадион „Лужники“ и в лево - Московскиот Меѓународен Бизнис Центар „Москва-Сити“) од видиковецот на Воробјови Гори / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]

8. Би одел во Русија пак за... 

- Во Москва веќе ви кажав поради што би отишол – театарот „Бољшој“. Но, и доколку се покаже можност да ја видам во сосема друго светло од ова во кое ја видов овојпат, иако за среќа наша и на многу посочување на тамошните граѓани дека сончево и топло време во сред октомври е сосема необично за Москва.  

Но, во Санкт Петербург би одел секојпат кога би ми се пружила прилика. Секогаш.


[Поглед кон Московскиот државен универзитет „М. Ломоносов“ (еден од сталиновите „Седум сестри“) од Воробјови Гори / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]


[Дел од зградата на министерството за надворешни работи на Руската Федерација (една од сталиновите „Седум сестри“) / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]


[Панорамски поглед на Санкт Петербург, Русија, за време на крстарење по реката Нева - од лево кон десно: Ермитаж, Катедралата на Св. Исак, Дворскиот Мост, првиот руски музеј Кунсткамера, Зоолошкиот музеј и римски столб / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]

[Ресторанот „Шастие“ во склоп на хотелот „Англетер“ (каде што пред смртта вечерал Сергеј Есенин) во Санкт Петербург, Русија / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]

[Во заднина - бизнис-центарот „Лахта“ фотографиран од „Паркот на 300-годишнината на Санкт Петербург“ кој се наоѓа во Финскиот Залив / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]

[Реконструкција на работната соба во последниот дом на Ф.М. Достоевски (денес музеј „Достоевски“) во Санкт Петербург, Русија каде што и починал на 28 јануари (среда) 1881 (според стариот календар) / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]

[Кафе „Литературное“ во Санкт Петербург, Русија, каде што уживале Пушкин, Достоевски, Лермонтов, Чајковски, Горбачов и скоро сите од денешните општествени дејци и политичари / фото: Огнен Јанески (приватна архива)]



Спонзорирани линкови

Маркетинг