Зошто треба да се посети Будимпешта?

Точка

15/11/2018

19:13

3.264

Големина на фонт

а а а

Во Будимпешта се наоѓа третата најголема парламентарна зграда во светот. Дом на еден од најголемите музички фестивали. Има бројни медицински бањи, кои функционираат уште од времето на Римската Империја. Во овој град се наоѓа најстарата подземна железница во континентална Европа. Секој што ја посетил има добра причина зошто да ја памети. Еве зошто ја издвојува текстописецот и драматург, Огнен Неделковски како незаборавна дестинација.

По кој повод бевте во Будимпешта ? 


- Во Будимпешта бевме со син ми Филип, мојот пријател Борис и неговиот син, Баже. Машко друштво. Тоа беше пред неколку години, мислам во мај 2015 година, кога ЖРК Вардар по втор пат играше на „Фајнал фор“ и загуби во полуфиналето. Ни недостасуваше Соња, која редовно патува со нас на вакви спортски натпревари, но таков беше договорот. Патувавме долго, удобно и безбедно со џипот на Борис, а единствен проблем ни беше долгото чекање на српско-унгарската граница.

Имавте ли доволно време да го почувствувате духот на градот?


- Имавме среќа веднаш по пристигнувањето во градот, буквално да налетаме на бродот кој што крстари по Дунав, по должината на цела Будимпешта. Веднаш и без размислување, станавме дел од ова крстарење и си поминавме навистина фантастично. Видовме нешта, кои што не би можеле да ги видиме за толку кратко време пеш или со автомобил, а благодарение на љубезниот туристички водич, дознавме и многу интересни нешта за историјата на Будимпешта и нејзините прекрасни градби. Будимпешта живее спокоен, европски живот, а луѓето се љубезни и не се оптеретени со ништо.

Што е специфично за вој град?

- Специфична е архитектурата и пребогатата историја. Се забележува дека Унгарците многу водат сметка за својата историја, дека се горди на своето минато. Забележлива беше хигиената и чистотата на градските улици. А Дунав е таму навистина голем и прекрасен. И да, во него не пливаше ниту едно пластично шише.  

Може ли да се прошета пеш?


- Не. Будимпешта е толку голема, што е невозможно и да се помисли да се прошета пеш. Но, нејзиниот центар нуди толку многу интересни содржини, што навистина немате никаква потреба да се оддалечувате од него. Впечаток ми остави и прекрасната тврдина, во која, иако беше недела, вриеше како во кошница од луѓе, типични унгарски производи и забавни содржини. Сето тоа наликуваше на еден мал панаѓур, на кој имаше за секого по нешто. Сонувам за некоја таква содржина во моето родно Скопје.    

Може ли секој да си ја дозволи Будимпешта?

- Да. Мислам дека градот не е скап. Има храна и сместување за сечиј џеб. Како и секаде во светот. Колку ти е долга чергата, толку и ќе си ги пуштиш нозете. Мене така ме учеа дома.

Колку чини сметувањето во просечен хотел?

- Не се сеќавам колку точно плативме за двете ноќевања во нашата двокреветна соба, но, мислам дека не беше воопшто скапо, а хотелот беше сосема коректен согласно цената, појадокот беше солиден, собите беа чисти и удобни. Жал ми е што не им го пробавме базенот во хотелот, иако мојот син инсистираше на тоа. Секако, при изборот на хотелот најважно ни беше хотелот да биде блиску до Салата во која нашите Вардарки го играа својот натпревар. Хотелот беше буквално залепен за Салата во Будимпешта, а посебно беше интересно што во истиот хотел беа сместени и ракометарките на Вардар и нивниот стручен штаб. Се разбира, син ми Филип тоа го искористи да направи некое селфи со нашите најдобри ракометарки, за време на појадокот.

Кои културни знаменитости е пожелно да се видат и зошто?

- Искрено, немавме многу време за да прошетаме и да ги видиме културните знаменитости на Будимпешта. Од разгледот по Дунав со бродот, заклучивме дека има преубави споменици, цркви и катедрали, кои задолжително треба да се посетат. Во секој случај, Будимпешта не е град што може да се прошета за два дена. На одење, му ветив на син ми Филип дека повторно ќе дојдеме во Будимпешта и дека ќе останеме неколку дена и детално ќе ја разгледаме. Се разбира, друштво ќе ни прави и нашата Соња. Таа му дава посебна боја и димензија на секој град. Во секој случај, се вљубивме во Будимпешта, на прв поглед.

Инспирација ли беше за вас како уметник?


- Секој град кој го посетувам прв пат во мене буди нова возбуда, инспирација и сознание дека има уште многу делови од светот кои не сум ги видел. Овој пат бев во Будимпешта како спортски фанатик, а не како уметник. Но, следниот пат ветувам дека ќе се загледам во „унгарската убавица“ со уметнички очи.

Има ли случки, луѓе, слика кои ве потсетуваат на овој град?

- Реката Дунав е првата слика која ми излегува пред очи кога ќе помислам на Будимпешта. Иако ние се знаеме одамна, од Белград и од Калемегдан. Секако и друштвото беше супер во Будимпешта. Таму имаше стотина навивачи на Вардар од Македонија, кои со цело срце го бодреа својот омилен клуб. А, јас, Филип, Борис и Баже бевме на високо навивачко ниво, како и секогаш.   

Со какви впечатоци си заминавте?

- Впечатоците од градот беа прекрасни, иако малку беа расипани од поразот на нашите ракометарки во полуфиналето и фактот што таа вечер требаше порано да тргнеме за Скопје, за утредента да одиме на работа. Во секој случај, Будимпешта е град кој бара многу повеќе љубов и не се доволни 48 часови за да се запознаете со сите нејзини тајни и предизвици.  

Автор: Александра Велинова






Спонзорирани линкови

Маркетинг