Мистеријата на украдената слика од Пикасо: Романската писателка која мислела дека пронашла ремек-дело, сега тврди дека е измамена

Точка

19/11/2018

19:29

1.950

Големина на фонт

а а а

Фетичу ја пронашла сликата под дрво во источна Романија, по што ја предала на холандската амбасада.

Романската писателка Мира Фетичу, која мислела дека пронашла слика од Пабло Пикасо украдена во 2012. година од музеј во Холандија, била, судејќи по се, жртва на шега. 

Фетичу рекла дека до сликата за која се верува дека е "Главата на Арлекин" од Пабло Пикасо, дошла на основа на анонимна дојава, пренесува "AP" и додава дека таа слика ја пронашла под дрво во источна Романија по што ја предала на холандската амбасада.

Холандскиот новинар Франк Вестерман, кој отишол кај Фетичу во Романија, на Фејсбук објавил дека двајцата биле измамени.

"Наводно изгубената слика од Пикасо, таму ја оставиле двајца белгиски театарски продуценти", порачал Вестерман.

Романскиот Директорат за истражување на организиран криминал и тероризам во неделата соопштил дека ги истражува околностите на тоа откритие, а денес одбил да прокоментира било што, наведува агенцијата.

Романското обвинителство вчера соопштило дека во таа земја се појавила слика за која се верува дека е една од украдените до музејот Кунштал во Ротердам во 2012. година.

"Reuters" пренесува дека се верува дека пронајдената слика е "Главата на Арлекин" од Пабло Пикасо, која била украдена во грабеж.

Во тој грабеж, еден од најдраматичните во светот, крадците украле седум слики, меѓу кои има слики од Пабло Пикасо, Клод Моне, Анри Матис, а кои заедно вредат милиони евра.

Иако лидерот на криминалниот прстен и неговите соучесници биле уапсени и осудени во 2013. година, ниедно од уметничките дела не било пронајдено, а експертите верувале дека извршителите запалиле најмалку три дела за да ги сокријат трагите.

Инспекторите за борба против организираниот криминал вчера навеле дека две лица дошле во холандската амбасада во Букурешт со сликата, наведувајќи дека ја пронашле во југоисточен романски град.




Спонзорирани линкови

Маркетинг