Заев и Тевдовски: Владата ги поддржува развојните програми на општините за подобри услуги за граѓаните

Макфакс

19/11/2018

19:36

1.075

Големина на фонт

а а а

Заложба на Владата е да ја помогне работата на Општините, со цел проектирање и реализација на повеќе развојни и капитални проекти, со што граѓаните ќе добиваат подобри услуги за даноците кои ги плаќаат и ќе бидат комплетно информирани за трошењето на тие средства, рече премиерот Зоран Заев на средбата со Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), предводена од претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов.

„Владата на Република Македонија е многу свесна за важноста на Општините во земјава, и оттаму со ваквото решение сакаме да го намалиме нивниот долг, за да можеме да сметаме на нивниот капацитет, кој сега е десеткуван. Затоа одлучивме да одвоиме педесет милиони евра како поддршка за Општините, во форма на еднократна финансиска инјекција, за да можат градоначалниците да ги стабилизираат развојните капацитети на своите Општини“, рече премиерот Заев на средбата.

Премиерот Заев, исто така рече дека сите предлози кои доаѓаат од ЗЕЛС се добредојдени и се во духот на конструктивноста во пристапот на решавањето на актуелните проблеми со задолженоста на локалните самоуправи во Македонија, како и за финансиско стабилизирање на општините.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на средбата појасни дека планирањето на буџетите ќе се базира на реална основа, односно, буџетот на општините ќе може да се проектира со максимални 10% раст во однос на просекот од остварените приходи во последните три години. Тоа е мерка која претставува гаранција дека проблемот со задолжувањето на општините нема да се повтори, затоа што, како што рече тој, ќе се спречат таложења на неплатени обврски и ќе се подобри финансиското работење на општините.

Претставниците од ЗЕЛС ја поздравија заложбата на Владата да им се помогне на општините да го решат проблемот со презадолженоста, со што како што рекоа тие на средбата, ќе можат со поголем капацитет да се посветат на конструктивна работа и решавање на конкретни проблеми во интерес на граѓаните.




Спонзорирани линкови

Маркетинг