Катерина Попоска: „Вечера во облаци“ од неодамна во Дубаи

Точка

10/12/2018

11:04

3.803

Големина на фонт

а а а

„Го обожавам секое будење и заспивање во овој град кој полека го нарекувам “мојот”. Посетувам прекрасни дестинации, но за ниту една до сега не ми се разлетале толку пеперутки во стомакот како за ова место“- вели Катерина Попоска, некогашна новинарка, а сега стјуардеса за космополитскиот град Дубаи.

За туристичките атракции, шармот, стандардот, обичаите и навиките на мештаните, но и туристите дознавате токму од неа. 

Арапската култура важи за една од оние кои со посебен респект се однесуваат кон традиционалните вредности и жените?

- Секако дека Арапската култура и менталитет се различни од она со што ние секојдневно се соочуваме во Македонија. Традиционалната облека на мажите (кандура) и на жените (абаја) е едно од нештата по што се разликуваме. На јавни места тие се во својата автентична облека, која што целосно им го покрива телото. Ги почитуваат и негуваат семејните вредности и често пати една фамилија живее заедно во пространа вила. Имаат многудетни семејства. Во нивната традиција е да ја почитуваат мајката, така што во Дубаи дамите имаат предност, за нив има одделни шалтери во администрацијата или болниците, има посебни кабини во јавните автобуси и метроата...  


[Највисоката зграда во светот Бурџ Калифа, главно деловен простор, ротирачки панорамски ресторани и многу малку апартмани]

Зошто има посебен шарм Дубаи?

- Дубаи е космополитски град. Сета испреплетеност на ориенталното и останатите култури му дава посебен шарм и егзотичност, барем за мене. 

Што е строго забрането, на што особено да внимаваме во Дубаи? 

- Во поглед на некои морални норми на однесување, во Дубаи не смеете јавно да ја покажувате својата нежност кон партнерот, во спротивно може да добиете и затворска казна или депортација. Има одредени правила на однесување со кои ќе ве запознае работодавачот при пристигнување.  


[Едно од моите омилени места за пладневно кафе, ресорт со поглед на прекрасниот хотел Бурџ Ал Араб]

Безбедно ли е?

- Безбедноста и сигурноста е на високо ниво. Насекаде има камери и полициски патроли. Ако изгубите нешто на јавно место, повеќе од сигурно е дека наскоро повторно ќе го имате во свои раце. Но, и покрај ваквите построги правила на однесување, Дубаи важи за отворен град.  

Какви луѓе се локалците? 

- Се почитуваат разликите и различностите, се живее во хармонија. Луѓето, особено локалците се учтиви и културни, одмерени и грациозни. Го користат карактеристичниот ориентален мирис OUD (уд) кој е прилично јак и е мешавина од појаки зачини. 

Дубаи е многу повеќе од Бурџ Калифа?  

- Првата асоцијација за Дубаи е секако највисоката зграда во светот од 830 метри, Бурџ Калифа, и хотелот со 7* Бурџ Ал Араб, еден од петте највисоки зданија во светот, кој е изграден на посебен остров. Специфичност за Дубаи е тоа што најголемиот дел од архитектонските чуда се изградени во морето. Еден од најпознатите острови е Палмата ( од птичја перспектива островот е во облик на Палмино дрво). Најлуксузните резорти, хотели и ресторани, како и приватни вили на светски познати личности се токму таму. Ако пред 15-тина години Дубаи бил мирно, мало и симпатично ориентално пустинско место, денеска нескромно е еден од водечките светски центри, особено кога е туризмот и современата архитектура и висококатниците во прашање. Поставуваат и многу високи стандарди во услужниот сектор и комуникацијата со клиентите.     

Сафарито во пустина, возењето по песочните дини со џип или камила и арапската храна и ориенталниот танц се една од туристичките атракции исто така. Во непосредна близина на Бурџ Калифа е и најголемиот шопинг мол во светот, Дубаи мол, што е атракција сам по себе. Покрај брендовите од високата мода, има тунел-аквариум со можност да нуркате заедно со ајкули и ражи, познатата музичка фонтана која неколку пати во текот на денот импресионира со синхронизираноста на музиката и движењата на водоскоците... На две локации во Дубаи има Панорамско тркало од кадешто можете да го видите целиот спектар на бои и архитектонски амплитуди кои го прават Дубаи неодолив. Има улица и плажа со многу интересни графити, атрактивни ресторани до кои можете да стигнете само по воден пат. Од неодамна во Дубаи има “Вечера во облаци”- ресторан кој ве лансира во височина, над морето...

Кога работните обврски ми дозволуваат секогаш ги истражувам помалку познатите и специфичните места, кои во Дубаи ги има многу. Оази сред пустина, тематски цветни паркови, ресторани со традиционална кујна сместени во реплики од познати светски метрополи и знаменитости...

Туристичка атракција се и светски познати имиња кои често пати можете да ги видите во Дубаи...

Дали треба да се грижиме што би јаделе таму? 

- Привилегијата да ја пробате секоја кујна која ќе посакате ви е овозможена во Дубаи. Има и Балкански ресторани. Ориенталната, Египетска, Либанска или Мароканска кујна е прилично застапена. Користат ориентални зачини и го сакаат месото и морските плодови. Традиционален напиток е црниот чај, но пијат и кафе со кардамон (сладок зачин) што е спицифичност за Арапското кафе. Урмите ги има во изобилие. Некогаш бедуините ги консумирале урмите како единствена храна за да ги преживеат долгите, жешки и влажни денови во пустината.     

Мојот личен избор овде претежно е свежата морска храна или Либанската кујна која ми е поблиска до нашата.


[Спознавање со пустинската мистика и средба одблиску со сокол, едно од честите домашни миленици на локалците]

Кога сме кај стандардот?

- Дубаи има висок стандард. Несомнено е еден од најскапите градиови за живеење во светот. До измината година важеше за град без данок, така што и најлуксузните автомобили не беа недостапни за средната класа. Апартман во полуксузните квартови на Дубаи вреди стотици илјади евра, зависно од локацијата и големината секако. Но, и покрај високиот стил на живеење, немам впечаток дека тоа им создава притисок или хендикеп на странците тука. Локалците во Дубаи ја сакаат високата мода и луксузот.  


[Дубаиленд, нова туристичка населба и атракција, чијашто архитектура целосно потсетува на симпатичните француски селца]

Лесно ли се адаптира на сите тие различности?

- Многумина од моите пријатели или колеги кои заминуваат или планираат да заминат од Дубаи, ми велат: сподели барем малку од тоа што ти го создава сјајот во очите кога зборуваш за Дубаи, можеби и ние ќе се предомислиме и ќе засакаме и ќе го живееме местото со истиот твој ентузијазам. 

Јас од ден на ден се повеќе се заљубувам во Дубаи, во мирисот и бојата на морето, во оптимизмот и светлината на секој нов ден, моите ритуални утрински кафиња или зајдисонца кои се повеќе ја зацврстуваат таа невидлива нишка на врзување со градот. Едноставно, го обожавам Дубаи. Со мојата професија патувам многу, речиси секаде во светот. Но, и кога за прв пат отпатував во посакуваните Њујорк, Сан Франциско, Лос Анџелес, Маурициус, Сејшели или некоја убава Еврсопска метропола...само сфатив колку празни места има после Дубаи.

Уживам во возењето на автопатот со 14 ленти (7 во еден правец) меѓу импозантните облакодери. Посебен зен ми се неколку плажи во Дубаи кои се уредени на начин што се внимавало на секој детаљ, на секоја декорација и боја, на секој мирис... Водните спортови или возењето со јахта...

Речиси и да нема работи што не ми се допаѓаат или што ми се непоимливи. Навистина.


[Дубаи и јахтингот се своевиден синоним-изнајмување на превоз и целодневно уживање е само една од многуте хедонистички опции]

Кои се најчестите туристи?

- Со оглед на тоа што во Дубаи повеќе гледате странци одошто локалци, јас немам впечаток кои од нив се туристи, а кои се со подолг престој овде. Сепак, од она што можам да го забележам во рамки на резортските комплекси, мислам дека најголем дел од туристите доаѓаат од Русија, Европа и Азиските земји.

Кој јазик е официјален, научи ли некој збор?

- Официјален јазик е Арапскиот, но секаде се применува Англискиот. Предизвик ми е да го учам јазикот, со оглед на фактот дека и писмото и изговорот се специфични. За сега моето познавање е минимално, се сведува само на фрази на поздравување, изразување благодарност и слично. Но, амбициите не застанале.


[Панорамски поглед на само дел од импознатните модерни многукатници]

Кое е нивното мото?

- Не сум убедена колку соодветно јас би одговорила на ова прашање, но мислам дека една од водечките идеи е да се биде прв и најдобар. Со оглед на фактот дека се уште во Гинисовата книга на рекорди се први во изградба на највисоките згради во светот, најголемите шопинг молови, најдолгометражните Новогодишни огномети или ласерски шоуа, ми се чини дека да го држат приматаот на светско ниво во различни сегменти е една од целите.


[Чудесната цветна тематска градина во Дубаи секоја година изненадува со цветните аранжмани и инсталации]

Во кој период од годината е најубаво?

- Една од причините поради која Дубаи не би го менувала за никое друго место, барем за сега, е “постојаното лето”. Овде и кога е зима можете да одите на плажа и да уживате во убавите зајдисонца. Во текот на Февруари и Март е малку посвежо, но веќе од Април температурите знаат значително да се зголемат само во рок од еден ден. Во Дубаи ретко кога врне, а и да се случи тоа, луѓето се среќни да го почувствуваат и помирисаат краткотрајниот летен дожд. Во текот на летните месеци во Дубаи е прилично топло и влажно, термометарот достигнува и над 50 степени, па голем дел од атракциите на отворено и летните тераси и клубови се затворени.

Најубав период за туристичка посета според мене е Март-Мај и Октомври-Декември. Но, јас го обожавам секое будење и заспивање во овој град кој полека го нарекувам “мојот”. Посетувам прекрасни дестинации, но за ниту една до сега не ми се разлетале толку пеперутки во стомакот како за ова место.


[Највисоката зграда во светот, а изградена во Дубаи, во момент на светлечкото шоу]


[Во близина на хотелот со 7* Бурџ Ал Араб, во облик на едрилица, има мноштво на различни кујни, луксузни плажи, сето надополнето со свежиот морски мирис]

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг