Волшебна елка - почувствувајте ја среќата, правејќи ги другите среќни

Точка

14/12/2018

12:16

3.267

Големина на фонт

а а а

Во време кога се повеќе се отуѓуваме, стануваме себични луѓе, убаво е празниците да нè потсетат дека сме социјални битија и да го разбудат човечкото во нас. Оваа година Волшебната елка ќе се обиде да им ги направи волшебни Новогодишните празници на децата сместени во згрижувачки семејства.

Да, токму и вие можете да бидете нивниот Дедо Мраз и да им подарите пред сè внимание. Црвен Крст како и секогаш се иницијатори на оваа благородна идеја, па поразговаравме со Ана Франциќ за деталите и како би можеле да ја почувствувате и вие магијата на Волшебната елка.

Зошто Волшебна елка ?

- Водени од идејата дека секој човек, особено дете треба да се чувствува убаво и среќно за време на новогодишните празници, Ramstore Mall, Црвен крст на град Скопје и ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје, со поддршка на а.д. Комерцијална банка по десетти пат ја организираат Волшебната елка. На 04.12.2018 г. во просториите на ТЦ Рамстор децата ги запишаа нивните новогодишни желби и ги закачија на големата елка, а во периодот од 09-26.12.2018 година, сите хумани граѓани кои ќе ја посетат Новогодишната волшебна елка, може да изберат некој од „лампионите“ на кои се запишани желбите и да остварат искрените детски желби.


Што сè може да се донира?

- Желбите на децата се секогаш скромни, од срце и најчесто посакуваат нешто лично за себе. Убаво е да се видат искрени желби за подароци како тренерки, патики, кукли, колички и слично, бидејќи тоа го посакуваат речиси сите деца во пресрет на новогодишните празници. Сите нешта кои ги посакаа децата веќе се запишани на „лампионите“ кои се поставени на елката во Рамстор, но сите хумани граѓани за поконкретни информации може да се обратат и кај волонтерите на Црвен крст на град Скопје во ТЦ, во просториите на Црвен крст на град Скопје или пак на тел. 02 3139-578.


За кого ќе бидат наменети донациите?

- Традиционално, како дел од проектот за социјализација на деца и млади со посебни потреби и деца сместени во згрижувачки семејства поддржан од Комерцијална банка а.д. Скопје, оваа активност ја посветуваме на 115 деца без родителска грижа сместени во згрижувачки семејства. Станува збор за категорија на деца кои имаат потреба од дополнителна поддршка и ваквите иницијативи се само уште еден придонес во разубавување на нивното секојдневие. Црвениот крст на град Скопје, со нив реализира активности во текот на целата година и истите се со акцент за нивна социјализација и дружење.


Колку сте задоволни од хуманоста на луѓето до сега кога станува збор за Волшебната елка?

- Често пати велиме дека убавите нешта кои имаат резултати и кои прераснуваат во традиција треба да се негуваат. Така е и со нашата „Волшебна елка на желби“. Од година во година таа станува препознатливо обележје на нашата организација и граѓаните ја препознаваат како убаво, но и хумано случување во пресрет на празниците. Презадоволни сме, бидејќи токму граѓаните се оние кои ги исполнуваа детските желби, но не ретко и фирми и компании како општествено одговорни субјекти се вклучуваат и тие исполнуваат дел од желбите на децата. Се надеваме дека оваа традиција и понатаму ќе живее и ќе поттикнува уште многу хумани иницијативи наменети за деца, но и за други ранливи категории кои имаат потреба од помош и поддршка.

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг