Амбасадорот Вилем Ваутер Пломп: Новата година да нѝ донесе свеж ветер и чист воздух

Точка

17/12/2018

10:59

6.219

Големина на фонт

а а а

Амбасадорот на Холандија во Република Македонија, Вилем Ваутер Пломп, Новогодишните и Божиќните празници ќе ги прослави двапати, што за него е една од предностите што живее во Македонија.

Во интервјуто за Точка, ни ја пренесува Новогодишната магија од Кралството Холандија и ни раскажува за сите обичаи поврзани со празниците.  

Кои се обичаите со кои Холанѓаните го прославуваат Божиќ?

- Божиќ во Холандија е пред сè семеен празник. Младите парови го поминуваат првиот ден со семејството на едниот партнер а вториот ден со семејството на другиот. Секако дека има голем избор на јадења, иако нема некое посебно мени. Во многу семејства со сигурност дел од трпезата ќе биде „Керстстол“ (Kerststol), за појадок, ручек или едноставно со кафе. Керстстол е благо печиво со суво грозје, лешници и марципан. Вообичаено холандската божиќна трпеза е богата со зачини, суво овошје и бадеми.

Во Холандија имаме и некои понови божиќни традиции. Таква е на пример Топ 2000 – маратонска радио програма во која се пуштаат најпопуларните 2000 песни на сите времиња, и која започнува на пладне на првиот ден на Божиќ и трае до полноќ на Нова година. Вообичаено „Bohemian rapsody“ и „Hotel California“ се секогаш на врвот на листата, но исто така имаме и посебни божиќни хитови како „Флапи“, за момченце кое го наоѓа своето милениче – зајакот Флапи на трпезариската маса, и кое подоцна – кога татко му ќе исчезне –ѝ вели на мајка си дека сигурно е надвор во колибата.

Го имаме и традиционалното новогодишно капење кое последните години привлекува над 50.000 Холанѓани и туристи што доаѓаат специјално за овој настан да се искапат во студените води на Северното Море, иако температурата е само некој степен над нулата.

Има ли предновогодишна еуфорија, украсени булевари, плоштади, семејни домови со оглед на штедливоста на Холанѓаните?


- Празничната атмосфера во Холандија е слична на повеќето европски држави. Сите градови се убаво украсени, но за разлика од Македонија кај нас тоа не го прави општината, туку сопствениците на дуќаните самите плаќаат за украсите бидејќи тие всушност и имаат профит од божиќното пазарување. Секоја година во Амстердам се поставува традиционална божиќна елка на плоштадот Дам, како и повеќе божиќни пазари на отворено. Доколку сте во Амстердам или Лајден во овој период од годината може и да лизгате на некое од отворените лизгалишта околу главните музеи. За новогодишната ноќ јадеме олиболен (oliebollen), нешто како благи мекици, додека на телевизија гледаме шоу во кое нашите најдобри комичари се шегуваат на сметка на политичарите и важните настани од изминатата година.

Што се случува за дочекот на Нова година на плоштадот во Амстердам?

- Уличната прослава обично започнува околу 21 часот, со oлиболен, шампањско и прекрасен огномет на полноќ. Луѓето се собираат на сите плоштади во градот, како и пред кафулињата, со музика. Секако на полноќ сите се бакнуваат и си посакуваат сè најдобро во Новата година. Забавите потоа продолжуваат до изутрина.

Постои ли традицијата на разменување подароци меѓу луѓето, како си ја честитаат новата година во Холандија?

- Вообичаено разменуваме подароци за Синтерклас, на 5 декември. Она по кое овие подароци се разликуваат од божиќните подароци во другите земји е што се пишува кратка лична песна за оној кому му е наменет подарокот, а тој, пак, е рачно спакуван во вид на изненадување. Во многу семејства, посебно тие со мали деца, луѓето со недели ги подготвуваат таканаречените „изненадувања’ и ги кријат од децата кои сè уште веруваат дека Синтерклас е оној што ги носи сите подароци. Ова често е убав начин за забава и кај возрасните.

Колку туристи просечно доаѓаат од цел свет за дочекот во главниот град?

- Холандија е популарна туристичка дестинација, така што во последните две години Амстердам го посетуваат повеќе од 7 милиони туристи на годишно ниво. Повеќе од половина милион луѓе доаѓаат во Амстердам само во декември, така што може да замислите колкава е гужвата за Нова година, особено бидејќи и многу Холанѓани прославуваат токму во Амстердам.

Каде ќе ги прославите Вие божиќните и новогодишните празници?

- Една од предностите што ги имам живеејќи во Македонија е тоа што ќе ги прославам празниците двапати. Божиќ ќе го поминам со моето семејство во Холандија, уживајќи во празникот заедно со моите деца и внуци, а во Скопје ќе се вратам пред новогодишната ноќ. Но, секако нема да ја испуштам можноста да се придружам на прославите на православниот Божиќ, особено со моите пријатели и соседи во Бардовци каде што живеам.

Која е вашата честитка до македонскиот народ?

- Многу здравје и среќа на сите, а особено на граѓаните на Скопје. Посакувам Новата година да ни донесе свеж ветер и чист воздух.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг