Кога во текот на една година ќе успеете да продадете 4,806 примероци на суперспортски автомобили, тогаш можете да кажете дека зад вас е прилично успешна година.
Британската компанија слободно може да ја прогласи 2018-та година за најуспешната година во својата историја.
Глобалната продажба на 4,806 автомобили во текот на минатата година, резултираше со зголемување на дури 43,9% во однос на претходната 2017-та година.
За британската компанија Северна Америка е најголемиот пазар каде што е забележан раст од 49,2% во однос на претходната година. Продажбата во Европа има пораснато за 44,2%, но најголем скок е забележан во Кина каде што продажбата е скокната за 122,5%.
Големиот пораст на продажбата во Кина е забележан после воведувањето на Spyder изведбата на 570S и 720S. Кина сега има удел од речиси 7% од вкупната глобална продажба, што значи дека Мекларен успешно се наметнува на пазарот во оваа земја.
На домашниот пазар, односно во Велика Британија, Мекларен и натаму бележи одлична продажба – исто така е забележан голем раст од 49,2%.
После едни вакви бројки, слободно може да се каже дека Мекларен е производителот на суперспортски автомобили со најголема експанзија во изминатите години. Минатата година беше максимумот на Британците, па ќе биде интересно да се види какви резултати ќе бидат постигнати оваа година.