Јана Стојановска: Во Ст. Мориц се нуди забава за сите генерации

Точка

10/01/2019

10:03

7.328

Големина на фонт

а а а

Бордање, скијање, поло на мраз, срни наоколу и една мечка. Ова е накратко, а повеќе за едно од најпрекрасните планински места во Швајцарија дознавате од актерката Јана Стојановска. Па, подгответе ги скиите, сноубордот, па може и санка, не е важно дали сте млади или повозрасни, треба само да сте зависници од адреналин и право во еден од најпознатите скијачки центри, каде ќе ве дочекаат со чоколади и куферите ќе ви ги отпакуваат.

Што нуди овој познат светски ски-центар?


- Тоа е едно прекрасно планинско место во Швајцарија кое е најпознато по тоа што има езеро кое во зима сосема замрзнува. И тоа не е толку интересно колку идејата да се воведе играта поло на мраз. Мислам дека тоа е единственото место каде освен убавините на природата и ски-терените може да се гледаат турнири на „Поло“ на мраз.

Каде беше сместена и дали си задоволна од услугата?


 - Имав прилика да бидам сместена во хотелот „Бедратс палас“. Еден од постарите и можеби најлуксузниот од сите хотели таму. Тоа е хотел со традиција и со приказна која датира од 1896 –та година. Типичен пречек е со селекција од најдобрите швајцарски чоколади и во услугите спаѓа „отпакување“ на вашите куфери. Наутро за време на појадок има харфист кој свири во живо. На 5 минути пред хотелот доаѓа организиран шатл кој те вози до ски терените.

По што се разликува од останатите ски-центри?

- Не би можела да направам разлика со други ски- центри затоа што сум летен човек и не сум била по многу зимски дестинации. Не сум скијач и отворено сум љубоморна на сите поединци што го владеат тој спорт. Исто како што сум љубоморна на луѓе кои се добри во математика и компјутери.

Кои се најчестите посетители?

- Посетители има од сите возрасти и професии. Од 3 до 100 години. Воодушевувачки и истовремено фрустрирачки за мене е тоа кога ќе видиш мали деца кои едвај одат, а те поминуваат и како мали пајчиња во вода спретно се пуштаат по белата планина со огромна брзина. Истото и со многу возрасни, да не речам стари луѓе кои исто така одвај одат, ќе те прелетаат оставајќите во облак позади себе. Радости и шаренило наоколу од луѓе кои дошле за забава, храна и добро вино до професионални спортисти. Да наполниш очи за цел живот.

Во кој спорт уживаше за време на престојот?

- Имајќи ги во главата сите фрустрации врзани за „ски“ решив дека ќе пробам барем да научам да „бордам“. И ок, добра сум... Во смисла на тоа научив да не паѓам. За две недели успеав да ги поминувам и црвените патеки без да викам на глас и без посериозни повреди. Јавање коњи за жал немаше, а можеби и за среќа, да имаше воопшто немаше да се бавам со скијање или бордање или било што слично.

Незаборавна случка?

- Незаборавна ми е една приказна што ја раскажа тренерот што ме учеше да бордам. Кога се оди нагоре по планината од жичарата се гледа целата природа, се појавуваат и срни. Во моментот кога се појави срната, тренерот само се насмеа и рече, па да , имаме и мечка. Јас реков „една“? Тој одговори„да“, имавме две ама не беше пријателски настроена кон туристите па ја дислоцираа. Ми беше лудо дека знаат дека имаат точно една мечка.

Што не смееме да пропуштиме доколку решеме да отпатуваме таму?


- Задолжително да се проба нивното топено сирење, раклет.



Спонзорирани линкови

Маркетинг