Јелена Јованова: Остров на кој спротивностите живеат во хармонија

Точка

11/01/2019

10:16

10.855

Големина на фонт

а а а

Иако на функција оперативен менаџер на хотел „Преспав“, Преспанско, Македонија, Јелена, во овие снежни и студени зимски денови ќе „ве стопли“ во „рајот на земјава“ како што вели таа, а тоа се хрватските острови. „ Ако немате финансии за Малдиви или Хаваи, а сакате да го видите рајот на земјата во вашата непосредна и поповолна близина тогаш Долгиот Остров е вистинскиот избор.“

Ако сакаме за момент да избегаме од реалноста, каде би нè однела, а притоа да се чувствуваме „рајски“?

- Велат на островите секогаш им се враќаш. Не грешат. Секако дека Хвар, Корчула, Вис, Брач, Мљет се острови кои се на врвот на пиедасталот и нема кој не слушнал за нив, но мојот избор паѓа на еден скриен, неизвикан срамежлив убавец.

Ако немате финансии за Малдиви или Хаваи, а сакате да го видите рајот на земјата во вашата непосредна и поповолна близина тогаш Долгиот Остров е вистинскиот избор.

Што те плени?

- Кристално море и песок под нозе, друштво на делфини, мирис на смокви, жалфија, лаванда и смиље, плажи, заливи, едно езеро со најубавото име на светот "Мир“...се само мал дел од адутите на овој остров.

Море во тиркизно плава, земјата и виноградите во црвена, боровата шума и маслиниците во силно зелена се трите бои кои доминираат. На овој остров долг 43км има 11 населби во кои живеат не повеќе од две илјади жители.

[Маслиница]

Податокот е еднаков на слабо населен остров во кој влаее мирот и недопрената природа. Совршено бегство од светот, но судир со самиот себе си. Место во кое Робинзон Крусо слободно би дишел.

На овој остров спротивностите живеат во хармонија. Мирни песочни плажи и заливи на една страна и стрмни, тешко проодни клифови на друга.

После поминатото време на плажите Сакарун позната и како Хрватски Хаваи или Вели Жал која најчесто ја имате само за себе ќе се обидувате да сфатите дали тиркизната, смарагдната или бисерната боја повеќе одговараат како боја на морето. Ако сте за пијачка, би се освежиле со ладно пиво во најчесто импровизирани кафичи под дебела сенка од боровата шума. За оние кои се гладни на плажа, рајот е во малите рибарски ресторанчиња каде рибата секогаш е свежа и направена со љубов.

Совршен продолжеток на денот е природниот парк Телашица. Стоп станицата е на врвот на стрмните клифови каде погледот се губи во хоризонтот кој сече едно плаво со друго. На истото место сонцето заоѓа горејки во пурпурот.  

Кое место не смееме никако да го пропуштиме?

- Место кое никако не смее да се пропушти е Вели рат. Таму се наоѓа истоимениот светилник кој е највисок на Јадранската обала. Легендата зборува дека е препознатлив по својата жолта боја за која биле потрошени повеќе од 100.000 жолчки. Светилникот може да биде преноќиште за најмногу четворица. Погледот од горе е верувајте милион долари.

[Одисеева пештера]

А ако некогаш сте сонувале да сте во солен базен од карпи споен со отворено море, тогаш местото Брбишчица е нешто што се мора. На врвот на самото место по малку потешко проодна козја патека се спуштате до заливот Брбишчица. Во најсигурниот залив на островот ве чека ново уметничко дело на природата. Морски базен опколен со карпи на чие дно лежи тунел под вода кој ве носи кон отвореното море. Не постојат кафичи ниту питка вода во близина. Се што ви треба, треба да го имате со себе и носите по таа козја патека, но верувајте ќе вреди.

Овој остров е место каде што сигурно ќе се вратите ако еднаш го посетите, каде морето и природата нема да ги делите со стотина туристи на плажа со пешќири еден до друг. Овде сте вие со недопрената природа и со вас самите. Кога јас бирам вистински одмор, мислам токму на ова.

Хрватска е на високо место на светска винска карта. Што препорачуваш?

- Во континенталните и приморските виноградски предели во Хрватска, може да се најдат околу стотина автохтони сорти. Нивниот спој со етнотуризмот и гастрономијата секојдневно расте и се развива.

Истарска Малвазија и Теран, Далматински Плавац Мали и Пељешки Дингач, Славонска Грашевина и бреговитиот Корак се само дел од морето вина што ја ставаат оваа земја на високо место на светската винска карта.

- Имав можност да учам во еден период од една од најдобрите сомелиерки во Хрватска, Јелена Шимич Валентич, па доста добро се подружив со хрватските вина и уживам во нивниот спој со храна. Никако да ми здосади менито од црно вино, истарски пршут, маслиново уље и сирење.

Во лето база ни е Сплит, па морската риба ја конзумираме често. Хрватите се научени со риба да пијат беванда, микс од црно вино и вода, но белото вино е она што најмногу го комбинирам со риба.

Во есен кога имаме слободно време знаеме да посетиме села во средишниот виноградски предел на Хрватска и каде и да видите дека мештаните произведуваат вина во своите мали приватни винарии вратите за дегустација Ви се отворени.

Нема никогаш да ви се случи на таквите места да останете гладни и да заминете од дегустацијата, а да не сте ги пробале нивните домашни сирења, кулен и пршут. Морам да кажам дека овде и тоа како се цени и почитува македонското вино и кога ќе сум во маркет уживам шпионски да ловам луѓе кој од низата хрватски и светски вина го бираат македонското.

Јадранските острови се посетени и од многу холивудски ѕвезди, па колку се достапни за „македонски џеб“?

- Секој од нас има различни потреби, нештото што за некого е малку, за друг е многу и обратно. Би лажела ако кажам дека овде се е достапно за нашиот стандард, зашто постојат места кои финансиски не се достапни ниту за пола од нив како на пример летување во Дубровник. Но, ви гарантирам дека низ целата Јадранска обала и на островите може да се најдат многу туристички места кои одговараат на длабочината на нашиот џеб и кои вредат да се посетат.

[Шолта]

Корчула, Хвар, Мљет, Долгиот остров, Брач, Крк, Сплит, Пељешац, Задар, Шибеник и многу други се места каде јас лично за едно летување сум потрошила помалце отколку за летување во Грција.Сите овие места што ги набројав веќе имаат интересна историја низ која вреди да се пропатува. Секој остров има своја тврдина која крие неверојатни приказни. Само на Пељешац во местото Стон, доколку не сте за плажа и море, денот можете да го поминете на петите по ред во свет ѕидини кои го опколуваат местото и ја штитат најстарата солана во Европа. Денотот ќе го обогатите ако во Сплит ја запознете целата Диоклецијанова палата и поминете низ старите римски подруми под нејзините ѕидини. Прошетката низ по многу нешта импозантниот Дубровник и неговата тврдина е нешто што може да си го приуштиме. Природната дивина со плави езера или поточно Плитвичките езера. Средишниот дел на Хрватска богат со средновековни дворци, термални води и виногради се навистина достапни за секого. Секако Загреб со својата драж, необичните плоштади, најстарата во Европа градска жичара која ве носи на Горниот град, Ленуциевата потковица, зелените површини и музеи. На кое место и да навратите во Хрватска ќе отриете свет кој ќе ве задоволи со многу содржини зашто навистина е земја која нема да ве изневери. Проверено ;)



Спонзорирани линкови

Маркетинг