Путин го губи единствениот сојузник? Москва сака да управува со оваа европска држава, но не очекувала ваков одговор

Точка

12/01/2019

16:31

7.733

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, се повеќе се врти против својот руски колега Владимир Путин, откако Кремљ покажал јасна намера да ја засили контролата над соседот.

Иако Русија е многу помоќна од Белорусија, Лукашенко се покажал како тврд орев, сепак тој владее со Белорусија уште од 1994-та година, и тоа со цврста рака. 

Трансформација на Белорусија

За разлика од своите соседи, Лукашенко никогаш не ги прифатил слободниот пазар и демократијата, ниту ги приватизирал државните фабрики во Белорусија. Наместо тоа, тој гарантира полна вработеност, по цена на загушување на продуктивноста. Белорусија нема олигарси, релативно мала секојдневна корупција и некои од најниските стапки на нееднаквост меѓу државите на некогашната СССР.

Истворемено, тој ја зацврстил моќта со присила, затворал ривали и новинари, гушел протести и заработил санкции од западот и репутација на "последен диктатор во Европа". Сепак, ја задржал широката домашна поддршка одржувајќи адекватен животен стандард, чувство на социјална правда и пристојна јавна инфраструктура.

Авторитарниот модел на Лукашенко, меѓутоа, се потпира на руските субвенции. Во желба да одржи добри односи со сојузникот, Москва ги задржала ниските цени на природниот гас и испорачувала поевтина сирова нафта до Белорусија, која ја преработува и продава по пазарни цени. Во замена, Лукашенко се заколнал на лојалност кон Русија и со неа влегол во воени и економски сојузи. Сепак, "Унијата на Русија и Белорусија", официјално формирана во 1999-та година, во главно постои на хартија. Во реалноста, господинот Лукашенко вешто играл и со Москва и со Западот, наплаќајќи ја геополитичката положба на својата земја.

Една неодамнешна анкета покажува дека Белорусите пред се сакаат нивната влада да создаде услови кои ќе им овозможат да заработуваат пари. Лукашенко се обидел да го направи тоа, поставувајќи поранешен банкар да ја води владата и ветувајќи дека ќе промовира дигитална економија.

Иако Лукашенко и натаму ја малтретира опозицијата, изгледа дека станал потолерантен кон цивилното општество, на кое му дозволил и одредена доза на критики. Меѓутоа, тој тоа го прави во главно поради страв од Москва.

Рускиот судир со Украина ја направил Белорусија дополнително ранлива. Лукашенко одбил да ја признае руската анексија со Крим, па и натаму има добри односи со Украина.

Русија сака унија

Откако ја изгубила моќта во Украина, Русија сега сака подлабоко да се интегрира во Белорусија, повикувајќи се на тие заспани договори од 1990-тите. Путин смета дека Белорусија би можела да му помогне да ја задржи власта по неговиот сегашен и конечен претседателски мандат до 2024-та година. Доколку, со согласувањето на Лукашено или без него, се формира вистинска унија, Путин би можел да ги прескокне ограничувањата на мандатот во Русија, така што би станал претседател на нов ентитет на Русија и Белорусија.

Путин во декември два пати се сретнал со Лукашенко и го пратил својот премиер, Дмитриј Медведев во Белорусија. Зборувајќи им на новинарите дека Русија е подготвена да оди понатаму во изградбата на Унијата, Медведев предложил Русија да ја преземе царината, централната банка и судовите во Белорусија.

Заканите на Лукашено

Лукашенко најостро ја предупредил Русија дека може да остане без сојузник доколку не понуди компензација за зголемените цени на нафтата. Одлуката на Москва да ја наплати испораката на сирова нафта по повисоки цени ќе ја чини Белорусија 11 милијарди долари повеќе во наредните 6 години.

"Ако руското раководство остане при таа одлука, нивниот избор тогаш ќе биде загуба на единствениот сојузник", им рекол Лукашенко на сојузниците.

Ова е само еден во низата негови потези со кои покажал дека сака да му се спротивставува на Путин.

Тој ја отфрлил идејата за тоа Русија да воспостави воена база во Белорусија.

"Ако некој сака да не раздели во региони и да не натера да станеме дел од Русија, тоа никогаш нема да се случи", рекол тој во декември пред руските новинари.

Белорусија сега се врти и кон нови сојузници - Кина и Западот.

Тој ги примамил кинеските инвеститори и сега во Белорусија има голем кинески индустриски парк. Исто така, Лукашенко неодамна примил голем број на американски генерали и дипломати.

Тој не може да си дозволи официјален раскол со Русија, но се надева дека рацете на Путин ќе бидат врзани поради растечкиот замор на Русите од воените акции на земјата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг