Спец.д-р Адела Стефанија: Загадувањето - плодноста, бременоста и аутизмот

Точка

04/02/2019

11:33

10.267

Големина на фонт

а а а

Влијае ли загадувањето на плодноста, во која фаза од бременоста се најризични последиците и дали како што се шпекулира е еден од причинителите на појава на аутизам?

Разговараме со спец. Д-р Адела Стефанија од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

- Има неколку студии, една е студијата на Харвард, каде што е откриено дека жените кои се изложени на загадување за време на третиот триместар имаат двапати поголеми шанси да родат дете со аутизам заради што одредени честички ја поминуваат плацентарната бариера, вели таа.

Влијае ли загадувањето на плодноста?

Д-р Адела Стефанија: Загадувањето на воздухот, експозицијата со штетни гасови во околината, преголемиот сообраќаен метеж, односно издувните гасови од возилата, чад, прашина, хемикалии, сето тоа негативно влијае на здравјето на луѓето. Во поглед на зголемување на стапката на инфертилитет загадувањето зазема едно од важните места. Од направените студии во последните 15 години, загадениот воздух ја намалува репродуктивната способност и кај жените и кај мажите. Во врска со неплодноста и решавање на истата, од направените студии од 11% до 13% е помала фертилната способност во загадени средини во споредба со луѓе кои живеат во почиста средина. Изложувањето на загаден воздух  ја намалува подвижноста на сперматозоидите и кон зголемена фрагментација на ДНК во сперматозоидите, а тоа доведува до зголемен ризик фактор за неплодност или спонтан абортус. Во секој случај загаденоста делува и на намалување на успешноста на ИВФ циклусите.


Во која фаза од бременоста најмногу се најризични последиците од загадувањето?

Д-р Адела Стефанија: Во текот на бременоста, секое тромесечје има различни реакции и потенцијални ризици од загадувањето. Во раната бременост клетките на ембрионот се посебно чувствителни заради периодот на ембриогенезата и диференцијацијата на системите. Појавата на хромозомски аномалии и конгенитални малформации, појавата на спонтан абортус се поврзува со загадувањето како еден од ризик факторите. Потенцијални опасности кои се појавуваат во последниот триместар се раѓање на деца со ниска родилна тежина, предвремено раѓање пред 36 гестациска недела, побрзо созревање на постелката. Истовремено, тука би нагласила дека имаме потенцирање на постоечките пропратни болести кај мајката ( на пр. астма, покачен притисок, кардиолошки заболувања, пулмонални болести или невролошки болести), влошување на општата здравствена состојба кај мајката, а со тоа и на бебето.

Зголемен ли е бројот на спонтани абортуси и предвремени породувања во зимскиот период?

Д-р Адела Стефанија: Зимскиот период е актуелен посебно заради можноста од појава на повеќе вирусни инфекции, како од типот на настинка, различните типови на грип, сипаници, рубеола и останати вирусни инфекции. Ако на тоа се надоврзе и загадувањето, се зголемува стапката на спонтани абортуси или медицински индицирани заради опасноста од вирусните инфекции кај мајката во раната фаза на бременоста. Сите можни компликации кои може да се појават во подоцната бременост или породувањето, а се предизвикани од вирус, треба да се превенираат на време.


Имаше шпекулации дека загадувањето е еден од причинителите за појава на аутизам, се согласувате?

Д-р Адела Стефанија: Во однос на аутизмот постојат многу шпекулации. Има неколку студии, една е студијата на Харвард, каде што е откриено дека жените кои се изложени на загадување за време на третиот триместар имаат двапати поголеми шанси да родат дете со аутизам заради што одредени честички ја поминуваат плацентарната бариера. Сепак,  одредени истражувања во Шангај се на мнение дека изложеноста на одреден тип на загаден воздух во раното детство посебно првите три години од животот, имаат поголеми шанси да појават симптоми на аутизам или аутистичен спектар. Најновото истражување на Перера од Колумбиски Универзитет во Њујорк оди во прилог на тоа дека децата, чии мајки во текот на бременоста вдишувале одреден тип на честички (PHD) имаат зголемен ризик за појава на АDHD-(Atention Deficit Hyperactivity Disorders), синдром на нарушено внимание со евентуално хиперкинетичко нарушување.

Сепак, сè уште се потребни дополнителни истражувања за да се открие како загадувањето влијае врз плодот или детето понатаму, сега за сега е еден потенцијален ризик фактор кој треба да се избегнува!

Како да се заштитат трудниците, воздухот нема граници?

Д-р Адела Стефанија: Трудниците се една од најранливите категории кои треба да избегнуваат изложеност на загаден воздух. Но, тоа е огромен проблем посебно за луѓето кои живеат во градовите. А, ако има пропратни болести е уште поголем проблем. Некои мерки на заштита би биле следните: избегнување на изложување на чад, смог, јаглероден диоксид од тутунски дим и испуштените гасови од автомобилите, озон и други хемикалии. Дишењето загаден воздух е како трудницата да испушила од 10 до 15 цигари дневно. Повеќе седење дома во чиста просторија, избегнување на зачадени простории, можност да се избега од градскиот метеж, пешачење во природа, планина и умерена психофизичка активност во затворена просторија. Евентуално користење на маски со филтри, прочистувачи на воздухот дома и на работно место. 

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг