После „Танц со ѕвездите“, заедно ќе танцуваат засекогаш

Точка

14/02/2019

15:11

11.432

Големина на фонт

а а а

Два спротивни света, кои спонтано се споија пред пет години. Плод на нивната љубов која знаат како да ја негуваат е Илина. Многу интересни случки и незаборавни моменти до сега, како заспивањето на Сара на мотор пред Плетвар. Подготвени за сите непредвидливи предизвивици што ги носи авантурата – ЖИВОТ, водителот Димитар Атанасовски и нашата музичка ѕвезда Сара Мејс.

Како се запознавте со Сара?


- Со Сара се запознавме, многу пред да почнеме да се гледаме и да бидеме заедно. Во тоа време јас работев на проектот „Тротоар“, а таа се подготвуваше за голем мајсторски клас и да концертира со харфата во Кина. Ѝ правев интервју и ја прашав што би одбрала помеѓу пеењето и харфата, ако мора да биде. Одговори пеењето и два дена потоа истегна тетива на рака и не отиде за Кина. До ден, денес, ми префрла дека сум ја проколнал и заради мене не отишла.

Што е она кај неа, што ги „разлета пеперутките“ кај тебе?

- Нејзината спонтаност, леснотија и начин на гледање на работите. Со неа научив да ги гледам работите од друга перспектива, зошто пред да бидеме заедно, ние бевме два тотално различни спротивни светови, во секој поглед. Денес знаеме да се шегуваме на таа тема, како на почетокот дури и кога сме разговарале, понекогаш, не сме се разбирале. За физичкиот изглед, не би сакал да коментирам, зошто тоа не е нешто што само јас го имам забележано =)


После колку време откако се запознавте ѝ дадовте шанса на љубовта?

- Па мислам дека тоа беше негде после 2-3 години. Почнавме интензивно да се дружиме за време на танц со ѕвездите, бидејќи термините за вежбање ни беа еден по друг. И така почна се'.

Најоткачени моменти, случки, спонтани ситуации, кои ја зајакнуваа љубовта и направија подобро да се запознаете?

- Од сите случки, никогаш нема да заборавам, кога ми заспа на мотор. Тогаш одевме на нашиот прв заеднички одмор со тогаш наши пријатели, а денеска ни се кумови. Сара имаше настап до 4 сабајле, а во 6 тргнавме на пат. Некаде пред Плетвар, почуствував како ми се обеси на рамена, мене ме фати паника и закочив нагло. Кога се свестив што се случило, само се свртев позади, Сара дигна раменици и кратко ми кажа: Јас задремав малку. Има уште многу вакви, но не би сакал сите да ги откривам.

Кога посака токму таа да биде мајка на твоето дете?

- Кога сфатив дека не ми треба ништо посебно да се случува со Сара, а сепак да сум исполнет и среќен. Кога сфатив дека нема потреба да „чекаме уште малку“ за да сфатиме дека сме еден за друг. Ние и пред да ја побарам за сопруга, заедно живеевме, што практично беше исто како брак, само што немавме потпишано за тоа.

Tајната да не ѝ дозволите на љубовта да осцилира, туку да го држи посакуваното ниво?

- Тајна според мене, нема. Се' е индивидуално и се' зависи од луѓето. Она што е важно, според мене е многу слушање, разбирање и без разлика што и како се случува во текот на денот, да не се заборави љубовта која не' спојува.


Плод на вашата љубов е Илина. Како реагираше првпат кога го виде малечкото?

- Измешани чувства. Бидејќи присуствував на пораѓањето, во моментот кога ја видов Илина, почувствував огромна среќа и страв истовремено. Среќа, затоа што му посакавме добредојде на новиот член од семејството, а страв поради тоа што Илина ќе зависи од нас и ќе биде беспомошна. Па, дали ќе се снајдеме, како ќе ја заштитуваме и такви некои чудни мисли. Но, како расте, сфатив дека животот ни доби нова смисла и се' ни се промени со неа.

Ве промени ли? Се повеќе созревате или го гаите детето во себе со неа?

- Сара мислам дека многу ја промени, ја разбуди заштитничката во себе и некако повеќе е таа што е стабилна во нашето семејство. Јас сакам да и се глупирам на Илина и да и дозволам да си игра со детето во мене, бидејќи мислам дека ќе имаме моменти во животот кога ќе треба да сме строги родители. Сега за сега, убаво е вака =)


Би променил нешто кај Сара?

- Апсолутно ништо. Што и да променам, тоа нема да биде Сара. Вака е совршена.

Автор: А.В.




Спонзорирани линкови

Маркетинг