Автомобилските компании се припремаат за период во кој корисниците веќе нема да купуваат, односно поседуваат автомобили, туку ќе ги изнајмуваат и користат само кога навистина им се потребни.
Citroen ја претстави својата визија на таквата урбана мобилност – концептот наречен Ami One Concept нема да биде возило кое ќе може да се купи, туку првенствено е наменет како возило кое ќе може да се изнајмува по пат на посебни сервиси.
Ami One е одговор на француската компанија на промените во однесувањето на корисниците и нивната “визија за градска слобода”, а тие ќе можат да го изнајмуваат само на 5 минути за да се провозат низ центарот на градот, но и на период до 5 години. Возилото е долго 2,5 метри, широко околу 1,5 метри, тешко 425 килограми, а во него има место само за двајца. Бидејќи не е наменет за долго возење, туку за кратки градски релации, неговата максимална брзина изнесува 45 км/ч. додека досегот со едно полнење (бидејќи станува збор за возило на иднината, јасно е дека се движи со помош на електричен мотор) изнесува околу 100 километри.
Благодарение на посебната мобилна апликација, бројните информации за податоците поврзани со потрошувачката на енергијата и полнењето на батериите ќе им бидат достапни на корисниците преку нивните паметни телефони. Освен тоа, апликацијата ќе овозможи пронаоѓање на слободни паркинг места, односно по пат на апликацијата ќе може да се резервира место на паркинг. Ami One Concept се отклучува по пат на QR код поставен на рачката за отворање на вратата, додека пред возачот има посебно место на кое се поставува телефон по пат на кој се управува со сите опции на возилото како информации, навигација и слично.
Секако треба да се напомене и интересниот, препознатлив и единствен дизајн на возилото, а бидејќи станува збор за концерт, не е познато дали Ami One навистина ќе го видиме на патиштата или ќе остане само како нацрт на компјутерите на дизајнерите на Citroen.