Маурисио Покетино обично е голем џентлмен и секогаш мирно ги прифаќа поразите на својот Тотенхем, но тоа не беше случај ова попладне кога тимот од Северен Лондон претрпе неочекуван неуспех на гостувањето кај Барнли.
Тотенхем пропушти златна шанса да направи притисок врз ривалите и да се вметне во борбата за титулата, а навистина необично беше тоа што Покетино по крајот на мечот не беше многу расположен за поздравување со противниците, бидејќи влезе во вербален конфликт со главниот судија Мајк Дин.
Аргентинскиот стручњак се втурна во искусниот арбитар и поради ова може да добие казна од страна на дисциплинската комисија, а потоа им даде објаснување на англиските новинари и призна дека неговата нервозна реакција била производ на големото разочарување.
– Ништо, судијата не ми направи ништо. Што се случува на теренот, останува на теренот. Треба да разбереме дека ова беше натпревар кој беше многу важен за нас. Пред натпреварот верував дека ова ќе биде клучен меч ако сакаме да останеме во битката за титулата. Но, на крајот емоциите ме совладаа, сите беа нервозни и понекогаш одговор на прашањата бараме во оправдувања. Не е нормално како се однесував, а по натпреварот сфатив дека ние веќе не сме вистински претенденти за титулата. Ми се исклучија каблите, ова ми се случува првпат во десет години и се извинувам, – порача Покетино.