Васко Илиевски, претседател на АСОМ: Ако се донесе предлог законот за игри на среќа може да останат без работа околу 7.000 луѓе

Точка

12/03/2019

14:12

3.347

Големина на фонт

а а а

Преку високите даноци кои ги плаќа, индустријата на игрите на среќа придонесува со вкупно една четвртина милијарди евра во држаниот буџет или високи 4% удел во бруто-домашниот производ, вели Васко Илиевски.

Само минатата година, од нашата работа во државниот и локалните буџети се влеаа вкупно 253 милиони евра. Дополнително, нашата индустрија, со секое ново уплатно место, има индиректен ефект и врз развојот на своите добавувачи кои работат во други индустрии. Ако се донесе предлог законот за игри на среќа ќе се поттикнат дивите обложувалници или граѓаните ќе играат на меѓународни сајтови. Со ова нема да го намалиме играњето, туку само државата ќе го зауби приходот од тоа. - вели во интервју за Фактор Васко Илиевски директор на Асоцијацијата на спортски обложувалници.

Какви би биле ефектите врз економијата и вработувањата доколку се донесе новиот предлог Закон за игрите на среќа?

Ефектите би биле многу негативни, да не речам разурнувачки за и онака кревката економија. Прво, околу 7 илјади луѓе ќе изгубат работно место. Тоа се 7 илјади семејства кои живеат од овој приход. Тука би сакал да истакнам дека, тоа се пред сé, млади луѓе кои со вработувањето обезбедуваат редовна плата, но и можност за дополнителна заработка за работа на празници и ноќни часови. Тоа им обезбедува сигурност и стабилност и им дава можност да ја планираат својата иднина во земјата. Доколку овие млади луѓе ги загубат своите работни места, ризикуваме да ја напуштат државата, нешто што за нас како држава би било погубно. Потоа околу 600 локации на кои се изнајмуваат објектите ќе треба да бараат нови закупци, што значи и тие ќе го изгубат својот приход на одреден период. Потоа, тука се сите бизниси и индустрии кои соработуваат со нашата индустрија, а такви се премногу за набројување. Само ќе кажам еден податок, ние како индустрија поддржуваме речиси 54.000 работни места.

Второ, благодарение на индустријата на игрите на среќа се влеваат значителни средства во државниот буџет. Ние сме индустрија која плаќа високи даноци, придонесува со вкупно една четвртина милијарди евра во држаниот буџет. Конкретно, индустријата на игрите на среќа има високи 4% удел во бруто-домашниот производ. Во републичкиот и локалните буџети на минатата година се влеаа вкупно 253 милиони евра благодарение на нашата работа. Ова се пари кои се користат директно за потребите на сите граѓани во државава.

Тука исто така би истакнал дека нашата индустрија влијае и на стопанскиот развој и тоа преку зголемување на обемот на производство на своите добавувачи. При отворање нови уплатни места, како и одржување на постоечките континурано соработуваме со повеќе индустрии и користиме бројни услуги, како што се производство на мебел, електрична опрема и уреди, набавка на компјутерска и телекомуникациска опрема, развој на софтвер, набавка и одржување на возниот парк и слично. Така на пример, во отворање на секое ново уплатно место, кои во Македонија ги има околу 600, се инвестира од 50 до 80.000 евра, а за одржување на постојните уплатни места се издвојуваат по 10 до 15.000 евра. Ова се пари кои се слеваат во други дејности и придонесуваат за стопански развој во земјата.

Здруженијата тврдат дека обложувалницте предизвикуваат зависност, и кое е вашето мислење по однос на ова прашање?

Самата игра, според бројните светски истражувања воопшто нема негативен ефект кај учесниците. Врз основа на досегашни истражувања само 0,1-0,8% од луѓето кои практикуваат игри на среќа покажува знаци на потенцијална зависност. Според најнови резултати добиени од сеопфатна анализа и во Велика Британија, само 0.8% од луѓето кои играат игри на среќа покажале знаци на зависност.

Оттука, сметам дека перцепцијата за „зависност“ кај граѓаните во поглед на обложувалниците не е реална. Во обложувалниците играме и зборуваме за спорт. Темите на разговор се спортот и видовите на спорт. Друго, во обложувалниците е многу мала сумата на финасии која се вложува. Обложувачниците се место за забава, игра и социјализација. Во одредени мали места каде нема кафулиња обложувалниците се единствени места каде луѓето може да седнат, да поразговараат и да се дружат.

Што се однесува до младите, мора да бидеме свесни дека кога станува збор за нивните навики, најголемо влијание има средината во која растат и се развиваат, потоа образованието и навиките кои ги стекнуваат. Токму затоа, сметам дека се потребни повеќе едукативни кампањи, во кои директно ќе се вклучат родителите и образовните институции. И ова е нешто кое ние како Асоцијација сме подготвени да го помогнеме, бидејќи навистина сакаме да придонесеме за нашата младина.

Барањето на асоцијациите кои се борат против коцкањето е да се одалечат објектите од училиштата и верските објекти. Ова ќе помогне да не се изложуваат децата на оваа навика. Ќе го прифатите ли барањето?

Децата мора да се заштитат, но тоа може да се направи само со доследно спроведување на посточеките закони. Одалечувањето на објектите од училиштата едноставно нема да има таков ефект како што тие очекуваат. Обложувалници има во зградите и во трговските центри. Децата почесто ги гледаат тие кои се под нивниот дом отколку оние околу училиштата. Ниедна анализа или истражување нема потврдено дека навиките за обложување се менуваат ако објектите се одалечат, туку преку едукација и регулација. Ние ја разбираме загриженоста и сме целосно подготвени да соработуваме. Но овие предлози едноставно нема да донесат резултат каков што тие очекуваат.

Но некои сметаат дека законот ќе има ефект и ќе го намали обложувањето и парите кои граѓаните трошат на ова. Дали се согласувате со ова?

Ова воопшто не е точно. Напротив, носењето на овој закон ќе создаде контраефект. Прво, ја отвора можноста за отворање на диви обложувалници. Најлошо што може да се случи за нашите млади и за нас како општество е да дозволиме да се развие сива економија и да ги оттурнеме нашите граѓани да бараат алтернативни начини за играње. Во овој случај, ниту ќе имаме контрола врз играта ниту начин да се заштитат играчите.

Второ, играта ќе се префрли на интернет. Во моментов не е дозволено играње на интернет кај нас, што значи дека граѓаните ќе играат на меѓународни сајтови. Со ова нема да го намалиме играњето, туку само државата ќе нема приход од тоа. Тоа е целосно нерационално.

За крај, никаде во Европа, каде имало регулирана индустрија како што е кај нас, не се донел ваков закон кој би ја затворил целата индустрија, туку се одело со дорегулација. Ова е така затоа што тие се свесни дека доколку нешто се укине, тоа најчесто се враќа во нелегална форма. А новиот закон, онака како што е предложен значи буквално укинување на целата индустрија.

Спроведувањето на законот во Албанија наиде на многу позитивни критики кај граѓаните, зошто и кај нас да не биде така?

Ситуацијата воопшто не е споредлива, еве зошто. Воведувањето на новиот Закон во Албанија беше со цел да се регулира сивата економија и дивите обложувалници, која беше голем проблем во државата. Тоа воопшто не е случајот тука. Нашата индустрија е строго и прецизно регулирана. Нема воопшто сива економија околу оваа индустрија во моментов, што значи кај нас ваквото нешто воопшто не е потребно. Државата ризикува од прецизно регулиран систем да направиме нерегулиран.

Исто така, во однос на Албанија, се уште не е утврдено како новиот Закон се одразува врз ситуацијата таму. Единствено што е очигледно сега е дека се затвораат обложувалници и се губат работни места. Ако ги земеме за пример другите земји од регионот и пошироко, може да се заклучи дека забрани, неразумни и штетни регулативи најчесто се избегнуваат. Така на пример, при обидот за забрана на спортки обложувалници во Црна Гора формирана е граѓанска организација која го држи ставот дека власта не смее да го регулира слободното време на граѓаните, а поддршка добија и од поранешниот претседател на уставниот суд таму.

Проектот ALICE RAP, кој е поддржан од Европската Комисија, истакнува дека има бројни предности од соодветно регулирање на индустријата на игри на среќа, кое ќе поттикне развој на секторот. Такви се на пример намалување на криминални активности, подобра заштита на играчите и малолетни лица, воспоставување активности и програми за одговорно играње, поголема поддршка за други индустрии, поголема вработеност и влевање значителни средства во јавниот буџет.

Кажете ни нешто повеќе за вашите активности како Асоцијација.

Нашата Асоцијација е силно посветена да придонесе за општеството. Благодарение на индустријата на игри на среќа и компаниите здружени во Асоцијацијацијата на спортски обложувалници на Македонија, обновен е теренот на игралиштето „Женска плажа“ во Струга, кој го носи името на македонскиот ракометен херој Наумче Мојсовски. Во тек на кампањи организирани за време на светското првенство во фудбал и светското првенство во ракомет, собравме средства со кои беше набавена современа медицинска опрема за Детската универзитетска клиника и КАРИЛ, која им беше навистина неопходна. Исто така, при неодамнешната трагедија во која загинаа 14 лица во автобуската несреќа на патот Скопје – Тетово дониравме над милион денари за семејствата на настраданите. Покрај овие активности, секоја од членките помага во многу спортови и спортски клубови. Малумина знаат дека 3% од приходот во буџетот кој доаѓа од нашата индустрија се наменети за агенцијата за млади и спорт и дирекни инвестиции во спортот. Така што, нашата индустрија во целост има позитивен ефект врз буџетот но и развојот на младите и спортот во нашата држава. Подготвени сме за соработка со сите засегнати страни за уште повеќе да се вложува во младите и да се заштитуваат од негативни општествени појави.

Што ако сепак се властите го донесат законот?

Ние како Асоцијација сме подготвени да седнеме на заедничка маса со ресорното министерство и да соработуваме со цел да изнајдеме заедничко решение прифатливо за сите. Остануваме цврсто на ставот дека предлог измените во законот за одалечување на обложувалниците нема да го намалат обложувањето и подготвени сме тоа аргументирано да го образложиме.

Ние сме уверени дека единствено прифатливо решение би било она кое нема да биде ниту на штета на индустријата, ниту на штета на вработените, ниту на штета на државата, бидејќи уште еднаш би сакал да потсетам дека нашата индустрија во државниот буџет генерира сериозен приход.

Доколку сепак тоа се случи, ние како Асоцијација сме подготвени да ги искористиме сите расположливи механизми за да ја зачуваме индустријата, но и да ги задржиме вработените на работа и во државата. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг