Контроли на јавниот превоз по несреќата кај Ласкарци, откриени 35 возила со неисправни сопирачки

Макфакс

21/03/2019

20:06

2.372

Големина на фонт

а а а

По смртоносната автобуска несреќа кај Ласкарци, вчера во неколку општини била спровдена акциска контрола за техничка исправност на возилата кои вршат јавен превоз на патници (автобуси, минибуси и такси комбиња), соопшти МВР.

При контролите откриени се повеќе неправилности кај возилата, а во делот на сопирачките, само во Тетово, 25 возила, превезувале патници со неисправни сопирачки.

Тетовската полиција со контролата опфатила 128 возила, од кои пет имале неисправен уред за управување и едно недостиг на опрема. Поради констатираните недостатоци, од сообраќај биле исклучени 30 возила, на 37 возачи изготвени им се прекршочни платни налози, а на осум барања за поведување на прекршочна постапка.

Акциска контрола била спроведена вчера и во Штип, каде биле контролирани 57 возила. Кај девет од нив била утврдена неисправност на уредот за запирање, кај едно неисправен уред за управување, додека две возила не извршиле вонреден технички преглед. 

Во Охрид, Струга, Кичево и Дебар биле контролитани вкупно 111 моторни возила за јавен превоз на патници. Тука, констатирани биле вкупно осум неисправности, од кои шест во Охрид и две во Кичево-два, од кои еден неисправен уред за запирање. При акциските контроли, од сообраќај се исклучени осум возила. Во акција во Струмица, 25 возила биле испратени на вонреден технички преглед, по што кај седум возила биле констатирани прекршоци за кои се издадени седум прекршочни патни налози. 

Во несреќата кај Ласкарци, животот го загубија 16 лица. Според последните информации од Обвинителството, причина за несреќата биле неприспособена брзина и неисправните сопирачки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг