Калифатот уништен по 5 години борба: Во Сирија повеќе не постои територија на ИСИС

Точка

22/03/2019

21:31

4.747

Големина на фонт

а а а

Белата куќа денес соопштила дека комплетната територија која ИСИС некогаш ја контролирала во Сирија е ослободена од екстремистите, иако американските службеници наведуваат дека продолжуваат борбите меѓу силите на меѓународната коалиција и остатокот од терористите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес рекол дека дошло време Исламската држава повеќе да не контролира ни дел во тој регион, по 5-годишната воена кампања на САД и сојузниците. 

Во текот на тие операции биле фрлени повеќе од 100.000 бомби и загинале непознат број на цивили. Трамп на новинарите им покажал мапа од Ирак и Сирија на која се гледа дека екстремистите на ИСИС повеќе не контролираат ниедна територија во регионот.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, рекла дека калифатот на ИСИС е елиминиран 100 проценти и додала дека Трамп добил извештај за развојот на ситуацијата од вршителот на должноста американски министер за одбрана Патрик Шенехен.

Американските службеници, запознаени со ситуацијата на теренот, рекле дека Сириските демократски сили, кои ја имаат поддршката од САД, и натаму се борат против последните екстремисти кои се кријат по тунели во Багуз и одбиваат да се предадат.

Службениците навеле дека СДФ не прогласиле победа и дека за денес не е планирано такво нешто.

Падот на последното упориште на џихадистите во Багуз би означил крај на самопрогласениот калифат на ИСИС, кој на врвот на својата моќ заземал големи делови од Сирија и Ирак.




Спонзорирани линкови

Маркетинг