Идеите се околу нас само треба први да ги препознаеме и пренесеме на вистинското место

BalkanInsight

29/03/2019

11:50

8.763

Големина на фонт

а а а

Д-р Огнен Ивановски – хирург уролог при Универзитетската клиника за урологија и научен соработник при Медицинскиот факултет во Скопје, веќе 15-тина години своето знаење и практични вештини ги пренесува на своите студенти од последната година на студии, како и на специјализантите по урологија или хирургија.

Моќта на грлото и гласот кој го произведувате е од клучно значење во секојдневната комуникација, но од уште поголемо значење е за луѓето кои преку својата професија пренесуваат знаење, позитивна мисла, мотивација за напредок и усовршување. Во оваа насока, Септолете тотал и оваа недела закажа интересен соговорник чија работа и секојдневие е поврзана токму со подучувањето и мотивацијата. 

Прашањата и одговорите ни одеа спонтано и лесно, претпоставуваме голем удел во ова имаше и неговото менторско искуство и блиска соработка со студентите. Разговорот одеше во насока токму на двонасочната комуникација и на предизвикот да се инспирираат идните докторски сили, да им се пренесе знаењето и да им се „отвори“ апетитот за натамошна надградба.

Овој интересен разговор ви го пренесуваме во продолжение:

1. Д-р Ивановски, за почеток на овој разговор раскажете ни како изгледа да си во блиска соработка со овие млади и надежни доктори кои допрва треба да ја градат својата кариера. Какви очекувања се обидувате да им пренесете за професијата во која веќе загазиле?

- Пристапот е различен во зависност од тоа дали се работи за студент на крај на студиите на Медицинскиот факултет или специјализант по урологија или хирургија. Начелно, студентите ги мотивирам да заминат во странство барем првите години од докторската кариера и да направат магистериум или докторат надвор или да завршат специјализација. 

Поттикнат од сопственото искуство, длабоко верувам дека на тој начин ќе им се отворат „чакрите“ во секој поглед и ќе бидат многу понапред пред колегите кои останале тука. Едноставно разликата не може да се објасни со зборови, но е голема. Потоа можат да одлучат дали да се бават со клиничка медицина дома или во странство, дали со базична наука или пак ќе се пробаат во фармацевтската индустрија. Тоа што треба да се разбере е дека кариерата почнува со докторат, а не е завршен чин пред пензија како што тоа се подразбира кај нас. Што се однесува до специјализантите, пристапот е истите да добијат што повеќе интервенции под мое менторство со цел да станат самостојни хирурзи, да не се плашат и да се спремни за сите предизвици по завршување на специјализацијата.


2. Имате денови во неделата кога сте по неколку саати во операционата сала, при амбулантските прегледи имате можност и лично да поразговарате со вашите пациенти, а дел од времето им го посветувате на студентите, би рекле дијаметрално различни по сензибилитет активности. Која ви е вам најомилена?

- Точно е дека се различни по сензибилитет, но сепак се дел од една целина. Од амбуланта дискутираме индикации и регрутираме пациенти за хируршка интервенција, во операциона сала ги оперираме и сето тоа пред очите и ушите на специјализантите и студентите. Најинтересен за мене е креативниот процес од целата работа, а тоа е преточување на практичното искуство во оригинален текст, студија, презентација или видео запис. Тоа е тоа што се учи во докторските училишта во странство и токму тоа ја прави една установа универзитетска. Во Франција самото училиште ве модулира и ве учи како да размислувате. Едноставно ви ја поттикнува креативноста и ве прави оригинален и успешен на меѓународната сцена. Професорите таму работат на стаорци, глувци, муви или риби само за да бидат оригинални и да публицираат во списание со фактор на влијание, да остават некаков белег во светската медицина. За жал, токму тоа недостасува на нашиот факултет. Професорите размислуваат ригидно, не се креативни и обично се недостапни за своите студенти. Вината за тоа често се препишува во немање средства, но во суштина не е до тоа. Мојот ментор во Париз знаеше да каже: Научните идеи се универзални и не припаѓаат никому додека не се публицирани. Идеите се околу нас само треба први да ги препознаеме.

3. Како ментор и професор, дали имате тенденција на студентите да им ги пренесете реалните очекувања за професијата што ја одбрале или пак ги мотивирате и сакате што повеќе да ги навлечете на урологијата само преку позитивните аспекти кои ги носи вашата професија?

- Практично студентите многу добро ги познаваат реалните очекувања за професијата. Патот е тежок, макотрпен и долг, поготово во хирургијата. Моја задача е да го пренесам знаењето најдобро што можам, а изборот на специјализација како и земјата каде би специјализирале е секако нивeн. Што се однесува до специјализантите, тие се веќе „навлечени“ на урологијата. Јас само пробувам да им ги отворам чакрите исто како што мене ми ги отворија во Париз.


4. Своето знаење и искуство го споделувате на вашиот „youtube“ канал каде бележите сериозен успех. Што тоа значи за професионалците од вашата фела? Дали споделувањето на личното знаење и искуство е значајно за нив?

- Искрено и јас бев изненаден од импактот и гледаноста на тој канал, поготово од колегите од странство. Специјализиран сум за реконструктивна урологија, генитална и трансексуална хирургија и сум единствен во земјата стручен во тој сегмент. Специјализирав кај проф. Мирослав Ѓорѓевиќ во Белград, еден од најдобрите во светот. Бидејки секоја хируршка интервенција во таа патологија е предизвик, пробувам да ги снимам клучните потези и да ги објавувам на мојот канал во едукативни цели. Токму мотивиран од популарноста на каналот, неодамна предложив и формирање на нов оддел на Универзитетската клиника за уролгија со назив „Оддел за реконструктивна урологија, андрологија и сексуално здравје“ и истиот е одобрен и е во постапка на формирање. Како релативно нова гранка во урологијата, сметав дека тој оддел недостасуваше во целокупното функционирање на клиниката. Гледаноста на каналот и неговото влијание во едукацијата на други колеги од светот неодамна го публицирав во вид на научен труд со наслов: „Дали youtube може да претставува едукативна алатка во хирургијата?“

5. Вашето професионално доусовршување имавте ретка можност да го реализирате на Шестиот париски универзитет „Пиер и Марија Кири„ („Pierre et Marie Curie“), кој е рангиран во први 100 на Шангајската листа на најдобри факултети во светот, како и во првите 10 во светот по инвентивност и креативност. Заминавте на постдокторски стаж во Јапонија каде престојувавте речиси една година. Кои се вашите сеќавања од тамошните професорски авторитети? На кој начин тие ја всадија во студентите страста за она што понатаму ќе биде нивна секојдневна преокупација... Со какви впечатоци се вративте?

- Главната порака или лајт мотив кој ми е всаден после моето француско, а поготово после јапонското искуство, е дека стручната борба треба да ја преместиме од собата за состаноци и ходничињата на клиничкиoт центар на меѓународна сцена. Само тоа претставува вистински доказ за квалитетот на тоа што го создавате. Кога ќе го сфатите тоа, станувате имуни на кулисните муабетчиња и собиранките по кабинети и едноставно ви станува сеедно кој што кажал, дали кафето ви е донесено топло или дали сестрите ви дале добри инструменти или конци. Секој си ја врши работата најдобро што знае, а наша работа е да им помагаме на пациентите, да публицираме и да пробуваме да сме релевантни и што поприсутни на меѓународната сцена. Во Франција професорите се многу обични и ослободени од суета. Имаат мали и скромни кабинети. Отворени се и достапни во секој момент. Како за пример, Франција има 60 милиони луѓе и 60 академици. Ги викаат „les immortelles“ или бесмртните. Ако ви кажам дека секој ден одејќи на работа се возев со еден од тие 60 академици во лифт, кој притоа го знаеше моето име, ме прашуваше како сум и ми даваше предност да излезам прв, а еднаш неделно ми даваше стручни совети и забелешки. Ми требаше време да го сфатам и да го процесирам, тоа и ден денес за мене претставува животна лекција и рол-модел како јас да постапувам со моите студенти и моите пациенти. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг